Христијан Јанкулоски од ХОПС, Елизабета Божиновска од Хера и претставник од Заедно посилни, остварија средба со новиот министер за здравство господинот Арбен Таравари. Тие го запознаа министерот за здравство со ситуацијата на програмите за намалување на штети, за нивната голема улога во одржување на ниска преваленца од ХИВ и туберколоза и од потребата за итно решение за одржливоста на програмите за намалување на штети. Центрите каде се нудат сервисите за поддршка на сексуалните работници, лицата што инјектираат дроги, лицата што живеат со ХИВ и останатите маргинализирани заедници од наредниот месец се во ризик од затворање. Претставниците со министерот разговараа за тоа што треба итно да се направи за да не се стави клуч на овие сервиси, и како долгорочно во иднина да се обезбеди стабилно финансирање.
Платформата за ХИВ за овој проблем алармира од лани, бидејќи овие сервиси, за поддршка кои ги водат 15 невладини организации во 14 града во земјава, веќе нема да добиваат финансиска поддршка од Глобалниот фонд кој ја стави Македонија на листата на земји со среден приход. Тоа значи грижата за сервисите ќе згасне, а со тоа нема да се случува бесплатното и анонимно ХИВ тестирање, прегледите во гинеколошките ординации, бесплатната правна и социјална помош, бесплатни кондоми и чист прибор за инјектирање дроги, бесплатното советување. По заминувањето на Глобален фонд, оваа задача требаше да ја превземе државата, меѓутоа место поддршка овие сервиси наидоа на скратен буџет за превентивните програми од страна на Министерството за здравство.
Министерот Таравари изјави дека со претставниците на здруженијата ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни, разговарал за повеќе аспекти на здравствената заштита, кои ги засегаат овие ранливи групи. На состанокот било договорено да се формира работна група, која ќе работи на на решавање на проблемот, а во неа да учествуваат и претставници од невладните организации. А со овие потези да се сочува лидерството во ниска преваленца на ХИВ и туберколоза.