Ивана Балтовска е магистер по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Магистрираше на тема „Профил на сторител на кривично дело силување“, а моментално работи како проектен координатор во невладината организација „Џастис дифендерс“ („Justice Defenders“) − Радовиш. Член е на ЕЛСА (European Law Students Association), на Здружението на млади кривичари, како и на Здружението за кривично право и криминологија.
Микродозирање, дозирање, предозираност, доза… Многу поими кои на прв поглед ни изгледаат слично, а се толку различни и некогаш не успеваме да ги разграничиме. Но, овој пат акцентот го ставаме на микродозирањето кое е многу актуелно во последно време, а никогаш точно не сме го сфатиле неговото значење, па така со овој труд ќе се обидеме да ја доловиме вистинската слика за микродозирањето.
Дефиниција на поимот микродозирање
Пред да го дефинираме поимот микродозирање, неопходно е да го разграничиме од поимот „предозираност“ со цел да добиеме појасна слика за овој поим. Предозираност во организмот настанува кога внесуваме поголема количина од некоја супстанција и во тој случај организмот покрај тоа што го манифестира ефектот од супстанцијата, манифестира и негативни ефекти. На пример, внесуваме поголема доза на апче за притисок, не само што ќе го спушти притисокот туку и енормно ќе го спушти и ќе дојде до несвестица. Микродозирањето подразбира внесување одредена доза на супстанција, меѓутоа не гледаме или не можеме да детектираме ефект бидејќи ефектот настанува само на клеточно ниво и не се манифестира на организмот. Кај микродозирањето има само минимизирани несакани ефекти кои е многу тешко да се забележат за разлика од предозирањето каде што добиваме сосема спротивен ефект.
Поголемиот дел од луѓето микродозираат со различни супстанции, но најголемиот дел од нив експериментираат со консумирање на мали количини на психоделични супстанции како што се одредени психотропни супстанции и дроги: ЛСД, трева, како и други психоделици.
Придобивки од микродозирањето Постојат повеќе причини поради кои лицата микродозираат, а според Институтот за микродозирање во САД постојат над 30-тина причини, а неколку од нив се наведени како најзастапени. Голем дел од лицата микродозираат за да ги ублажат или намалат проблемите кои ги имаат со менталното здравје, проблеми со кои често се сретнува речиси секој, како што се: депресијата, анксиозноста, проблемите во расположението, како и биполарното растројство. Менталното здравје е исто толку важно колку и физичкото здравје, па така лицата кои микродозираат на тој начин влијаат врз подобрувањето на своето расположение. Иако тоа можеби и не е трајно решение, медицинските придобивки поврзани со менталното здравје се сепак видливи. Исто така се покажало дека на голем дел од лицата кои микродозираат, микродозирањето им помогнало за зголемување на концентрацијата и на продуктивноста. Во последно време е познато микродозирањето со ЛСД кое значително ја зголемува продуктивноста и илјадници испитаници во светот тврдат дека ова микродозирање предизвикува острина на умот и дека им помагало да ја гледаат големата слика наместо постојано да се фокусираат на малите детали, согласно истражувањето спроведено во 2020 година од Институтот за микродозирање во САД. Секако, мора да напоменеме дека тоа различно влијае на секој организам бидејќи секој организам е различен, меѓутоа кај голем дел од лицата кои микродозираат тоа се одразило на позитивен начин врз нивната продуктивност и подобра концентрација. Секако, секогаш е добро да се имаат предвид позитивните и негативните страни на микродозирањето.
Однос микродозирање − право
Со оглед на тоа дека луѓето најчесто микродозираат со психотропни супстанции, мора да ја разгледаме правната рамка во нашето законодавство со цел да дознаеме дали микродозирањето е легално или не. Нашиот Кривичен законик, со цел да ги заштити јавното здравје и безбедноста, што претставува главен објект на заштита на кривичните дела против здравјето на луѓето, ги инкриминира сите оние поведенија кои се поврзани со употребата, користењето и препродажбата на дроги и психотропни супстанции и прекурзори.
Набавувањето на психотропни супстанции за свои употреби, како што е во овој случај, се одвива на нелегален начин токму поради тоа што нашето законодавство не ја регулира таа трговија. Затоа е тешко да се утврди од каде била набавена конкретната супстанција, што самото по себе претставува кривично дело. Но, од друга страна, кога ќе ја разгледаме приказната од поинаков агол, нема ништо лошо или забрането во тоа да внесуваш одредена супстанција во организмот за да се чувствуваш подобро, доколку не им нанесуваш штета на другите, нели? Во нашето законодавство постои правна празнина што се однесува до овој дел, односно не постои законска одредба која детално би го регулирала микродозирањето. Доколку би се анализирале предностите, целта и употребата на супстанцијата, микродозирањето, како посебен облик на внесување на супстанција во човечкиот организам, би требало да остане надвор од криминогената зона и да се декриминализира. За жал, микродозирањето во нашава држава сѐ уште е казниво и не е легално, пред сѐ поради тоа што до тие супстанции не може да се стигне по легален пат.
Микродозирањето и уметноста „Ars longa, vita brevis“ − Животот е краток, но уметноста е долга. Уметноста нема крај, има само почеток. Но, ниту целиот живот на овој свет нема да биде доволен за да ја практикуваме уметноста било како творец било како „корисник“. А за уметноста потребна е креативност, неуморлива и нескротлива креативност која некогаш ја имаме, а некогаш не. Токму микродозирањето може да биде еден двигател, поттик, една искра која ќе ја распламти креативноста што се наоѓа некаде длабоко во секој од нас. Психоделиците биле инспиратор на работата на уметниците низ минатото, на писатели, на музичари, на сликари и така натаму, а нивното креативно влијание врз денешницата оставило голем впечаток. Типичен пример за ова бил и познатиот Едгар Алан По, маркантен писател кој со своето творештво одбележал една цела книжевна ера, особено со неговото дело „Гарванот“ кое го пишувал под дејство на опиум, а кое било посветено на неговата љубена. Самиот Алан По својата креативност ја црпел од својата несреќа, но неа ја зголемувал токму преку микродозирањето кое му помогнало да ја зголеми својата имагинација и да генерира нови идеи.
Општествени предизвици Се чини дека голем дел од луѓето, особено на Балканот, како и во нашава држава, не се запознаени со значењето на овој поим, неговите карактеристики, како и потенцијалните придобивки на микродозирањето. Сѐ што е во границите на нормалата е нормално и дозволено, проблемот настанува тогаш кога ќе се претера, во овој случај кога ќе се претера со земањето на „дозата“. Сѐ додека знаеме и можеме да се контролираме, микродозирањето не претставува проблем, туку баш напротив – може да има дури и позитивни ефекти како што и напоменавме погоре: врз нашето расположение, креативноста, продуктивноста и така натаму.
Едукативните кампањи и програми, како дел од неформалното образование, би можеле многу да помогнат во навременото информирање на лицата за значењето на овој поим, придобивките, но секако и последиците, со цел поголем број лица да се информираат за оваа појава. Светот се менува, оди напред, а ставот на луѓето кон микродозирањето, особено во западниот дел на Европа и глобално гледано на светско ниво, се менува и сѐ повеќе држави имаат добар пристап кон оваа појава.
Во општеството во кое живееме ние, преполно со стереотипи, предрасуди, догми и мислења кои се вкоренети во нашиот менталитет уште од далечниот среден век, ставот кон микродозирањето и не е баш позитивен. Лицата кои микродозираат веднаш се етикетираат со пејоратив − „наркомани“, „зависници“ и други погрдни имиња, и од старт се отфрлени од целото општество и заедницата и притоа веднаш се имплицира теоријата на етикетирање врз овие лица. Самата стигматизација дејствува како уште еден негативен фактор, но мора да се потрудиме да се движиме напред, во чекор со светските трендови и потребите на денешницата, бидејќи микродозирањето постоело, постои и ќе постои, а ние мора да го прифатиме.
Користена литература: Арнаудовски, Љ. 2007, Криминологија, Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Штип, Скопје. Кривичен законик. 2017. Трето, изменето и дополнето издание, Скопје. Национална стратегија за борба против дрогата 2014−2020 година, достапно на: https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/strategii/strategija-za-opojni-drogi-2014- 2020.pdf