За Теа Шалдева не треба посебен вовед. Верувам дека сите ја знаете девојката од Скопје маало, која веќе 15 години неуморно тераписки ја лекува својата околината со микродози на музика што значат живот. „Она бугејша“ (Onna-bugeisha) која, како што вели самата, микродозира со тотална посветеност и внимателно го бира секое камче на музичкиот мозаик со кој нѐ почестува еднаш месечно во својата емисија на АМОК Радио.
Разговорот го водеше Елеонора Стојановиќ
Е. С.: Теа, добредојде! Помина година дена од кога ја водиш емисијата Микродозирање (Microdosing) на АМОК Радио, некаде од април минатата година. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за концептот на емисијата и зошто токму Микродизирање, од каде инспирација за таков наслов?
Tea: „Микродозинг“ (Microdosing) е името на издавачката куќа на „Фантастик твинс“ (Fantastic Twins), артистка која не само што ми е музички инспиративна туку е и специфичен пример на музичарка која го заобиколува бруталниот „индустриски стандард“ наметнат врз денешните артистки и артисти. Понатаму, конципирајќи ја емисијата, името совршено ми се вклопи на начинот на кој јас ја третирам музиката − како нешто кое ми е свето од кога знам за себе. Ги гледам мојот час-два на Амок Радио како мал чамец за спас од океанот кој изобилува со потпросечни содржини. Ништо чудно − морам да признаам, проживеавме карантин кој беше особено немилосрден кон музичката и клупска сцена, а и да бидеме реални, локално нѐ има најмалку 2 диџеи по глава на жител. Трендови секогаш доаѓале и секогаш си одат. Јас веќе правев музика подолго време, па така и почнав да пуштам, инаку најверојатно немаше да ми падне на памет.
Е. С.: На кој начин ги бираш состојките со кои ги подготвуваш следните дози на музичкото микродозирање и кое е твоето ултимативно искуство што сакаш да го постигнеш?
Теа: Микродозирам со вистинска љубов кон овој нераскинлив дел од мене, со војничка посветеност и професионалност кои се моја отворена борба против плиткоста и паушалноста. Верувам дека тие нѐ спречуваат да креираме заедници, но се совршени за градење пријателски секти во кои главна 2 дисциплина е ‘circlejerking’. Понатаму, би морала да ја споменам „Фак фејк“ (#FuckFake), рубрика која е дел од Микродозирање (Microdosing). „Фак фејк“ (#FuckFake) е рубрика која е посветена на вистинските чинители на една музичка сцена, на локалните артисти. На моја покана, секој месец првиот час од емисијата е отстапен на артист или бенд кој свири концерт во живо. Ги бирам оние со ист жар и искреност кон создавање на музика, артисти за кои, и покрај околностите, не постои поинаков избор. Можеби за вкусовите не се расправа, ама за стандарди и тоа како би морало да се расправа. Се држам себеси до високи стандарди и ова е за мене единствениот начин на кој треба да се прават работите.
Е. С.: На 14 јуни имавме можност да те слушнеме во живо со својот авторски проект (Galatheia), првпат по цели 5 години. Во меѓувреме си активна како диџејка, вокалистка и соработуваш со различни музичари, продуценти, уметници… Како изгледа ова твое патешествие и што е тоа што те инспирира, од каде црпиш енергија?
Теа: Селекцијата на туѓа музика и миксањето, колку и да ми се драги, се сосема поинаква приказна од трудот вложен на сопствените песни. Патот е долг, има многу свиоци, потребен е труд, потребно е да не забораваш да си играш, а во исто време да останеш самокритичен. Најмногу од сѐ, потребна е неуништлива конзистентност. Ако не си влезен во оваа луда и прекрасна приказна без детско љубопитство и порив на кој немаш избор дали ќе му се предадеш или не, најверојатно ќе се исфрустрираш прилично брзо. Без конзистентност и борба со самиот себе, пак, на ниедно ниво, ниту индивидуално ниту на ниво на заедница, не постои прогрес. За да се здобиеме со колективна самопочит, култура на споделување ресурси и знаење и да ја скршиме моменталната матрица, љубезноста и конзистентноста се најважни. За жал, ми се чини имаме уште многу работа, духовна и секаква.
Е. С.: Како ја гледаш музичката сцена во моментов во Македонија? Постојат ли квалитетни бендови и имаат ли поддршка за тоа што го прават?
Теа: Овде секогаш имало и секогаш ќе има квалитетни музичари. Зачудувачки е колку талентирани музичари и продуценти познавам само јас. Понекогаш ми е жал што поради ред причини во кои нема да навлегувам, знам дека живеат во исцрпувачки пркос на една демотивирачка средина. Премногу често зборот на газдата на локалот или неговиот назначен менаџер е конечен. Се разбира, сите тврдат дека сосема ја поддржуваат сцената, а често се деструктивни појави на истата таа сцена. Ги обожавам сите оние кои не се скроени така за да можат да го поништат сопствениот авторски, па и човечки интегритет. Поголемиот дел функционира со секташење, интерни договори и љубезни насмевки. Постојат луѓе со извесна моќ и ресурси кои го злоупотребуваат тоа што само се нашле, а не ја изработиле позицијата во која се. Со своите избори и проценки, тие потценуваат нечија целоживотна посветеност на музиката, дали од незнаење или од ситни малограѓански страсти.
Е. С.: Накратко, ако воопшто може накратко ☺, да ни кажеш на што работиш во моментов во твојата музичка лабораторија и што е следно што може да очекуваме?
Теа: Моментално работам на гостински микс за „Каунтертераизам“ (Counterterraism), музичка платформа од Вилнус, Литванија, и за тематскиот серијал миксови „Спел каст“ (Spell Cast) на „Мана абанданс“ (Mana Abundance), издавачка куќа од Берлин, Германија, која е најава за понатамошна соработка, т. е. авторско издание на Галатеја (Galatheia). Тука е и соработката со издавачката куќа (Jane Musica) која спојува артисти од различни краишта на светот со вокалистки во колаборативни изданија. Мои вокали ќе фигурираат во музиката на Улисес Ариета (Ulises Arrieta), млад продуцент од Мексико. Наесен имам издание за „Белиденс сервисис“ (Bellydance Services), виенска издавачка куќа, на кое соработувам со младата руска артистка Анастасија Земс (Anastasia Zems). Во почетокот на септември ќе гостувам во Нови Сад со настап на фестивалот Калеидоскоп на културата (Калеидоскоп Културе). Сѐ уште имам само неколку демоа низ компјутер и идеи низ глава, но планирам да започнам да го пишувам мојот втор албум кој ќе биде повторно на македонски јазик. Исто така, во октомври оваа година, одбележувам 10 години од моето прво издание (All We Ever Wanted Was Everything), по кој повод составувам издание со ремикси од неколку одлични артисти, па се надевам и прослава. 🙂
Е. С.: Употребата на психоактивните супстанции отсекогаш била дел од електронската денс сцена. Долго време си присутна на клупската сцена во Македонија и сакам да те прашам колку луѓето што ги употребуваат овие супстанции се вистински запознаени со ефектите и последиците од нивната употреба и дали сметаш дека има потреба од некакви информативно-едукативни кампањи или директна работа на терен на фестивалите и во ноќните клубови?
Теа: Живееме во време на интернет, каде што за сѐ има достапни информации. Сепак, мислам дека луѓето најмногу веруваат на искуствата на други луѓе. Веќе е јасно дека во училиштен контекст информациите не допираат до младите луѓе така што дефинитивно треба да постојат повеќе адаптирани иницијативи кои би ги примиле од светот. Последно што читав е дека според повеќе научни студии, една од најкористените супстанции на музичките фестивали, таблетите екстази, содржат многу висока концентрација на активната молекула МДМА. Поради тоа на поголемите фестивали има пунктови каде што анонимно можеш да ја тестираш сопствената таблета за да знаеш што има во неа и како да ја дозираш, па да не се доведеш во ситуација каде што ќе треба да се интервенира медицински. Акциите на соодветните институции би можеле да бидат повеќе во насока на „како да се модулира наместо да се лечи“.