Мери Стојановска е 5-та година студент на УКИМ, Фармацевтски факултет, Скопје. Дел од своите студии ги помина во Љубљана, Р Словенија, а по нејзиното враќање успеа да се вклучи во семинари поврзани со ботаника, фармакогнозија и фитотерапија. Моментално е вработена во американска софтверска компанија чија цел е придонесување за подобро здравје на пациентите. Зборува течно англиски, шпански, италијански, српски и хрватски јазик.
Микродоза − макроудар. Денес сѐ повеќе сме изложени на штетните ефекти на околината во која живееме, но за какви штетни ефекти зборуваме? Загадување на водата, на средината или употреба на супстанции кои понатаму резултираат со оштетување на една личност? Овој пристап има еден ефект кога се користи во медицината, но друг кога не е така. Која е разликата?
Што е микродозирање? Самиот пристап, медицински, претставува аплицирање на суптерапевтски концентрации на одредена супстанција, но доволни за да испровоцираат реакција во организмот, некаде меѓу 10 до 20 μg. Супстанции кои најчесто се микродозираат се психоделиците. Самиот збор ни кажува дека дејствуваат врз централниот нервен систем и даваат ефект на зголемена ексцитација (функција) на нервните клетки. Интересот за микродозирање порасна заедно со слични практики како што се употребата на „паметни лекови“ и ноотропни супстанции, исто така бустери на активноста на нервниот систем.
Микродозирањето во медицината и пошироко Можеби досега овие супстанции на некој начин се гледаа како социјална стигма, но со напредокот во медицината веќе земаат замав во терапевтски цели. За тоа се доказ голем број научни студии, меѓу кои и студија предводена од д-р Роланд Р. Грифитс (Roland R Griffiths, PhD) при Универзитетот Џонс Хопкинс во Мериленд, САД (Johns Hopkins University of Maryland, US). Целта на студијата беше анализирање на ефектот на психотропните супстанции врз когнитивните функции и расположението. Станува збор за прва фаза на 2 клинички испитувања, рандомизирана, тројно контролирана студија каде што учесниците се третираат со некоја од следниве психотропни супстанции: ДМТ (DMT − диметилтриптамин), кетамин, псилоцибин и слично. Резултатот е јасен − благо зголемена активност на мозокот и подобрена перцепција. Сето ова се сведува на еден заеднички мотив − зголемување на креативноста. Но, тоа не го толкуваат сите исто. Некои индивидуи микродозираат со цел да се зголемат концентрацијата, продуктивноста, а некои за „решавање“ на проблемите.
Додека овие супстанции се достапни само на црниот пазар за нелегална употреба, сѐ повеќе луѓе сведочат за позитивните ефекти што ги чувствуваат кога ги консумираат. Тука спаѓаат припадници на сите возрасни групи, од тинејџери, средовечни, па сѐ до припадници на геријатриската популација. Карактеристично е и тоа што голем дел од нив не се здравствени работници, па секогаш има ризик од неправилна употреба на супстанцијата. Интересно е тоа што овие супстанции се слични на класичните лекови кои дејствуваат врз централниот нервен систем како антидепресивите и анксиолитиците, но психоделиците даваат многу поинтензивен ефект за пократок временски интервал. Но, што се тоа психоделични супстанции, ноотропици и „паметни“ дроги?
Психоделичните супстанции може да бидат природни или синтетски, познати по тоа што ја зголемуваат активноста на мозокот, некогаш придружени со благи халуцинации. Тука спаѓаат ЛСД и псилоцибин кој спаѓа во групата на алкалоиди или повеќе познат како „магична печурка“. Ноотропиците исто така ја подобруваат когнитивната функција, но со многу мали шанси за развивање на зависност како што се кофеинот и никотинот. Паметните дроги се синтетски супстанции кои дејствуваат како бустери на мозочната функција и често може врз нив да се развие толеранција. Толеранција е момент кога на индивидуата веќе не ѝ дејствуваат вообичаени дози, па како резултат на тоа дозата треба да се зголеми. Тука спаѓа метилфенидат. Но, сега се прашуваме кои се тие психоделични супстанции кои им се толку достапни на младите што веќе стануваат повремена или секојдневна употреба и колку треба да бидеме загрижени. Едната веќе ја знаеме, тоа е марихуаната или ТХЦ (THC − тетрахидроканабинол) како активна компонента која има ефект врз ЦНС (CNS). Канабиноидите припаѓаат на класата на хемиски соединенија наречени терпеноиди, што значи слични на терпен. Овие соединенија се појавуваат како есенцијални масла во многу растенија, а некои се вклучени во формирањето на: витамини, стероиди, пигменти и мириси. Терпените можат да бидат линеарни (како гераниол или цитронела) или циклични како во ТХЦ (THC). Дали можеби ТХЦ (THC) веќе не се смета како штетна супстанција? Дали тоа го оправдуваме со употреба на марихуаната во медицината? На некој начин веќе стана секојдневие консумацијата на оваа супстанција. Очигледно е дека е леснодостапна и може да ја добие секој, во секое време, без разлика на возраста. Доколку трендот продолжи да се оправдува на овој начин, зошто да може да се користи во медицина, а не и заради лично задоволство, тогаш сите дроги ќе бидат леснодостапни и општеството ќе биди подложно на штета.
Што се однесува до магичните печурки кои денес се исто така многу популарни, битно е да знаеме дека тие се нелегални во повеќето земји и не се регулирани како другите фармацевтски производи, што значи дека не постои начин да кажете што добивате кога ги купувате. Печурката псилоцибин е најчест „плен“ кој се модифицира со ЛСД или ПЦП (PCP), што значи дека носи висок ризик за предозирање. Останува да се анализира опасноста од овој пристап. Постои честа заблуда дека халуциногените дроги се релативно безбедни бидејќи не предизвикуваат физичка зависност како другите дроги, како што се бензодиазепините и опиоидите. Невротрансмитерите одговорни за создавање на таква позитивна асоцијација може да стават одредени луѓе на ризик да развијат психолошка зависност. Во основа, зависноста е штетна бидејќи како хронична болест ќе расте и ќе има превласт над другите аспекти од животот. Друга грижа за микродозирањето е дека многу од потенцијалните штети и несакани ефекти се генерално непознати. Многу од тековните студии се спроведуваат со систематско следење на искуствата на луѓето кои веќе микродозираат користејќи анонимен онлајн систем. Ова го отежнува контролирањето на употребата на супстанции кај учесниците и добивањето точни резултати. Наместо тоа, резултатите се потпираат на точноста и на искреноста на извештаите на учесниците.
Како може да го исконтролираме микродозирањето? Веќе е јасно: сѐ повеќе луѓе микродозираат заради една едноставна причина − да си го подобрат расположението. Еден од попопуларните производи врз база на стимулаторни супстанции е употребата на чај познат како ајахуаска. Ајахуаска е растение (лат. Banisteriopsis Caapi, fam. Malpighiaceae) кое е многу достапно во Амазон, па корисниците го комбинираат со супстанции кои содржат ДМТ (DMT) за да има ефект бидејќи ајахуската сама по себе нема халуциноген ефект, дури ни во големи дози. Кога ќе го комбинирате растението ајахуаска со растение кое содржи ДМТ (DMТ) и го консумирате, ефектите се различни отколку ако сте го консумирале ДМТ (DМT) самостојно (пример, со пушење). Алкалоидите хармала во капи (Caapi) видовите придонесуваат за визиите слични на соништата што ги доживуваме кога пиеме ајахуаска. Другите ефекти од пиењето на пијалакот ајахуаска вклучуваат:
• Визуелни и аудитивни халуцинации
• Комуницирање со „духови“ или ентитети
• Соочување со длабоки и лични проблеми
• Чувство на поврзаност со земјата и природата
• Мистични искуства, како да се биде надвор од времето и просторот, неописливи искуства, губење на чувството за себе, искуства надвор од телото, поврзување со „божествено“ присуство
• Интензивни емоции, еуфорија, благодарност, страв и паника
• Нови перспективи. Секако, најдобар начин за контрола на микродозирањето е едукација на популацијата за штетните и корисните ефекти и како неговата примена е најдобра во медицината бидејќи кога ќе се опуштиме и ќе почнеме да бидеме корисници на овие супстанции „само за да се чувствуваме подобро“, тоа оди само во еден правец − зависност и толеранција.
Користена литература: Деми Ад. 5 работи што треба да ги знаете за микродозирање, објавено на 9.6.2021 на DrugsInc., достапно на: https://drugsinc.eu/mk/5-dingen-die-je-moet- weten-over-microdoseren/ Davids Landau Meryl. Can microdosing psychedelics boost mental health? Here’s what the evidence suggests, објавено на: 4.2.2022 на National Geographic, достапно на: https://www.nationalgeographic.com/science/article/can-microdosing- psychedelics-boost-mental-health-heres-what-the-evidence-shows Cherry Kendra. What is Microdosing? Објавено на 8.10.2020 на verrywellmind, достапно на: https://www.verywellmind.com/microdosing-definition-effects-uses- risks-legality-5076107