Метамфетамин – N-methylamphetamine (Mет, Кристал Мет) е потентен долготраечки синтетски стимуланс од фенетиламинска и амфетаминска класа супстанции, кој создава традиционални стимулативни ефекти кај луѓето како зголемена психо-физичка стимулација, зголемена будност, забрзан мисловен процес и интензивна состојба на еуфорија.
Метамфетаминот е првично добиен по хемиски пат од ефедринот во 1893 година од страна на јапонскиот хемичар Нагаи Нагајоши (Nagai Nagayoshi). Метамфетаминот беше во слободна продажба во Германија за време на втората светска војна во форма на таблета под името Первитин кои беа во широка употреба од страна на германските вооружените сили, а особено беа популарни помеѓу пилотите поради стимулативните ефекти и продолжена будност.
Метамфетаминот се наоѓа во кристална и прашкаста форма бела по боја слична на амфетаминот и кокаинот. Се користи со шмркање, голтање, пушење и интравенски. Рекреативно метамфетаминот во ниски до умерени дози подига расположение, зголемува будност, концентрација и енергија, создава еуфорија, засилува сексуална желба, зголемува разговорливост и намалува апетит. Несакани ефекти се зголемено потење, нарушување на спиењето, чкрипење со вилицата, чешање и губиток на тежина. При повисоки дози и кај хронична употреба можат да се јават збунетост, параноја, панични напади, визуелни и аудиторни халуцинации, агресивност, индуцирана психоза, мозочно крварење, оштетување на бубрезите и црниот дроб и потенцијално мозочно оштетување.
За разлика од амфетаминот, метамфетаминот делува штетно врз мозочните структури и функции оштетувајќи ги допаминските и серотонинските неурони. Постојат докази дека долгорочната употреба на метамфетаминот предизвикува намалување на волуменот на сивата мозочна маса во некои региони од мозокот. Хроничната употреба на метамфетаминот е поврзана со зголемен ризик за настанување на Паркинсонова болест.
Секогаш постои ризик од предозирање при користење на метамфетамин кој може да резултира со широк спектар на симптоми и е потенцијално фаталнo во тешки дози и кај хронична употреба. Умерено предозирање со метамфетамин предизвикува симптоми како: неправилна работа на срцето, збунетост, висок или низок крвен притисок, прегревање на телото, појачување на рефлексите, отежнато дишење, тресење на рацете, немир и болки во мускулите. Кај тежок случај на предозирање може да се јават симптоми како серотониснки синдром, психотична епизода, кардиоген шок, мозочно крварење, висока температура, оштетување на бубрезите и мускулните ткива. Грчеви и кома обично претходат кај фатално труење со метамфетамин кој може да резултира со смрт.
Хронична употреба на метамфетаминот е со висок потенцијал за создавање на психичка зависност кај некои корисници. Толеранција на ефектите на ова супстанца брзо се развива со продолжена и честа употреба. Ова резултира со потреба од внесување на повисоки дози за да се постигне оптимален ефект. После прекин од користење потребни се 3 до 7 дена за толеранција да се намали на половина и 1 до 2 недели за да се врати во нормални граници.
Ефикасен третман за лекување на метамфетаминска зависност не постои или е со ограничена ефикасност. Кај корисниците на метамфетамин со развиена зависност, кога нагло ќе се прекине со употреба, многу извештаи укажуваат на појава на кризи во рок од 24 часа од последното користење. Симптомите по прекин кај хронична употреба и високи дози се чести, и се јавуваат кај 87% случаи, траат три до четири недели со типична фаза на психо-физичко “кршење” која се случува во текот на првата недела. Симптоми на повлекување од користење кај метамфетаминот може да вклучуваат вознемиреност, силна желба за повторно користење, нарушено расположение, замор, зголемен апетит, недостаток на мотивација, несоница или поспаност, и луцидни соништа. Депресијата поврзана со повлекување од користење на метамфетамин трае подолго и е потешка од онаа кај повлекување од користење на кокаин.
Метамфетамин хидрохлорид е одобрен како лек за користење кај возрасни и деца од страна на Aмериканската ФДА (Food and Drugs Agency) под името Дезоксин (Desoxyn), кој се користи за трeтман на АДХД (Растројство на нарушено внимание и хиперактивност). Сепак се препишува многу поретко од амфетаминот (Адерал) поради потенцијалните ризици.
СОВЕТИ:
- Доколку се решиш да користиш метамфетамин, внимавај на количините и честотата на користење.
- Ризично е користење на метамфетамин заедно со други стимуланси и во комбинација со антидептесивни лекови поради опасноста од развивање на серотонински синдром;
- Инјектирање ПАС секогаш носи дополнителни ризици како опасност од предозирање, пренесување на крвнопреносливи инфекции (ХИВ, Хепатитис Б и Ц и др.) и други здравствени проблеми.
- Во случаи на инјектирање метамфетамин се препорачува примена на практики за намалување на штети и упатства и постапки за безбедно инјектирање.
- Најдобро е да се прават паузи помеѓу две користења (денови, недели) заради можноста за создавање толеранција, навика на користење и потенцијална психичка зависност.
- Кај лица со висок крвен притисок метамфетаминот може да предизвика оштетување на бубрезите и срцев удар.
- Внесувај доволно, но не премногу течности кога користиш метамфетамин.
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.