На 08 јуни 2017 година, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје организираше стручна тркалезна маса на тема „Медицинска употреба на коноп во Македонија“. На тркалезната маса учествуваа лекари од медицински гранки засегнати со проблематиката, како и специјалисти кои се занимаваат со научно-истражувачка работа поврзана со медицински коноп.
Присутните ги поздравија измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции од февруари 2016 година како добра основа кон овозможување на легалена рамка за употребата на медицинскиот коноп во Македонија и сузбивање на црниот пазар. Но истовремено порачаа дека законот е жива материја и треба да се менува согласно досегашните искуства од спроведувањето и напредокот на научните докази за ефикасност на медицинскиот коноп.
Од дискусијата произлегоа следните консензуални заклучоци и препораки:
- Надлежните, пред сè Министерството за здравство и Собранието на РМ, треба да покренат јавна дебата која ќе ги вклучи сите засегнати страни, а со цел унапредување на регулативата за медицинска употреба на коноп во Македонија.
- Законското ограничување на специјалистичките гранки во чии рамки може да се препишува медицински коноп (онкологија, неврологија и инфектологија) оневозможува навремена промена на индикационите подрачја согласно растечките докази за ефикасност. Затоа овие ограничувања треба да бидат отсранети, а препишувањето на медицински коноп да биде регулирано како и за сите останати лекови.
- Ограничувањето за препишување на медицински коноп единствено од страна на лекари кои работат во јавни здравствени установи кои вршат болничка дејност го повредува правото на пациентите за слободен избор на лекар. Препишувањето треба да биде дозволено за сите лекари со соодветна стручна подготовка.
- Листата на индикации за препишување на медицински коноп утврдена со Правилник, треба да се прошири согласно научните докази и искуствата од земјава и од светот. Истовремено, треба да се дефинираат функционални механизми за навремена ревизија на оваа листа во иднина.
- Условот за барање на потпишана согласност од страна на пациените при препишување на медицински коноп заслужува понатамошна дебата. Според дел од присутните, потпишаната согласност овозможува носење на информирани одлуки, но според другите, ваквиот услов е неоправдан поради ниската токсичност и незначителните несакани ефекти, а во локалниот контекст придонесува кон стигматизирање на лековите од коноп.
- Поради релативно високите цени на лековите од коноп присутни на пазарот, пациените многу повеќе од порано посегнуваат по препарати на црниот пазар со нејасен квалитет и често се лекуваат без континуиран лекарски надзор. Потребни се мерки за стимулирање на пазарот преку отстранување на строгите услови за производство и евентуално додавање на лековите од коноп на позитивна листа.
- Најголем дел од присутните немаат став околу овозможувањето на одгледување на коноп од страна на физички лица за лична употреба во медицински цели, а врз основа на лекарска препорака. Неколкумина изразија сомнеж за квалитетот на лековите подготвени на ваков начин и можноста за лекарски надзор.
- Дебатите за медицинска и рекреативна употреба на коноп треба да одат паралелно бидејќи се меѓусебно зависни, но не треба да се дозволи нивно испреплетување. Според искуствата од други земји, либерализирањето на политиките за рекреативна употреба на коноп може да има позитивни јавно-здравствени и општествени ефекти, како намалување на употребата на синтетските канабиноиди и други дроги со штетни ефекти, сузбивање на црниот пазар и отстранување на последиците од високата криминализација на конопот во Македонија.
ХОПС ќе продолжи да се залага за законски измени преку отворање на широка јавна дебата со вклучување на пациентите, здруженијата, лекарите, стопанството и другите засегнати од регулацијата за медицинска употреба на коноп во Македонија.
За повеќе информации околу иницијативата контактирајте со д-р. Ивица Цековски на ivicac@hops.org.mk или 077/732-703.