МДПВ- 3,4-Methylenedioxypyrovalerone (улични имиња: MDPV, MDPK, „Bath Salts“, Super Coke, Magic, MP3/4), е нова психоактивна супстанција (НПС), потентен стимуланс со долготрајно дејство од класата на синтетски катинони кој продуцира стимулативни ефекти слични како оние на амфетаминот и кокаинот. МДПВ се наоѓа во форма на кристализиран прав со бела, бледо жолтеникава до кафеава боја и се карактеризира со интензивнo стимулативнo и еуфоричнo дејство.
МДПВ е развиена во 1960 година од тимот на германската фармацевтската компанија Boehringer Ingelheim. МДПВ не беше доволно позната стимулативна ПАС се до 2004 година, кога за прв пат се појави на пазарот како „дизајнерска дрога”, во тоа време се уште законски нерегулирана супстанција. МДПВ заедно со метилон (Methylone) и мефедрон (Mephedrone) беа едни од првите супстанции откриени во производите означени како „legal highs” (легални дроги) т.е. „bath salts“, „plant food/fertilizer“ и во некои таблети „екстази“, а потоа и како „research chemicals” на „darkweb” и преку онлајн продавниците. Комерцијалните „легални“ производи со МДПВ, како „bath salts“ (сол за купки) беа достапни на бензинските пумпи и маркетите во САД, преку интернет продавниците и во смарт шоповите низ Европа при што беше користена слична маркетинг стратегија како за продажбата на синтетските канабиноиди „spice“ (спајс) и „К2” кои се продаваа како ароматизери (herbal incense). МДПВ има релативно кратка историја на рекреативна употреба, со мал број на податоци за користењето пред 2004 година.
Според податоците од 9 европски земји во периодот од 2009 до 2013 година евидентирани се бројни нефатални интоксикации (труења) поради користење МДПВ и 99 аналитички потврдени смртни случаи.
Хемиски МДПВ е синтетски стимуланс од катинонска класа, субститутски аналог на α-PVP (алфа-ПВП) – супстанца која во 60-тите години од минатиот век се користеше за третман на хроничен замор и анорексија, но поради честата злоупотреба и високиот потенцијал за создавање зависност, алфа-ПВП престана да се употребува во медицински цели. МДПВ има слични хемиски структурни карактеристики со другите метилендиокси деривати како 3,4-метилендиокси-Н-метиламфетамин (МДМА), но сепак ефектите на МДПВ многу помалку наликуваат на МДМА, а многу повеќе на класичните стимуланси како амфетамин и кокаин.
Податоците од ин-витро и ин-виво студиите покажале дека МДПВ има слични својства како метамфетаминот и кокаинот, всушност МДПВ е попотентен од овие два стимуланси на повеќе начини. Презаситувањето со допамин и норадреналин предизвикано со користењето МДПВ, во комбиниција со слабиот потенцијал на МДПВ за создавање компензаторни серотонергични механизми отвара простор за голем број на насилни и психотични реакции на супстанцата. (За ваквите реакции сведочат податоци од итните медицински служби и сцени снимени од очевидци кои беа емитувани на youtube и телевизиските канали во кои лицата под дејство на МДПВ неконтролирано и психотично се однесуваат во јавноста, како и лице кое под дејство на МДПВ брутално физички напаѓа случаен минувач. Но неизвесно беше дали лицето имало постоечко ментално нарушување и дали бил под дејство на други ПАС и лекови.)
Постојат мал број на истражувања за потенцијалната примена на МДПВ во медицината како алтернатива за амфетаминот, при што МДПВ ин-витро покажало пониско ниво на цитотоксичност во споредба со амфетаминот, но резултатите од истражувањата се ограничени и некомплетни. Истражувањата не дале убедливи податоци за штетно токсично дејство врз мозокот и неговите функции. Сепак тимот кој го спроведувал истражувањето решил МДПВ да не се равива како лек кој би се користел во медицински цели.
Во однос на дејството, МДПВ предизвикува ментална и физичка стимулација, интензивна еуфорија, засилено чувство на емпатија, зголемено либидо, го подобрува расположението, разговорливоста и позитивно влијае на продуктивноста и мотивацијата. Несакани физички и психички ефекти се чкрипење со заби, вкочанетост на вилицата, губиток на апетит, нарушен сон, несакани телесни движења, збунетост, стомачни тегоби, грчеви во мускулите, главоболки, вознемиреност, параноја, претерана возбуда и хиперактивност, забрзана работа на срцето, халуцинации и психотично однесување со високи дози и кај честата употреба. Негативните и несаканите ефекти се потенцираат со повисоки дози. Не постојат формални студии за смртоносната доза за МДПВ кај луѓето.
Податоците добиени од лицата кои употребувале МДПВ укажуваат дека ако се користи претпазливо во мали дози и повремено, не постојат сериозни негативни здравствени последици, но сепак ништо не е гарантирано.
Кај хроничната употреба на МДПВ може да се развие умерена до силна зависност, со висок потенцијал за злоупотреба и компулзивно повторувачко редозирање. Создавањето зависност е сериозен ризик за корисниците на МДПВ.
МДПВ може да предизвика психоза, манија и зависност во значително повисок степен отколку другите стимуланси. Корисниците укажуваат дека при хронична злоупотреба или пак со единечна изложеност со висока доза МДПВ кај интолерантните корисници на стимуланси може да се развијат симптоми на психоза. Психотични симптоми кои се јавуваат поради користење МДПВ вклучуваат збунетост, раздразливост, тешка анксиозност, аудиторни и визуелни халуцинации, манија, параноични делузии, агресивност и порив за самоповредување. Симптомите на психоза можат да траат со денови, недели и месеци.
СОВЕТИ:
- Избегнувај користење на нови и недоволно истражени ПАС као МДПВ, но доколку решиш користи ги претпазливо;
- Доколку се решиш да користиш МДПВ, внимавај на количините и честотата на користење;
- Поради невообичаено долгото траење, високата потентност и компулзивната природа, не се препорачува користење на оваа супстанца во високи дози, неколку дена по ред, или во комбинација со други ПАС и лекови кои го зголемуваат ризикот од психоза;
- Не се препорачува користење на МДПВ со други стимуланси поради ризикот од екстремно високо покачување на крвниот притисок или неправилна работа на срцето;
- Најдобро е да се прават паузи помеѓу две користења (во денови или во недели) заради можноста за создавање толеранција, навика на користење и потенцијална психичка зависност.
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.