Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА, повика на марш за видливост на овие граѓани.
Маршот, кој се организира како одбележување на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, ќе се одржи во четврток на 31 март во 12 часот, со почеток пред Владата.
TрансФормА заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува по четврти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
„Оваа година, повторно ги потсетуваме носителите на одлуки дека тука сме и без закон и бараме од Владата и од Собранието веднаш да го вратат назад Законот за правно признавање на родот и да го изгласаат. Очекуваме поддршка од пратениците со кои соработуваме и кои ја разбираат значајноста од донесувањето на овој закон, но и од сите останати што досега не успеаја да ја увидат нужната и итна потреба од подобрување на нашата легислатива во насока на подобрување на нашите секојдневни животи“, стои во најавата за маршот.
Оттаму посочуваат дека и трансродовите лица заслужуваат безбедност, рамноправност и почит кон нивниот идентитет како и сите други граѓани.