Актуелниот македонски документарец „Медена земја“ ја раскажува приказната за Атиџе, последната „кротителка“ на диви пчели во Европа. Но, еден друг „див“ или повеќе „луд“ мед се произведува во планините на Турција и на Хималаите во Непал. Во мали количества тој е корисен лек. Во поголеми е психотропна супстанција.
Медицинските благодети на „дели бал“, како што се нарекува овој вид мед на турски, се бројни. Тој помага во олеснувањето на стресот, третирање на високиот притисок, импотенцијата, мигрените и вознемиреноста. Но, максимално дозволеното количество е една кафена лажичка дневно. Сè над тоа може да предизвика нуспојави како аритмија, вртоглавици, повраќање, грчеви, анксиозност, а во ретки случаи дури и смрт. Тајната на „лудиот мед“ е во тоа што пчелите што го прават се хранат со неколку типови рододендрони, меѓу кои видовите Rhododendron luteum и Rhododendron potnicum. Името на ова семејство билки е изведено од грчките зборови „родос“ (ружа) и „дендрон“ (дрво). Постојат над 700 видови распространети во Кина, Тибет, Мјанмар и Непал; околу 300 во Нова Гвинеја, Јапонија, Индонезија и на Филипините; и само неколку во Европа и Северна Америка. Но, од нив само двата горе споменати во својот нектар содржат грајанотоксин – моќен невротоксин кој може да предизвика драматични физиолошки реакции, односно труење кај луѓето и кај животните.
Грајанотоксинот припаѓа на група меѓусебно сродни невротоксини именувани според Leucothoe grayana, билка која е автохтона за Јапонија, која пак го добила името од американскиот ботаничар од 19 век, Аса Греј. Пишаните траги за оваа необична природна супстанција водат далеку во минатото. Едно од најстарите и најексплицитни споменувања е од крајот на 5 век пред нашата ера. Ксенофон, ученик на Сократ, во своето дело Анабаза опишува како во 401 година пр. н. е., по ужасни борби во Персија, е одбран да командува со над 10 000 грчки војници. Ги водел низ планините на Курдистан, преку Грузија и Ерменија. Во еден момент тие поставиле камп на два дена марш од градот Трабзон (денешна Североисточна Турција, на Црното Море) каде што се случило нешто необично. Еве го неговиот опис:
„Имаше многу роеви пчели во близина, а војниците кои јадеа од медот ги
загубија главите, повраќаа и имаа дијареја. Никој од нив не можеше да стои на
нога. Оние кои не изедоа многу изгледаа прилично пијани, додека останатите
кои изедоа повеќе потполно полудеа, а некои дури изгледаа како да ќе умрат… Следниот ден, сепак, никој не умре и приближно во слично време како и кога
го консумираа медот почнаа да доаѓаат на себе.“
Три века подоцна, во 67 година пр. н. е., во своето дело Географија Страбон забележува еден од првите случаи на биолошко-хемиска војна. Кога некој римски генерал ја гонел армијата на грчко-персискиот крал Митријад Шести во 97 пр. н. е., на вториов му текнало да постави садови со „луд мед“ по патот на Римјаните кои бргу напредувале. Три чети војници налетале на нив, си мацнале од медот и почнале да „трипаат“. Четите на Митријад се вратиле на местото, ги затекнале непријателските војници во делириум и ги испотепале. Сето ова повторно се случило во близина на Трабзон, токму истата онаа област низ која три века порано минувале Ксенофоновите војници и, исто како и тие, го почувствувале дејството на „лудиот мед“. Но, овојпат последиците биле кобни.
Во 18 век Европејците го увезувале медот од Османлиите, а го додавале во алкохолните пијалаци, на пример во пивата, за да го зголемат ефектот на пијанството. При крајот на истиот век, годишно околу 25 тони „луд мед“ заминувале за Европа каде што тој е дистрибуиран по рестораните и пабовите низ континентот.
Во Франција во тоа време од него се правел опоен ликер (miel fou). Мед од една друга, исто така, токсична билка, планински ловор (Kalmia latifolia), се користел за правење на халуциноген ликер кој се служел во тој период по кафеаните на Њу Џерси во САД. Неговиот комерцијален назив бил метлегин (мetlegin). Денес „лудиот мед“ се продава на интернет за најмалку 70 евра за тегличка од 250 грама (може да се најде дури и на Амазон). Искусните корисници го препознаваат по „жарењето“ во грлото кое не е карактеристично за другите видови мед и по темноцрвената боја. Сепак, во обични дуќани за мед во Турција, тој за странските туристи најчесто се вади „од под тезга“ затоа што продавачите не сакаат да се чувствуваат одговорни за неговите можни нуспојави, иако неговата продажба е легална во оваа земја. Посебно јак може да биде ако е собран на пролет или на лето, иако концентрацијата на невротоксинот во него зависи и од други елементи, меѓу кои и од климатските промени.
Со оглед на тоа што спомнатите видови рододендрони растат на многу големи надморски височини, собирањето на овој мед често знае да биде поопасно од неговото консумирање. На Хималаите собирачите на мед прават опасни вертикални искачувања и до 2 500 метри надморска висина за да
стигнат до кошниците, додека трпат бодежи од огромните инсекти. Тоа се пчели кои се сметаат за најголеми на светот од видот Apis dorsata laboriosa со тело долго над 3 сантиметри. Приказната за „лудиот мед“ укажува на врската меѓу елементите во природата – билките, инсектите и луѓето. Но, ова исто така е интересна тема низ која може да се истражува влијанието на халуциногените супстанции врз човековата култура и историја.
Авторка: Илина Јакимовска
Илина Јакимовска е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ, УКИМ. Веќе цела деценија ја уредува и ја пишува рубриката за култура на порталот off.net.