Македонската мрежа за намалување на штети – ММНШ и Град Скопје во 2007 година го реализираа проектот „Мрежа на градови за политика на дроги“.
Иницијативата промовираше демократски одговори за проблемот со употреба на дрога врз база на принципот на учество со цел да се развие координиран одѕив за успешно справување со проблемите со дрогата на локално и на национално ниво.
За таа цел, Град Скопје презеде активности во насока на остварување на иницијатива за формирање Координативно тело за дроги на ниво на Град Скопје и предлагање градска политика за дроги. Координативното тело за дроги на Град Скопје брои 25 члена и е составено од:
Експертско советодавно тело (негови членови се: експерти, претставници од следниве организации / институции: Агенција за млади и спорт, Црвен крст на Град Скопје, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Меѓуопштински центар за социјална работа, ЈЗО Психијатриска болница, СВР – Скопје, Здравствен дом – Скопје, психолошко-педагошките служби на основните училишта, психолошко-педагошките служби на средните училишта, Македонската православна црква и претставници од граѓански здруженија: Инфо/Дрога/Сида, Предизвик за млади на Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Здружение на граѓани – ДОВЕРБА.
Тело на локални координатори од општините во Град Скопје (негови членови се назначените лица од општините во Град Скопје).
Во рамките на Координативното тело за дроги формирани се 5 работни групи кои работеа на стратешки области со приоритни цели и активности:
Примарна превенција – Намалување на бројот на лица кои започнуваат со земање дрога;
Градска безбедност – Зајакнување на капацитетите на Полицијата за ефикасно справување со проблемот на употреба на дроги;
Лекување – Вклучување на поголем број лица кои употребуваат дроги во лекувањето и овозможување различни третмански опции и програми;
Рехабилитација и ресоцијализација – Намалување на социјалните ризици и штетите поврзани со користењето на дрога преку унапредување на рехабилитацијата и социјалното вклучување на ЛКД;
Намалување на штети – Превенција на ХИВ/СИДА и други КСПИ меѓу лицата кои употребуваат дроги, нивните партнери и семејства;
Координација и соработка – Подобрување на координацијата и на соработката меѓу организациите и институциите во Град Скопје што работат на справување со проблемот на употреба на дроги.
По направената проценка за потребите на жителите на Скопје, Градот Скопје преку Координативното тело за дроги на Град Скопје во периодот септември 2007 година – април 2008 година активно работеше на изготвување на Локална стратегија за дроги на Град Скопје и Акциски план за дроги. Во изработката на овие важни документи беа организирани неколку обуки за градење на капацитетите на локалната власт и на институциите за изготвување стратешки документи, како и обуки од областа на превенцијата на употребата на дроги и лекување на зависност од дроги, предавања за позитивните практики во нудење социјални услуги на други европски градови. Во целиот процес беа ангажирани домашни и меѓународни експерти, а од особено значење беше поддршката на повеќе градски институции, како и од Советот на Град Скопје.
Целта на Локалната стратегија е преку координиран и синхронизиран пристап во локалната заедница да се обезбеди намалување на достапноста на дроги, намалување на бројот на лица кои започнуваат да користат дрога, развивање на здравствени и на социјални сервиси што ќе обезбедат достапен и ефикасен третман и грижа за лицата кои користат дроги, како и намалување на штетите од користењето на дроги.
За спроведување на Локалната стратегија и Акцискиот план, Градот Скопје неколку години по ред учествува со финансиска поддршка на дел од активностите во сите наведени области од Локалната стратегија за дроги:
- Советувалиште и едукација за превенција од употреба на дрога кај средношколската популација во град Скопје;
- Дневен центар за рехабилитација и ресоцијализација на корисниците на дрога и нивните семејства;
- Поддршка на дневните центри за намалување на штети;
- СОС линија за помош од употреба на дроги и превенција од ХИВ/СИДА и сексуално преносливи болести;
- Инфо-линија и советувалиште за проблеми поврзани со употреба на дроги и употреба на алкохол на подрачјето на градот Скопје.
Во сите поддржани проекти програмите се базираат на промоција на здравјето, односно истакнување на здравјето и на здравите избори како најголема вредност.
Градот Скопје преку работата на Координативното тело за дроги на Град Скопје, а во имплементацијата на новата Локалната стратегија за дроги 2015–2020 година, е подготвен да понуди соодветен одговор на потребите на младите и на целната група преку проширување на мрежата на служби и воведувањето на нови модели за превенција, лекување и ресоцијализација на корисниците на дрога. Третманот на деца кои употребуваат дроги, обезбедувањето на одржливост на програмите за намалување на штети, намалувањето на стигмата и дискриминацијата на лицата на кои им е потребна помош се само дел од горливите прашања и предизвиците со кои се соочува главниот град. Останува предизвикот да се постигне одржливост на потребните сервиси за граѓаните и споделена одговорност на сите засегнати и одговорни институции и организации што подразбира заедничко иницирање, воспоставување, спроведување, но и заедничко финансирање на активностите.
Иако проблематиката е многу сензитивна, посебно е искуството да се работи според принципите на почитување на човекови права, демократичност, партиципативност, транспарентност. Координативното тело за дроги на Град Скопје е отворено да го сподели своето искуство во градењето на стратешки документи на други институции и организации.
Во рамки на Проектот DECIDE (Европски проект финансиран од Европската комисија „Европа за граѓаните“), граѓаните на јавна анкета од шест понудени проекти Локалната стратегија за дроги на Град Скопје ја одбраа во трите најдобри проекти.
Елеонора Панчевска Николовска
Авторката е раководител на Одделение за социјална детска и здравствена заштита, Сектор за јавни дејности на Град Скопје, координатор на Координативно тело за дроги на Град Скопје, координатор за еднакви можности на мажите и жените.