Самостојна ликовна изложба на Верица Арапова како завршен дел од проектот “Живот во природа”.
Проектот започна на резиденцијалниот престој за визуелни уметници во месноста Преведена во периодот од 01.09 – 14.09.2022 година, реализиран од “ХОПС-опции за здрав живот”-Скопје, а финансиски поддржан од Министерство за култура.
Делата се создадени за време на престојот, а подоцна и со продлабочување на темата, со продолжение на процесот креирање дела во природа/престој во различни природни опкружувања, како своевидни визуелни дневници во природа. Техниките се слободни и интуитивно одбрани според моменталната инспирација, и опфаќаат комбинирани техники на различни видови подлоги како дрво, картон, хартија.
“Да создаваш дела во природа, значи да трагаш по сопствениот внатрешен пејзаж, да го препознаеш и поврзеш со оној на природата.”
Годишните циклуси на природата (пролет, лето, есен, зима) не се ништо друго туку огледало на нашите внатрешни процеси (активност, опсервација, саморефлексија и контемплација).
Овој проект има за цел да актуелизира и промовира живот во природни предели наместо само градски опкружувања, да се поттикне развој на самоодржливост и самодоволност, да афирмира редовно негување и исцелување на духот, да ја покаже припадноста на човекот во природата и да го презентира единството човек-природа, за да го препознае неговото место како најголем авторитет во заедницата.