Забелешка: Tекстот што следува може да се чита без музика или со песна по избор од: „To Pimp a Butterfly“ (Кендрик Ламар), „A Moon Shaped Pool“ (Рејдиохед) или „Old Ideas“ (Леонард Коен).
За време на летото во 2016 година – бев на работа во Германија – како дел од програмата на една агенција за сезонска експлоатација за млади. Работев во „Бургер кинг“. Главна шефица на смена беше една Турчинка во средни години, а под неа во хиерархијата, шефови на смена, беа еден Иранчанец, еден Албанец од Македонија, една релативно млада Германка со потекло од Литванија и можеби уште некој. Сите тие прилично незгодно го ползуваа авторитетот со кој располагаа. Особено Арбен. Беше лесно избувлив, агресивен, силен, нетрпелив и грлат. Девојките кои работеа смена под негова команда најчесто демонстративно ја вадеа престилката и си одеа предвреме. Утредента повторно доаѓаа. А момчињата и мажите, оти знаеја дека утре пак ќе мора да дојдат, се заклучуваа во магацинот и низ солзи пушеа некоја цигара и ги стегаа тупаниците. Единствено јас не го правев ниту едното ниту другото. Јас инсистирав секогаш да ми објасни детално во што е проблемот. Веднаш, додека нападот на бес сè уште му беше силен, јас мирно одговарав на прашањата кои реторички требаше да ме доведат во позиција на глупак и поставував свои прашања.
Два месеци во ова за Арбен сосема ново искуство, дојде на гости во нашиот стан. Беше мирен. Пред сите ми рече дека јас ќе сум живеел сто години. Сите паднаа во делириум од смеа. Сите знаеја дека го збунувам. Она што никој таму не го знаеше, она што не го знаеше Арбен, е тоа дека секое утро и навечер пиев две таблетки лорсилан од 1 мг и половина таблетка асентра од 100 мг по доручекот и по ручекот.
На аеродромот во Хановер слетав со кожен несесер полн со седативи и со антидепресиви. Поголем од несесерот во кој беа средствата за лична хигиена. Никогаш нема да го заборавам трепетот со кој мајка ми ме испрати, начинот на кој стоеше пред ескалаторот, со очи затрупани од дијазепам од 2 мг. И претходно, денот кога своерачно ме однесе кај д-р Белинда. Потечена, молчешкум, ме држеше за рака низ целата должина на Порта Буњаковец облечена во една црна маица што некогаш претходно му припаѓаше на брат ми и која на предниот дел имаше дигитален принт со еден од омотите на култниот американски бенд „The Doors“. Татко ми имаше таква маица со „AC/DC“.
Долго време одбивав да пијам ваков тип медикаменти. Ристо Вртев еднаш кажа дека на психијатар одат само „пички“. Во еден од последните денови на февруари истата година – бев на промоција на вториот албум на „Јаболко за даскалот“ – а дома се вратив пешки и цел пат зборував на телефон со Верица. Секој нареден ден, веројатно некаде до средината на мај – се будев со интензивен плач – а до средината на март плачот веќе ме имаше преплавено по целата должина на денот. Тешко ми е сега да објаснам зошто плачев. Тогаш мислев дека плачам за Гордана.
Во тоа време студирав на две програми при УКИМ паралелно, а до почетокот на февруари и работев во хостелот „Трезор“. Истовремено го работевме првиот албум со мојот бенд „Црвена јабука“. Во декември таа година организиравме голем настан во МКЦ под името „Колку чини другарството?“. Ги наведов сите овие чинители на моето секојдневие тогаш затоа што сметам дека заморот е најточната одредница за почеток во доловување на комплексот наречен депресија. д-р Драгана Светиева ми рече дека тоа што ми се случува воопшто не е депресија, туку збунетост поради мискомуникација со себе.
Од дијагнозата, која беше напишана под шифра, од Гугл разбрав дека се работело за „anxiety disorder“. Овие три одредници не значеа апсолутно ништо за мајка ми. Речиси молбено, во долгите разговори на нашата тераса, ме набедуваше да ѝ кажам ако должам пари или ако сум геј. Не ѝ беше верно дека сум толку несреќен поради девојка.
Гордана ми беше голем пријател и најверен другар во значителен дел од периодот кој некои би го нарекле формативни години. На почетокот од февруари 2016 година – таа на кратко излезе од долга љубовна врска – и почнавме да се гледаме. Се видовме три или четири пати. Замина на патување преку некоја мочана студентска организација. На 24. се врати и ми рече дека била збунета и уморна и повторно се врати во врската од која излезе на почетокот од февруари.
Овој банален романтичен маневр и тогаш ми се чинеше недоволен за објаснување на болката што ја чувствував. Па сепак, мислите за неа беа орозот на плачот. Оттаму оваа случка недвосмислено значеше некаков вовед на патот кон болниот корен.
Сите пријатели знаеја што ми се случува. Им кажав на сите. Сметам дека ова е многу сомнителен метод за надминување на душевни кризи. Набрзо увидов дека никој не ќе може да ми помогне стварно, освен краткото ослободување од тензија што го носи разговорот, никој немаше да каже нешто особено. Обично јас бев тој со зборовите. Обично јас бев тој што кажува. Пред оваа болна епизода – јас бев неподнослив. Бев како дупната гајда што ги припишуваше слабостите на ограниченоста во рационалниот капацитет на другите. Немав лична навика за критички осврт кон себе. Јас бев самопрогласен Нео во мојот социјален матрикс и ако понекогаш и ми беше лошо – требаше само добро да размислам – тоа значеше дека нешто погрешно сфаќам.
Самопрогласениот Нео е сега во ходникот, во Одделот за ментални растројства, во склоп на амбулантата „Жито Лукс“. Мајка ми е до мене, не може да си прости што претходниот пат си дозволила да ме пушти сам овде. Одлуката е донесена – ќе пијам терапија. Овде сме за д-р Белинда да ми пропише колку редовно и кои апчиња треба да ги пијам. Имам прашања за неа, вака капитулиран, едвај чекам да влезам и да ѝ ги поставам. „Што прават точно антидепресивите, како дејствуваат? Што ќе ми се случува? Што е тоа што ќе го внесувам во мојот организам?“ Белинда нема одговор. Не одговор што би ги задоволил моите очекувања, туку никаков одговор. Вели дека ниту многу поумните од неа не би знаеле да ми одговорат на тие прашања. Ме испраќа со совет „другпат да бидам малку попаметен“. Излегувам надвор и сфаќам дека сѐ е заминато по ѓаволите.
Во првите неколку седмици од терапијата будно ги следев очекуваните промени. Не се случуваше ништо важно. Почнав да се проѕевам. Овде не зборуваме за она пријатно проѕевање, увертира во некаква вечерна релаксација, уку проѕевка која речиси пречи во извршувањето на дневните активности. Почна да ме боли вилицата. На Гугл прочитав дека тоа е вообичаен симптом, нуспојава од консумацијата на асентра. Лорсиланот, пак, како полека да го разјадуваше набојот во утринските напади на плач. Не можам да тврдам дека почувствував особено подобрување тој месец.
Доколку воопшто постоеше, иницијалната вознемиреност беше заменета со вознемиреност за патувањето за Германија што претстоеше. д-р Белинда ме советуваше да го одложам патувањето. Одбивав. Чувствував дека ако не отидам, личниот пораз ќе биде недвосмислен и конечен. Ме праша дали се чувствувам подготвен. Ѝ реков дека не се чувствувам подготвен. д-р Драгана Светиева ми рече дека идејата за патување во Германија е првата добра идеја што сум ја споделил од почетокот на нашето состанување.
Еднаш претходно д-р Драгана Светиева ме посоветува да почнам со консумација на марихуана. Многу ми се спиеше. Моите дома не ме оставаа да спијам. Имаше нешто во моето спиење што ги плашеше. Целосно спротивно од моето чувство на хроничен замор, постојано зборуваа за некаков режим, дисциплина и станување наутро во шест. Тоа не сум го правел ниту претходно ниту потоа, но пред да заминам за Германија еден период навистина станував во шест. Ако барам да бидам спасен,
тоа значи дека ќе треба да бидам апсолутно послушен. Помислував да одам на Тибет. Под Тибет мислев на долго отсуство, некаков мир во окружувањето, сакав да ги напуштам сите амбициозни планови – и се плашев од тоа – истовремено. Мајка ми рече дека ќе си го одземе животот ако продолжам да зборувам за Тибет.
Често пиев алкохол. Претходно и по завршетокот на сево ова. Точно го знам моментот кога првпат се напив. Моите врсници веќе долго знаеја за алкохолот. Од некоја причина бев против алкохолот тогаш. За време на летниот распуст меѓу прва и втора година средно, на мајка ми ѝ дијагностицираа тумор на матката. Наскоро потоа често пиевме на скалите во ОУ „Петар Поп Арсов“ заедно со мојот пријател Ѓоко. Точно знам кога првпат се напив и што помислив тогаш. Помислив и веројатно му кажав на Ѓоко оти сега – откако ги увидов благодетите на алкохолот – не постои мака што ме плаши до срж. Што и да се случи сега, секогаш ќе имаме шише бело вино, кутија цигари и скали во ОУ „Петар Поп Арсов“. Тоа функционираше недозволиво долго. Проблемот со алкохолот, во времето за кое зборувам, беше во тоа што правеше ноќта да стане поднослива, но утрото да стане прелошо. Морав да престанам да пијам алкохол. Неволјата беше реална. Начинот што секогаш ми правеше да ми биде лесно, ми го заврте грбот.
Утрата не беа мамурни како вообичаено – беа утра на морници – целото тело ми истрпнуваше. Алкохолот не беше решение – ако нешто воопшто беше – беше гадна анестезија што неволно го одложува решението. Тогаш се роди идејата за самоубиство. д-р Драгана Светиева ме праша како би изгледало моето самоубиство. Немав поим. Ми рече: „Гледаш дека е само чувство?“ Може да се рече дека првиот месец од мојата работа во Германија – го преспав во целост. Надвор од смените што морав да ги работам, си легнував во креветот со душек разјаден од тафтабити и слушав „Radiohead“. Спиев на фотелјата, на двоседот, на креветчето во кујната. Цимерите се чудеа. Го споделувам ова затоа што сметам дека спиењето е најточната одредница за почеток во доловување на комплексот наречен враќање во живот.
Антидепресивите би требало да го подигнат расположението. Никогаш не почувствував особено расположение. Меѓутоа, сигурно имаа врска со мојата желба за спиење таблетките што ги пиев. Спиев по 18 часа дневно.
Вториот метод што ја одржуваше мојата душа во кризи, покрај алкохолот, беа разговорите со Ема и пред да почнам да пијам алкохол, откако почнав, за време на периодот за кој зборувам и периодот кога веќе го читав К. Г. Јунг. Пред спиење, за време на долгите ноќи својствени за сечија егзистенција, ја лепев едната рака за ѕидот и зборував со неа. Мојата прва љубов со чудно презиме. Ѝ велев – дека што и да се случува во моето јаве – јас не сум доволно сериозно инволвиран во тоа. Ѝ велев дека јас постојам за да бидам она што од нејзиниот човечки касмет ќе прави два човечки касмета.
Се молев некому, не знаејќи токму кому, да ми ја земе цела сила во кое било време од денот дури и тоа да значи дека ѝ ја дал нејзе и дека мојата сила ѝ треба нејзе повеќе одошто ми треба мене. Тоа, веројатно, исто така недозволиво долго траеше. Имав визија според која секогаш кога спијам, а не сонувам ништо – сум во нејзината прегратка. А таму нема што да се каже ниту што да се запамти. Таа не ме земаше трајно во сонот тогаш, не успевав да останам во сонот, а не ја сонував и оттаму и немаше како да ми каже што да правам со јавето. Точно знам кога ѝ се налутив. Удирав со главата, беспомошен, во ѕидот и низ солзи ѝ велев „ама ти наутро си одиш, кога се будам си одиш“.
Малку се срамам кога зборувам за ова и го наведувам единствено за да го доловам степенот на развој во мојот внатрешен живот. Шареноликоста во фантазиите се неизоставен дел од лавиринтот во кој заглавив. Живописната внатрешност е она со кое не знаев што да правам и моќното оружје
од кое си пукав директно во сопственото колено. Тоа беше онаа внатрешна мискомуникација за која зборуваше д-р Драгана Светиева. Тоа го сфатив многу подоцна. На луѓето како мене им треба обука за разграничување меѓу тоа што е роман, а што реален живот. И претходно сум бил во душевни кризи. Секогаш кога тие беа долги, единствено што ми требаше е трпение. Трпение до следната добра идеја. Едно попладне, во април, чичко ми дојде кај нас дома и ме однесе во кафеана. Отворено ми понуди да ми купи мерцедес. Двајцата знаевме дека мојот мерцедес не е автомобил. Ме замоли да се потрудам и да го најдам својот мерцедес.
Седев на душекот што брат ми го исфрли кога си купи нов. Во тоа време, во мојата соба имаше два душека. Едниот беше ставен на кревет, а другиот на земја – Гордана лежеше врз мене на душекот што беше ставен на земја – и тогаш за првпат се најдов во состојба од која не можам да водам љубов. Се обвинував и за тоа. Мислев дека тоа беше последниот семафор од кој работите меѓу нас можеа да завртат во конструктивен правец. Додека сè уште бевме другари, пишувавме кратки скеч-раскази. Расказите опишуваа кратки случки од нашиот иден заеднички живот. Имаме слика од Ташковски на ѕидот, имаме ќерка што се вика Јасна, таа спие до мене и конечно има редовен циклус. Седев на тој душек кога го најдов својот нов мерцедес. Брат ми влезе со некаков евтин сладолед на чие пакување пишуваше „Берлин“. Ми светна. Ја прифаќам сета оваа болка по цена таа да ме натера да мигрирам во Берлин. Конечно цвет во мојата онтологија.
Подоцна, во еден од есеите на Јоланде Јакоби, една од највредните следбенички на К. Г. Јунг, прочитав дека градот Берлин често бил доживуван како добра идеја меѓу луѓето со конфликти во себството. Во Берлин стигнав на 11 септември во 15 часот попладне. За време на една од смените во Германија, релативно младата шефица со потекло од Литванија толку многу ме навреди што постојано визуелизирав како целата е стаклена и како ја кршам со дрвена палка. Кога стигнав во станот некој ми јави дека Гордана има ново момче. Го запознала за време на размената на студенти во февруари. Момче од Шпанија.
Приказната е сега изгубена засекогаш. Врескав во перницата разјадена од тафтабити како на филм. Сакав да ја заклучам во соба со бесна волчица што ќе ѝ ја изеде утробата. Пред спиење се молев на мојата прва љубов со чудно презиме – потенцирајќи дека никогаш претходно не сум барал ништо од неа – да се престори во див ѕвер и да ѝ го одгризе лицето. Тоа беше конструктивна промена во мене. Повеќе не сакав да се убијам себе. Сакав да ја убијам неа. Дента кога стигнав во Берлин ми прати СМС-порака во која изразува желба да се видиме. Пораката содржеше насмеано емотиконче и емотиконче со очила за сонце. Гордана денес живее во Мадрид, а нејзиното тело е цело и здраво.
д-р Драгана Светиева ме предупреди дека кога еднаш плачењето ќе заврши – ќе ме преплави бес. Нагонот за самоубиство е деструктивната страна од паричката на бесот. Нагонот за самоубиство е онесвестен бес. „На кого си лут? На себе. Глупости! Не знам. Е, така веќе може. Не знаеш. Потиснат бес – онесвестен бес – откриј на кого си лут!“ Во Германија ме посети еден другар од Скопје. Доцна во ноќта снемавме цигари и тргнавме да купиме. До единствената бензиска што работеше, единственото место каде што можеше да се купат цигари во тоа време, водеше еден подземен тунел под железничката станица. Таму спиеја мигранти кои секоја ноќ се опиваа. Жарко се плашеше да мине низ тунелот. Првенствено поради тоа што беше можно, според него, да ни ги украдат парите што ги носев во џебот. Му реков дека едвај чекам – некој да се обиде да ми ги украде парите –
кои сум ги заработил под грмотевиците на Арбен. Чувствував толку големо количество на неартикулиран бес во моето тело што, ако некој пријдеше со таква намера, ќе завршеше директно на обдукција.
Кога се вратив од Германија бев како бесно куче. Сѐ беше дозволено. Подоцна нешто ме сталожи. Ме сталожи преку секоја претходно доживеана мера. Станав несигурен. Денес сум несигурен и горд сум на својата несигурност. Мојата несигурност е мојата зрелост. Од Германија се вратив со 11 килограми помалку. Веројатно толку беше тешка мојата дупната гајда. Сега живеам во свет каде што речиси ништо не е по мое и благодарен сум на тоа. Црвенеам пред луѓето. Кога и да почнам да зборувам, тие вербално споделени идеи веќе го немаат вирусот кој некогаш го имаа. Лесно се возбудувам – лошо раскажувам приказни, анегдоти и вицеви. Трипати мерам пред еднаш да ја пресечам секоја мисла што би ме повела во акција.
Имав проблем да си најдам девојка кога се вратив. Сите знаеја за Гордана. Сите знаеја дека сум пиел лекови. На почетокот мислев дека проблемот е во првото. Проблемот беше и во второто. Девојките сакаат технички целосно исправен партнер. Моите нерви се сомнителни нерви сега. Има и други луѓе што пиеле антидепресиви повеќе одошто можат да си претпостават девојките во овој град, ама не постои ниеден што толку многу зборувал за тоа. Машките пријатели како да ме засакаа повеќе. Им станав поблизок. Во одреден степен, како да им ја детабуизирав машката слабост. Разговорите со нив станаа поискрени, а односите добија квалитет. Пријателствата со пријателките исто така. Единствено беше проблем за девојка. На крајот на денот, оној што заведува – додека заведува – секогаш е персонификација на некаков мит.
Оваа душевна криза го истепа со каиш мојот внатрешен Херкулес. Сега сум човек. Несигурен, воздржан и млак. Никој не знае што ја причинува болката. Никој освен К. Г. Јунг. Никој не знае како поминува, како оздравува душата. Никој освен Христос. Во меѓувреме, имаме некакви таблетки, докторки со мудрост на ниво на турски серии, другари со жалослив поглед, мајки што во нашата болест дупло се разболуваат. Им благодарам на сите ним: д-р Драгана Светиева, Арбен, Верица. Им благодарам на моите родители кои, преку срцето на терен со кое ме пораснаа, ми купија милост– без што не би можел да оздравам. Им благодарам на медикаментите. Седативите ми купија време без кое не ќе можев сега да пишувам за сето ова од ваква пријатна дистанца.
Секоја вечер по завршувањето на смената во „Мекдоналдс“ седнував крај големиот прозорец во нашиот стан, ги пиев тие две таблетки лорсилан, а потем „тегнев“ цигари и го слушав албумот „Old ideas“ на Леонард Коен. Таму почнаа како загубени парченца од голема сложувалка, неврзано, да ми доаѓаат некакви реченици. „Целата оваа епизода ти ја овозможи мајка ти“, ми рече д-р Драгана
Светиева на излегување од нашиот последен состанок. Почнав да имам ужасни мигрени за време на деновите. Во консултација со д-р Белинда по е-пошта ги престанав антидепресивите. Така престанаа мигрените. Антидепресивите ни ми донесоа ништо освен мигрени и проѕевање. Но, затоа лорсиланот ме галеше со раце посилни од Арбен, посилни од Гордана, посилни од далечината на домот. Точно го знам моментот кога ми помина. Во позата што ја опишав горе, на телевизија имаше натпревар во скок во далечина, како да ме пушти менгемето што ми ги стегаше мускулчињата на лицето. Не помислив на ништо конкретно тогаш. Долго потоа ми доаѓаа тешки утра и мисли, но сигурен бев дека одредено време не ќе имам потреба од ничија помош, освен Христовата и помошта што ја нуди литературната оставина на К. Г. Јунг.
Автор/псевдоним: Дражен Ричл