Почитувани, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје по осми пат ја организира “Летна школа за зависности од дроги”. Оваа седумдневна летна школа ќе понуди мултидисциплинарен пристап за учење за зависноста од дроги, пристап кој ќе ги земе во предвид социјалните, медицинските, но и политичките прашања.
Целта на летната школа е да ги едуцира младите стручни кадри за работа на полето на зависноста од дроги. Школата посебно ќе се фокусира на моделите на политики за дроги, лекувањето на зависноста базирано на докази, намалување на штети, психосоцијална подршка и програми за ресоцијализација и интеграција и концептот на човекови права. Предвидена е и посета на програмите за зависности кои постојат во Струмица каде ќе се одржи школата.
Со големо задоволство ќе Ве пречекаме во хотел Вила Парк во Струмица на 21 jуни
Критериуми за учество:
• Дипломирани или студенти од завршните години на студии од:
– областа студии за социјална работа и социјална политика
– областа правни студии
– областа медицински студии
– областа студии за безбедност, полиција и детективи
– областа студии за психологија
• Постдипломци од наведените области
• Млади стручни работници од гореневедените области кои веќе работат на полето на
зависностите или би сакале да работат
Пријавените кандидати треба да бидат на возраст до 30 години. Сертификат за учество на летна школа и стекнати знаења ќе добијат сите учесници.
Начин на пријавување:
Вашата заинтересираност и мотивираност за учество на Летната школа изразете ја во мотивациско писмо и заедно со Вашата кратка биографија (CV) испратете ги на е- маил: vlatkod@hops.org.mk најдоцна до 12 јуни 2024 година. Сите трошоци за летната школа се обезбедени од организаторот.
Овој повик се отвора во рамките на проектот „Подобрување на националната политика за дроги во Република Северна Македонија“ спроведуван Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Проектот е поддржан со грант за национална интервенција на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан, кој го спроведуваат Centar za promociju civilnog društva (CPCD) од БиХ, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институтот за демократија и Медијација (ИДМ) од Албанија, а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
