Дрога: еден од најпопуларните, најкористените, најбаналните и во исто време највозбудливи зборови на 20 век кој, еве, со целиот свој габарит и супстанција се прелеа во дискусиите и скришните/приватните соби на 21 век. Сосем легална, многу лесно достапна и крајно непозната за пошироките маси на почетокот на минатиот век, оваа мега фраза со неверојатен потенцијал прерасна во најупотребуваната споредна материја на светот на сите времиња. Патот од опскурна супстанција, (зло)употребувана во хереметички кругови, до продукт број еден за масовна употреба во сите слоеви на општеството, водеше преку повеќедецениска трансформација на свеста, поттикната и (веројатно) оркестрирана од сериозни бизнис-центри на моќ, а реализирана преку културните и популарни движења гладни за промена и за поголема слобода.
Повратната спрега меѓу културата (најшироко сфатена) и доупот (dope, популарен англиски термин за дрога) им е позната уште на првобитните луѓе. Природата околу нас отсекогаш располагала со изобилство материи кои ја променуваат свеста. Наше било само да посегнеме кон цвеќенцето (билката) на дофат на рака и да дознаеме какво дејство има. Сепак биле потребни солидни количества љубопитност, ентузијазам, па и храброст тие искуства од консумирање на плодовите на дадената околина да бидат преточени во своевидна експертиза. За среќа, на луѓето никогаш не им недостасувале љубопитност и систематичност како еволуционистички алатки за преживување. Оттаму не е ни чудо што племенските шамани и нивните блиски пријатели (неретко оние кои цртале по ѕидовите на пештерите или кој било ран тип уметници) по правило биле најинтересните и духовно најотворени луѓе. Тоа се луѓе кои идејно буткале напред и за кои со целосна сигурност се знае дека користеле опојни средства. Никогаш не било тајна дека тие средства циркулираат меѓу населението. Викинзите (безеркери) ги користеле за да се трансформираат во непобедливи воини. Има навистина безброј примери за систематско користење опојни средства во историјата, од најбаналното секојдневно опивање (да, и алкохолот е сериозно потентна дрога), па сѐ до најсофистицирани научни истражувања кои довеле до брејк тру (break through) откритија.
Но, да се вратиме во модерното доба. Општопознати и популарни се опиумските пушилници од 19 век, кои Британците по патот на свилата ги увезуваат од Кина. Помалку е познато дека трговијата со опиум е главната нишка во финансирањето на англиската индустриска револуција како еден од круцијалните трансформации кон она што денес го познаваме, живееме и викаме современ свет. Секако, и многу порано, но ете тогашна Викторијанска Британија е очигледен пример како големиот бизнис е свесен за потентноста на дрогите и ги користи во разни правци и за разни цели. Дрогите се озлогласени, но не и забранети. Па дури и легендарниот Шерлок Холмс знаел да „се остави“ неколку дена во некоја опскурна источнолондонска пушилница на опиум со цел релаксација и себемедикација. Додуша имало денови кога господинот Холмс искажувал и неверојатен ентузијазам кон кокаинот, секако без да ги запостави пушењето и алкохолот. 😉
Кога веќе го споменавме кокаинот, еден од најголемите ентузијасти и силен застапник бил и мошне почитуваниот австриски џентлмен и врвен психолог, господинот Сигмунд Фројд. Знаете, во тие денови на доцниот 19 и раниот 20 век сте можеле елегантно да ушетате во првата пристојна аптека и сосема љубезно да ви измерат грам најквалитетен кокаин кој подоцна сосема опуштено можете да го употребите во некој фин салон со одбрано друштво за максимален социјален или истражувачки ефект.
Биле тоа убави, но и лабави денови за екстремно малиот број корисници на опојни средства, лишени од паранојата на криминален прогон. Вистинско златно доба за љубителите на дроги и истражувачите на свеста. Сепак, потенцијалот на овие силно корисни и секако доста опасни агенси бил несразмерно поголем, а тоа им било совршено јасно на оние кои ги продаваат. Тоа, пред сѐ, е фармацевтската индустрија, или популарно позната како фармацевтската мафија, една од првите глобални структури на легализиран, организиран криминал.
Првото популарно музичко движење кое остварило глобален успех, уште во 20-тите години на минатиот век, е џез-културата. Од тој период доаѓаат и најголемите имиња на џезот: Чарли Паркер, Телониус Монк, Дјук Елингтон, Каунт Бејзи итн… Од денешен аспект, тоа се недостижни величини, мистични легенди, неповторливи ликови. Сосема логично, нели, со оглед на тоа дека токму тие ги пишувале не само празните страници на џез-уметноста и музиката туку и првите страници на клупската култура и современиот начин на однесување. Што, всушност, правеле тие? Влегувале во клубот накај полноќ со својот оркестар и во едно сеопшто пионерско расположение, додатно поттикнато од хероин, амфетамини, кокаин, марихуана и којзнае „што све не“ (залиено со големи количества алкохол секако :), неуморно свиреле до раните утрински часови, а публиката ги следела буквално во чекор, на подиумот за танц. Музика и танцување цела вечер, мои дами и „господо“. Потоа се собирале на некој приватен имот и продолжувале со истите ритуали со денови. Ако во ова препознавте современ клупски ритуал на „журка“ и афтер парти (after party), тогаш ви е јасно од каде доаѓа вашиот денешен начин на забава. Сега веќе една сериозна бројка на луѓе била упатена кон употреба на дроги. Ако џезот во прво време бил озлогласена алтернатива, веќе во 40-тите и 50-тите е опасен мејнстрим во глобални размери, па ако консумирањето дроги пред само некоја деценија било „привилегија“ на малкутемина информирани, сега е светски процес во развој. Буквално секое наредно културно-музичко движење се претвора во сензација и светска поп-култура, а со музиката и со стилот на облекување доаѓа и „начинот на живот“ кој подразбира редовно користење дроги. Едноставно сите сакаат од таа волшебна и гламурозна состојка која како да додава сјај и чудесна елевација во појавата на носителите на културните движења од „легендарните“ епохи.
Рокенролот е културолошка револуција без преседан, уште од неговата појава во 50-тите, па сѐ до денес. Неговото неверојатно богатство од форми сѐ уште претставува фасцинација за сите генерации како од соничен, така и од социолошки аспект. Рокенролот (па и сите понатамошни музички стилови) беше и сѐ уште е „продаван“ како гламурозна форма на бунт. Сето она што вашите родители не смеат да помислат да го направат. Сето она што е забрането. Се чини, не баш сосема случајно, токму во тој период речиси сите познати/популарни дроги одеднаш стануваат забранети. Големиот бизнис, поучен од искуствата од прохибицијата на алкохол во 20-тите, забранува легална употреба на дроги. Педесеттите стануваат вистински рај за бунтот, а каде е бунтот, тука се и младите. Таму некаде на пиедесталот, на самата половина од лудиот 20 век, за глава над сите, стои Елвис Присли. Тој е сето она што вашите родители не се: млад, убав, бучен човек кој неодоливо се движи со колковите. Елвис Присли подоцна умира од преголема злоупотреба на секакви дроги. И храна.
Шеесеттите се приказна за себе. Тука рокенролот, од една страна, се венча за општествено-политичките движења за ослободување и за човекови права; и со новооткриените, од ЦИА тестирани и пуштени во масовна употреба психоделични дроги (ЛСД), од друга страна. Битлси се најпопуларниот светски бенд и тие отворено прокламираат употреба на дроги. Од другата страна на Атлантикот, проф. д-р Тимоти Лири, заедно со Кен Кејсиевите Мери Пранкстери и зачетниците на есид-рок (acid-rock) музиката The Warlocks (Gretaful Dead), „направени“ на ЛСД, маршираат на Сан Франциско со паролата ЉУБОВ И МИР. Цврсто сум уверен дека еден период од барем неколку месеци многумина во тоа движење навистина веруваат дека ќе успеат да го сменат светот на подобро. На еден микро начин, на средни и долги патеки, тие всушност и успеваат во тоа.
Во 70-тите, рокенрол културата го доживува својот врв и станува комплетен мејнстрим. Се појавуваат нови музички и супкултурни појави: панк, пост панк, хип хоп и диско, кои својата привлечност ја базираат врз опозиција на рокенролот како во музички, така и во смисла на животен стил. И покрај обидот за идеолошко оградување и опозиција, нарко културата останува интегрален дел од овие тенденции. Продолжувајќи онаму каде што застанал рокенролот, овие автентични сцени стануваат поекстремни како во изразувањето на својата уметност, така и во користењето нови дроги и начините на нивно уживање.
Крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од 20 век ни ја дадоа електронската денс музика/култура/сцена, а таа со себе донесе свеж начин на гледање на веќе познатите консументски, но и хуманистички придобивки од минатите децении. Радикално новите технологии, па и радикално новите дроги (екстази и разноразни модерни синтетички достигнувања), доведоа до една навидум нова, на моменти предреволуционерна состојба на духот меѓу општествено-политичките ентузијасти и секако младите луѓе. На крилјата на љубовта, заедништвото и неверојатната музичко-технолошка креативност, се случи голем препород и ослободување како на општествената и политичката, така и на нарко сцената која сега веќе се доживува и се третира како официјално гориво за младинските културни револуции. Големото ослободување доаѓа како директна последица од масовната употреба на дроги, која одамна го има надминато стадиумот на селективност и сега е присутна буквално во сечив џеб. Нема веќе граници, нема веќе затворени кругови, нема веќе тајни. Сега сите се дрогираат. Сите. Додајте го на ова и ефектот на „глобално село“ како слој постигнат со последната информатичка револуција и ќе ја добиете денешната состојба на светот. Свет во кој до вчера „смртоносната“ дрога, една од најсатанизираните појави на 20 век е предмет на постепена, но сигурна декриминализација и легализација.
Одеднаш дрогата е прифатлива. Одеднаш сите зборуваат за намалување на штетноста, за рекреативна употреба, за дозволени количества за лична употреба… Војната против дрогите полека станува минато, долж сѐ поголемиот број држави кои легализираат и декриминализираат. Прашање на време е кога решавачки големо парче од светот повторно ќе живее без паранојата да се биде прогонуван само поради желбата/потребата слободно да избереш што ќе ставиш во сопственото тело. Како стигнавме до оваква состојба кога само пред 20-тина години сето ова беше незамисливо? Одговорот е мошне едноставен: економија. Големите бизнис-фактори (фармацевтската индустрија и државните и приватни институции под нејзина контрола) прецизно профитираа од повеќедецениската прохибиција, регрутирајќи го тукуречи целото население на планетава во потенцијален муштерија. За само неколку децении, преку (суп)културните движења и развојот на „човековите права“, сите до еден станавме мошне посакувани и легитимни корисници на повеќе дроги отколку што можевме и да замислиме. Економијата и потребата за обрт се навистина волшебни нешта. Можеби на прва помисла сето ова некому ќе му прозвучи цинично, но нема ништо цинично во реалноста. А реалноста јасно покажува дека единството и повратната спрега меѓу бизнисот, дрогите и највозбудливите културни и хуманистички достигнувања отсекогаш биле, а особено сега се самиот трешхолд на цивилизацијата. Сето ова е и вистински предизвик за размислување на модерниот човек, читател на овој скромен текст. Дури и за мене, вака уверен во оваа цивилизациска спрега, не е едноставно, а особено од морален аспект, смирено да учевствувам во целиот процес. Но, процесот е многу поголем и поважен од единката. Свеста со која забрзано се здобиваме употребувајќи (НЕ ЗЛОУПОТРЕБУВАЈЌИ) дроги е драгоцено искуство. Развојот на мислата, уметноста и вмрежувањето на искуствата преку новите технологии е нешто што доаѓа со цена. Ми се чини дека во тој процес треба да влеземе максимално свесно и одговорно, со отворени глави, подготвени да ја платиме цената на напредокот.
Мирко Попов
Роден 1972 во Скопје, Мирко Попов, во последниве 2 – 3 децении израсна во еден од водечките музички работници во Македонија: композитор, продуцент, диск-џокеј, радиопрезентер, промотор на музички/културни настани. ПМГ Рекордингс е водечка независна дискографска куќа во Македонија, која под негово водство има реализирано повеќе од 150 изданија. Продуцент и сценарист на голем број музички видеа и еден документарен филм. Режисер и сценарист на радиодрами. Редовно пишува за музика повеќе од 20 години. Сѐ уште живее и работи во Скопје.
Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.
Магазин “Дроги – Политики и практики”