Граѓанските организации кои работат со ранливи групи речиси секојдневно евидентираат загрижувачки број на случаи во кои корисниците на дроги се соочуваат со пречки во пристапот до здравствени услуги, што значително го отежнува квалитетот на нивното живеење. Оставени се сами да се борат дури и против јавните здравствени установи во кои поради припадност или претпоставена припадност кон ранлива група се одбива да им се даде здравствена услуга и таквата одлука често е прикриена зад навидум објективни објаснувања како што е недостаток од болнички кревети за сместување, немање надлежност за преземање мерки и слично.
Предрасудите кон корисниците на дроги ја поттикнуваат нетрпеливоста и водат кон нееднаков пристап до добра и до услуги и нееднаква можност за уживање на правата подеднакво со сите. Пристапот до правда е значително отежнат имајќи ги предвид сите овие фактори, но тоа дополнително ја влошува нивната состојба. Томку затоа ги охрабруваме да побараат помош кога ќе оценат дека нивните права се повредени само поради тоа што користат дроги, поради тоа што давателот на услуги има таква перцепција или поради друга состојба која е непосредно поврзана.
Една од институциите која штити од дискриминација е Народниот правобранител. Оваа институција постапува во случај кога дискриминација се врши од страна на органите на државната управа и од други органи и организации кои имаат јавни овластувања, вклучително и здравствените установи, каде што спаѓаат и приватните здравствени установи, со оглед на нивните јавни овластувања. Надлежностите на Народниот правобранител не се однесуваат на случаи кога дискриминација вршат приватни физички или правни лица кои немаат јавни овластувања. Во тие случаи, надлежност за постапување има Комисијата за заштита од дискриминација.
Постапката пред Народниот правобранител се покренува со поднесување на претставка која содржи податоци за подносителот, негов потпис, како и информации за фактите и за околностите поради кои подносителот оценил дека е дискриминиран. Исто така во претставката се наведуваат податоци за лицето против кое се поднесува претставката и дали досега подносителот веќе реагирал до некоја институција, како на пример до суд, до Комисија за заштита од дискриминација, до надлежен инспекторат итн. Подносителот на претставката е ослободен од плаќање такси за постапката пред Народниот правобранител. Во рок од 15 дена од поднесувањето на претставката, Народниот правобранител има обврска да го извести подносителот дали е покрената постапка за случајот кој го иницирал.
Откако Народниот правобранител ќе ги прибере сите информации кои му се потребни за да констатира дека кон подносителот е сторена дискриминација, ќе донесе препорака, мислење, предлог и начин за отстранување на повредата. Има надлежност да покрене постапка и пред Јавното обвинителство доколку се работи за кривично дело, да иницира дисциплинска постапка против службено лице, како и да предложи повторно да се спроведе одредена постапка. Мислењата, препораките и предлозите на Народниот правобранител се наменети да извршат влијание врз постапувањето на органите на државната управа, а исто така позитивното мислење на Народниот правобранител може да се користи во судски и други постапки за утврдување повреди на права.
Авторка: Росана Богатинова
Росана Богатинова е магистер по правни науки од областа на кривичното право. Во 2013 година е избрана за универзитетски асистент по предметот Кривично материјално право на Факултетот за правни науки при Европскиот универзитет во Скопје. Во 2016 година го започнува својот ангажман во ХЕРА како правен советник и полномошник на организацијата, со примарна надлежност во обезбедување правна помош за клиенти од социјално исклучените групи на граѓани кои се соочуваат со прекршување на сексуалните, здравствените и социјалните права.