Со клучни одлуки до здрава заедница. Во јуни 2017 година, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ја почна кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница“ за одржување на програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои се докажано ефикасни за напорите за заштита од ХИВ, но и за рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои употребуваат дроги. Една од најголемите придобивки е што уште на самиот почеток кампањата ја поддржа министерот за здравство на Република Македонија, д-р Арбен Таравари, кој ја изрази подготвеноста на Министерството за здравство за финансирање на програмите за намалување на штети. Со мотото „Клучна е и твојата одлука“ беше упатен и општ повик за потпишување петиција за одржување на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија која ќе биде отворена до септември 2017 година. Поддржи. Не казнувај. Македонија по петти пат се вклучи во кампањата „Поддржи. Не казнувај.“ која се одржува по повод Меѓународниот ден за борба против дрогите. Почнувајќи од 2013 година, секоја година на 26 јули здруженијата и слободоумните поединци од целиот свет со мотото „Поддржи. Не казнувај.“ ги предизвикуваат своите влади и меѓународните организации да се откажат од прогонот на луѓето кои употребуваат дроги и да воведат похумани политики и практики засновани на докази и на потребите на луѓето. По повод оваа кампања Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје повика на потпишување петиција за одржување на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија која е дел и од кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница“. Ирска се подготвува за декриминализација на сите дроги. Во новата Национална стратегија за дроги на Република Ирска е предвидена можност за декриминализација на сите видови дроги наменети за лична употреба. Ваквиот став е заснован на досегашните искуства кои покажуваат дека криминализацијата на дрогите е контрапродуктивна и за обвинетите и за државата. Со актуелната политика за дроги на луѓето осудени за поседување на дроги наменети за лична употреба им се уништуваат животите, а државата троши огромни средства кои можат да бидат искористени за поефикасни третмани на луѓето кои се зависни од дроги. (Извор: The Irish Times) Врховниот суд на Западен `Рт, Јужноафриканска Република, дозволи употреба на канабис во домовите. Во март 2017 година, Врховниот суд на Западен `Рт, покраина во Јужноафриканската Република, донесе историска пресуда во полза на правото на употреба на канабис, односно „дага“ (dagga) како што се нарекува во ЈАР. Судот смета дека со забраната за употреба на канабис во приватниот простор се повредува правото на избор на полнолетните граѓани. Со оваа одлука на Собранието му се наложува да ги направи потребните законски измени за сите полнолетни граѓаните да можат да поседуваат, да одгледуваат и да употребуваат канабис во своите домови. За целосно спроведување на законските измени на Собранието му е даден рок од 24 месеци. (Извор: News 24) Ослободителна пресуда за користење листови од кока во Шпанија. По неколкугодишно судење, на 15 март 2017 година во Шпанија е донесена ослободителна пресуда за лице обвинето за недозволен увоз на листови од кока. Листовите од билката кока традиционално се користат како храна, за лекување и за обредни потреби кај народите од Андите и од Амазонија, но според меѓународните спогодби коката спаѓа во забранети супстанции. Затоа поборниците за употреба на оваа билка сметаат дека пресудата во Шпанија е особено значајна нагласувајќи дека ова е прв случај на коката да ѝ се оддаде признание надвор од Јужна Америка со што се исправа историската грешка на забрана на употреба на листовите од кока, а преку тоа и забрана на народните обичаи кои не можат да се спроведуваат без оваа билка. (Извор: IDPC) ОН побараа од Филипините да го отфрлат предлогот за смртна казна. Во март 2017 година, специјалните известувачи за вонсудски погубувања и за измачувања на Обединетите нации побараа од законодавците на Филипините да го одбијат предлог-законот за смртна казна. Предложениот закон на 7 март 2017 година беше усвоен од Претставничкиот дом и е поднесен на одобрување од Сенатот. Со овој закон се предвидува смртна казна за кривични дела поврзани со дроги, но Обединетите нации предупредуваат дека со тоа Филипините се оддалечуваат од глобалните трендови кои водат кон аболиција и ги прекршуваат обврските на земјата кон меѓународното право. (Извор: OHCHR) Еди Ајнбиндер со „Забавувај се безбедно“ во Скопје. На 30.3.2017 година, Еди Ајнбиндер (Eddie Einbinder) гостуваше во Скопје на проекцијата на неговиот документарен филм „Забавувај се безбедно“ во кој се прикажуваат ефектите и можните последици од употребата на различни видови дроги. Еди Ајнбиндер е психотерапевт кој работи со луѓе зависни од дроги, а држи предавања за намалување на штетите од употреба на дроги на врвни универзитети, во средни училишта, за бездомници, на младински клиники. Во текот на паузата и по проекцијата на филмот во Скопје учесниците имаа можност да разговараат со авторот и да разменат искуства и сознанија. Индија усвои Закон за заштита на луѓето кои живеат со ХИВ. Во март 2017 година Индија усвои закон со кој на сите луѓе кои живеат со ХИВ им се гарантира навремен и соодветен третман, право на образование и право на вработување. Ова значи дека во Индија повеќе нема да се толерира дискриминацијата на луѓето кои живеат со ХИВ во здравството, во образованието, на работното место, во јавните установи и при осигурувањето. Со овој закон и владите на федералните единици се обврзуваат да обезбедат антиретровирусна терапија за соодветно и навремено лекување. Се очекува дека новововедените мерки ќа ја подобрат заштитата од ХИВ и ќе го унапредат општото здравје на целокупното население. (Извор: The Times of India) ЛСД во полза на изучувањето на когнитивните процеси. Научниците од Универзитетската клиника за психијатрија во Цирих, Швајцарија, потврдија дека ЛСД (lysergic acid diethylamide) предизвикува промена на перцепцијата за себе и за опкружувањето кај луѓето кои ја користат оваа супстанција. Но, најзначајното во нивното истражување е што со помош на ЛСД се откриени нервните рецептори кои ги поддржуваат когнитивните процеси за промена на личните сфаќања и ставови. Се очекува дека овие наоди ќе помогнат во разбирањето на потешкотиите на луѓето со психијатриски нарушувања и во изнаоѓање соодветна поддршка за нив. (Извор: Science Daily) Полицијата во округот Дарам, Англија, на зависниците ќе им дава хероин. Округот Дарам е првиот кој воведува практика полицајците да им издаваат фармацевтски хероин на зависниците од дроги кои тие ќе можат да го употребуваат во просториите за безбедна употреба на дроги. Оваа мерка се воведува поради потребата од иновативни пристапи наспроти неефикасноста на досегашните практики за справување со дрогите. Оваа одлука е широко одобрена и се очекува дека на овој начин ќе се заштитат здравјето и животите на луѓето и дека ќе се намали криминалот. (Извор: The Guardian) Глобалната комисија за политики за дроги изрази загриженост поради апсењето на сенаторката Де Лима на Филипините. Глобалната комисија за политики за дроги упати порака за загриженост поради апсењето на филипинската сенаторка Лејла де Лима и побара почитување на претпоставката за невиност и праведен третман од филипинските власти. Сенаторката Де Лима е правничка и поборничка за човековите права, а филипинската полиција ја уапсила под обвинение за наводна вклученост во трговија со дрога. Глобалната комисија го искористи истото обраќање за да го потсети филипинскиот претседател Дутерте дека војната која тој ја води против дрогите е бесцелна и штетна за граѓаните. (Извор: Global Commission on Drug Policy) Откриено е зошто дејството на ЛСД трае толку долго. Повеќегодишните истражувања на ЛСД (lysergic acid diethylamide) покажаа дека дел од рецепторот на серотонинот ја прекрива молекулата на ова соединение и ја задржува во мозокот до дванаесет часа. Поради тоа дејството трае толку долго. Се очекува дека ова откритие ќе им помогне на хемичарите да создадат ЛСД со пократкорочно дејство кој би се користел за клинички третман на анксиозност и посттрауматски стрес. Истражувањата за начинот на кој ЛСД предизвикува изменети состојби на свест сè уште не даваат конкретни одговори. (Извор: The Guardian) Бирото за сузбивање на дрогите на САД ги отстрани неточните податоци за канабисот. Тужбата на здружението Америкаците за безбеден пристап (Americans for Safe Access) го натерало Бирото за сузбивање на дрогите (Drug Enforcement Administration) на Соединетите Американски Држави да ги отстрани неточните податоци за канабисот од својата интернет-страница. Со тоа Бирото признава дека канабисот не предизвикува рак на белите дробови, оштетувања на мозокот или психози и дека не претставува увертира во употреба на други дроги. (Извор