Канадските експерти сакаат да го регулираат снабдувањето со хероин за да се намали предозирањето. Центарот за употреба на супстанции во Британска Колумбија (BCCSU) предложи создавање клубови каде што пациентите ќе можат законски да се снабдат со фармацевтски произведен хероин. Клубот ќе работи како „кооператива за купување преку членство“, што значи дека членовите ќе ги комбинираат своите ресурси за да го набават хероинот во најголемиот дел по пониска цена од доставувачите. За да се спречи пренасочувањето кон нелегалниот пазар, клубот ќе ги ограничи понудените количини за индивидуална, краткорочна лична употреба. Клубовите би имале и други услуги за намалување на штети. Ако се имплементира, пристапот ќе биде темелно оценет и по потреба модификуван. Во моментов е незаконски еден клуб да се здобие и да дистрибуира хероин, но постои механизам за изземање што ќе му дозволи на министерот да го одобри. (Извор: BCCSU)
Нова студија покажува дека лесната, долготрајната употреба на МДМА не го нарушува нормалното општествено функционирање на личноста. Резултатите на истражувачи од Универзитетот во Ексетер покажале дека корисниците на МДМА имале значително поголема емоционална и когнитивна емпатија споредени со групата испитаници кои не користеле МДМА. Еден од наодите на истражувањето сугерирал дека е тешко да се донесе заклучок дека МДМА всушност го подобрува емпатичниот потенцијал на корисникот на долг рок, но може да се тврди дека лесна, долгорочна употреба на МДМА не го оштетува социјалното функционирање кај една личност. (Извор: Journal of Pharmacology)
Египет ја одобри смртната казна за дилерите на дрога. Кабинетот на Египет го одобрил нацрт-законот според кој секој кој „ќе донесе или ќе извезува синтетички супстанции со анестетски ефект кој е штетен за умот, за телото или за психолошката и невролошката состојба кај човекот, ќе се казни со смрт“. Дрогата во Египет влегува од Јужна Азија, обично преку море и аеродроми, а потоа се дистрибуира низ регионот на Северна Африка и во Европа. Трговијата со дрога во Египет исто така е клучна активност на транснационалните мрежи на организиран криминал. Нацрт-законот предвидува и казна доживотен затвор и максимална парична казна од 28 000 долари за оние кои поседуваат дрога заради продажба. (Извор: Middle East Monitor)
Светската здравствена организација ги призна лековитите својства на канабисот. СЗО со историска објава даде препорака до владите да го отстранат канабисот од листата на наркотични дроги. Ова претставува голем чекор напред за медицинската употреба за канабисот во светот бидејќи владите веќе нема да можат да се повикуваат на Единствената конвенција на наркотични дроги за да го забрануваат медицинскиот канабис. Дополнително СЗО препорачува да се олесни пристапот и некои ТХЦ-препарати и препаратите кои не содржат повеќе од 0,2 отсто ТХЦ да не подлежат на интернационална контрола. (Извор: НОВА ТВ)
Грчкиот парламент ги одобри собите за безбедно консумирање дрога. Министерството за здравство сега ќе може да лиценцира одредени локации низ целата земја за да работат како простории за безбедно консумирање дрога – простории каде што луѓето ќе можат да користат нелегални дроги во безбедна, стерилна средина и без страв од гонење. Како што објавија „Толкинг драг“, Грција моментално има една од највисоките стапки на ЕУ за новодијагностицирани ХИВ-случаи припишани на употребата на дрога со инјектирање. Овие простории ги намалуваат штетите од употреба на дрога со обезбедување на луѓето со стерилна опрема, минимизирање на ризикот од пренесување на болеста – вклучувајќи ги и ХИВ и хепатитис Ц – со размена на игли. (Извор: Talking Drugs)
Втор пациент излекуван од ХИВ, пресвртница на глобалната епидемија на СИДА. И во првиот случај од пред 12 години и во овој, лечењето резултирало од трансплантација на коскена срж. Но, трансплантацијата имала цел да го лекува ракот кај пациентите, а не ХИВ-вирусот. Трансплантацијата го уништила ракот без штетни несакани ефекти. Трансплантацијата на имуни клетки, сега отпорни на ХИВ, се чини дека целосно ги замениле своите ранливи клетки. Новиот пациент избрал да остане анонимен, а научниците го нарекле „лондонски пациент“. „Имам чувство на одговорност да им помогнам на лекарите да разберат како се случило за да можат да ја развиваат науката“, изјавил тој за „Њујорк тајмс“. (Извор: The New York Times)
Трансродов маж од Северна Македонија доби позитивна пресуда од Судот во Стразбур против државата. Во случајот „Икс против Македонија“, Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. По оваа одлука, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот. Судот на транс лицето му додели 9 000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период. (Извор: Коалиција Маргини)
Тркалезна маса: „Потреби, предизвици и решенија – Што можеме заедно за децата во социјален ризик во Македонија?“. Претставници од институциите, здруженијата на граѓани и меѓународните организации дискутираа за потребите и за предизвиците на децата во социјален ризик во Македонија (децата кои употребуваат дроги, децата кои имаат конфликт со законите, кои доаѓаат од семејства кои употребуваат дроги или имаат конфликт со законите, децата на улица, децата без родители и родителска грижа, како и децата Роми) и се обидоа да најдат модели за соработка со цел унапредување на социјалната и здравствената заштита, образованието и безбедноста на овие деца. Присутните како најгорливи проблеми ги подвлекоа недостатокот од соодветна заштита и згрижување за децата на улица, сегрегацијата и ограничениот пристап на ромските деца до образование, како и недостатокот на програма за лекување, рехабилитација и ресоцијализација на децата кои употребуваат дроги. Присутните изразија расположеност за заедничко дејствување во следниве области: Сензитивизација на македонското општество преку промоција на вредности за толеранција и недискриминација; Заложба за усвојување и соодветно спроведување на Предлог-законот за социјална заштита; Децентрализација на надлежностите; Зајакнување на меѓусекторската координација; Подобрување на систематското собирање на податоци.
Смртниот случај предизвикан од МДМА во Белорусија ја истакнува опасноста од забраната. По земање комбинација на МДМА и на антидепресивни лекови, младата Дијана Л. починала. Нејзините пријатели се обиделе да ја реанимираат, но не ги повикале итните служби веднаш, тие чекале околу еден час поради нивниот страв од кривично гонење поради постоечките репресивни закони за дрога во земјата. Активистите од групата „Легализирај ја Белорусија“ ја обвинуваат Владата за ненамерно предизвикување на смртта на Дијана поради нивната прохибистичка политика за дрога. Тие тврдат дека фокусирањето на застрашување ги обесхрабрува граѓаните од барање помош и дека законските промени изнесени од Парламентот минатата година не биле официјално донесени поради неподготвеноста на Министерството за внатрешни работи или на Врховниот суд да ги поддржат реформите.