Усвоена Локалната стратегија за заштита од ХИВ на Град Скопје. Советот на Град Скопје на својата 68. седница, одржана на 7.7.2016 година, едногласно ја усвои Локалната стратегија за заштита од ХИВ на Град Скопје за периодот од 2016 до 2020 година заедно со Акцискиот план за спроведување на оваа Стратегија за 2016 и 2017 година. Процесот на изготвување на Стратегијата траеше шест месеци и беше воден од страна на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, а со претходен договор со Град Скопје. Локалната стратегија и Акцискиот план се резултат на трудот на Експертската работна група составена од претставници на: Град Скопје, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, ЈЗУ Психијатриска болница Скопје – Скопје, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, односно на Секторот за внатрешни работи, Одделението за превенција и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Стар-Стар и Доверба. Според Елеонора Панчевска Николовска, раководителка на Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Секторот за јавни дејности на Град Скопје, „Градот Скопје е свесен за потенцијалните ризици од ХИВ и одговорно се вклучува во националните напори за заштита на здравјето и благосостојбата на населението. Заложбите за заштита на населението од ХИВ се содржани во повеќето стратешки документи на Градот, а Градот досега има организирано и учествувано во неколку активности за заштита од ХИВ како што се кампањи за подигање на свеста за ХИВ и поддршка на Дневниот центар за намалување на штети од употреба на психоактивни супстанции. И покрај досегашните заложби, имајќи ги предвид актуелните околности и потреби на своите жители, Градот Скопје, со оваа Стратегија, решава на заштитата на населението од ХИВ да ѝ даде дополнителен приоритет“. Христијан Јанкулоски, извршен директор на ХОПС, изрази благодарност до службите на Градот Скопје и до Советот на Градот Скопје за поддршката во целиот процес на подготовка и на усвојувањето на Стратегијата и увереност во доследно спроведување на заложбите од Локалната стратегија.
Обединетите нации креираат политики без вклучување на најзасегнатите. На самитот на Обединетите нации кој се одржа во Њујорк, САД, од 8 до 10 јуни 2016 година, им беше забранет пристапот на дваесет и две организации-претставнички на луѓето кои употребуваат дроги и на заедниците на ЛГБТ. На забраната за учество инсистирале 50 земји-членки на ОН меѓу кои Русија, Иран, Саудиска Арабија и Египет. Не е дадено јасно образложение за ваквиот нивен став, но со него се предизвикани остри критики кон ОН и кон земјите кои барале забрана за учество за одредени организации. Во знак на револт, повеќе учесници го напуштиле состанокот. Во знак на поддршка на организациите на кои им беше забранет пристап на самитот, извршниот директор на ОНСИДА Мишел Сидибе (Michel Sidibé) изјави дека за сузбивање на епидемијата ОН мора да го слушнат гласот на најзасегнатите. Присутните организации и дел од земјите-членки на ОН сметаат дека декларацијата усвоена на самитот, со исклучок на неколку параграфи, само ќе ги усложни и ќе ги отежне напорите за справување со ХИВ. Иако овој документ не е обврзувачки за земјите-членки на ОН, сепак претставува средство со кое активистите, особено оние во земјите во развој, вршат притисок врз креаторите на јавните политики за поактивно и за поорганизирано сузбивање на ХИВ. (Извор: Заедно посилни)
Трет семинар за демистификација на конопот во Македонија. На 28 и 29 мај во Скопје повторно се одржа семинар за демистификација на конопот. Целта на семинарот беше употребата на канабисот во здравствената заштита, теорија и пракса, со предавачи од Израел, од Чешка, од Шпанија, од Канада и со гости од соседните држави. Од Здружението Зелена алтернатива кое го организираше овој семинар велат дека на овој начин сакаат да ги подучат здравствените работници и граѓаните во Македонија кои во сѐ поголем број се решаваат да се лекуваат со масло од канабис заради правилна употреба на конопот. „Со оглед на сè почестите заболувања на наши и ваши роднини, пријатели и познаници, веруваме дека на сè повеќе луѓе им е потребно маслото од канабис како за спречување и превенција, така и за лекување на повеќе болести и тегоби на ова модерно време“, е истакнато на интернет-страницата на Здружението. Посветеноста на Зелена алтернатива може да се препознае во тоа што по третпат успеаја да организираат семинар на кој за лекување со канабис предаваа истакнати светски авторитети како: д-р Лумир Онджеј Хануш (Lumír Ondřej Hanuš, PhD), д-р Пол Хорнби (Paul Hornby, PhD), д-р Роберт Џ. Меламед (Robert J Melamede, PhD), д-р Илја Резник (Ilja Reznik, PhD), д-р Хозе Карлос Боусо (José Carlos Bouso, PhD) и д-р Павел Пахта (Pavel Pachta).
Во Ванкувер фентанилот е поголема закана од хероинот. Луѓето во Ванкувер, Канада, кои употребуваат дроги сѐ почесто добиваат фентанил наместо хероин. Според Полицијата, дилерите со измами го продаваат фентанилот како хероин. Но, фентанилот е многу посмртоносен од хероинот. Само во 2015 година, во државата Британска Колумбија во Канада се забележани 470 смртни случаи предизвикани поради употреба на фентанил. Фентанилот има слично дејство на хероинот, но полесно е да се произведе и да се прошверцува и затоа им е поомилен на дилерите. Луѓето кои употребуваат дроги тврдат дека во Ванкувер речиси и да не може да се купи вистински хероин. Оваа појава експертите ја споредуваат со состојбата во САД кога во времето на прохибицијата на алкохол криминалците произведувале и продавале етанол кој бил поевтин, посилен и поотровен, а главната причина за ваквата состојба ја гледаат во криминализацијата на дрогите и прогонот на луѓето кои употребуваат дроги. Ова е уште еден аргумент за поборниците за реформирање на политиките за дроги кои повикуваат на промена на законската регулатива за дроги. Во меѓувреме активистите за намалување на штети ги подучуваат луѓето никогаш да не инјектираат опијати/опиоиди насамо и секогаш да носат со себе поголеми дози налоксон затоа што за сузбивање на предозираноста од фентанил е потребна поголема доза налоксон отколку за хероин. (Извор: The Fix)
Смртни казни за луѓето осудени за користење дроги во Индонезија. Оваа година во Индонезија ќе се изврши третата тура на смртни казни за луѓе осудени за употреба на дроги од почетокот на владеењето на актуелниот претседател Џоко „Џокови“ Видодо (Joko „Jokowi“ Widodo). Со оваа тура ќе бидат погубени десет туѓинци и пет Индонезијци. И покрај постојаните меѓународни притисоци за укинување на смртната казна за дела како употребата на дроги, претседателот Џокови опстојува на ставот за неопходноста од т. н. „шок-терапија“ за сузбивање на употребата на дроги. Додека траат подготовките за погубувањата, протестираат и групите за човекови права. Дијана Сајед (Diana Sayed), координаторка на кризните кампањи на Амнести интернешнл (Amnesty International), смета дека смртната казна е најсуров, најнечовечен и најдеградирачки облик на казнување на кој не му е местото во „современиот правосуден систем“. (Извор: The Diplomat)
Разочарување од Специјалната седница за дроги на Генералното собрание на Обединетите нации. Наспроти оптимистичките очекувања, Генералното собрание на Обединетите нации на Специјалната седница за дроги која се одржа од 19 до 21 април 2016 година без никаква дебата усвои безличен документ за меѓународните политики за дроги. Во документот не се изнесени јасни ставови за намалувањето на штетите од употребата на дроги, за смртната казна, за криминализацијата на луѓето кои употребуваат дроги, како ни за регулирањето на пазарите на дроги. Недостатокот на јасни цели го попречува понатамошното спроведување на документот најмалку до следната седница која треба да се одржи во 2019 година. И покрај амбивалентниот однос на Генералното собрание на ОН, некои влади најавија отстапување од зацртаните меѓународни политики за дроги. Канада најави дека ќе го легализира канабисот, а министерот за здравство на Чешка истакна дека меѓународната политика за дроги со која се фаворизираат репресијата и криминализацијата потфрлила во заштитата на јавното здравје и безбедноста. (Извор:Drug Reporter)
Следната година Канада ќе го легализира канабисот. Министерката за здравство на Канада Џејн Филпот (Jane Philpott), на Специјална седница на Обединетите нации за меѓународна политика за дроги, на тридневната конференција на странски држави која се одржа во Њујорк, откри детали за реформските напори за легализација на канабисот во Канада. Како што стојат работите, земјите-членки на ОН кои ќе го легализираат канабисот ќе ги прекршат меѓународните договори за дрога. Но, досега секако имало притисок од меѓународната заедница како Канада, САД и други земји кои имаат дозволено поединечни држави и провинции да експериментираат со легализацијата на канабисот. Филпот вели дека на национално ниво легализирањето на канабисот во Канада „предизвикува статус кво во многу земји“, а воедно реформите во врска со канабисот се дел од напорите на земјата за „модернизација“ на својата политика за дроги во која се нагласуваат третманот и намалувањето на штети од употребата на дроги, а не казнените и репресивните мерки. Застапниците за легализација на канабисот веќе ја прославуваат одлуката за легализација на канабисот. (Извор: ХОПС)
САД со поддршка за програмите за намалување на штети од употреба на дроги. На 29 март 2016 година беше објавено дека Соединетите Американски Држави го менуваат ставот за политиките за дроги и дека почнуваат да ги поддржуваат програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Промената на политиката значи дека од федералниот буџет ќе бидат издвоени средства за набавка на стерилни игли, шприцови и налоксон кои ќе бидат бесплатно дистрибуирани до луѓето кои инјектираат дроги. Со средства од федералниот буџет ќе се финансираат и обуки за намалување на штети и програми за лекување на зависности со примена на супституциска терапија. Оваа одлука беше поздравена од поборниците за политиките за намалување на штети, но тие исто така изразија разочарување поради тоа што Белата Куќа продолжува да ги поддржува политиките на прогон и криминализација со што се продолжува прекршувањето на човековите права на луѓето кои употребуваат дроги. Поборниците за политики за намалување на штети ја повикуваат администрацијата на претседателот Барак Обама средствата кои се трошат за прогон и за затвори да ги пренамени за заштита на јавното здравје, а употребата на дроги да ја третира како здравствено наместо кривично прашање. (Извор: DPA)
Повик за глобална декриминализација на дрогите. Меѓународната комисија составена од медицински експерти повикува на глобална декриминализација на дрогите. Комисијата е основана од медицинското списание Лансет и Универзитетот Џон Хопкинс во САД, а во неа членуваат доктори, научници и експерти за здравствени и за човекови права од светот. Тие сметаат дека сегашните политики водат кон насилство, смрт и ширење на болести, како и повреда на здравствените и на човековите права. Нивниот став е дека строгите закони за дрогите предизвикаа мизерија, не ја спречија употребата на дрога, а поттикнаа насилни криминални дела и помогнаа да се рашири епидемијата на ХИВ и на хепатит Ц преку нестерилен прибор за употреба на дрогите. Комисијата ги повика Обединетите нации да ја поддржат декриминализацијата на лесните, на ненасилните криминални дела поврзани со дрогите и нивната употреба, поседување и продажба на мали количини. Потребно е да се напушти примената на воена сила против мрежите на дроги, а полицијата да се насочи кон насилните и вооружени криминалци. Во Извештајот издаден од оваа Комисија се прикажани слабостите на рестриктивните политики за дроги, но и ефикасноста на хуманизацијата на политиките за дроги која веќе се спроведува во одделни држави како Португалија и Чешка. (Извор: Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“)