Простории за безбедна употреба на дроги во Франција. Во септември 2015 година, францускиот Сенат усвои нов Закон за здравство во кој, меѓу останатото, е предвидено отворање на простории за безбедна употреба на дроги. И покрај спротивставувањето на конзервативните сенатори, мнозинството сенатори во Сенатот го поддржале членот од Законот со кој се предвидува отворање на простории за безбедна употреба на дроги во шестгодишен пробен период. Наспроти конзервативните сенатори, кои овие простории ги нарекуваат „предворја на смртта“, поддржувачите своите ставови ги поткрепуваат со искуствата од други земји во Европа, во Австралија и во Канада со кои се потврдуваат многубројните предности за заштита на животот и здравјето на луѓето кои употребуваат дроги, но и на пошироката заедница. Во Франција се евидентирани околу 80.000 луѓе кои инјектираат дроги и околу 100 смртни случаи поради опијатно предозирање годишно. Се очекува дека постоењето на просториите за безбедно инјектирање ќе го намали бројот на случаи на опијатно предозирање и ќе овозможи похумани услови за третман на луѓето кои употребуваат дроги. Неодамна и во Бугарија беше започната иницијатива за отворање на простории за безбедна употреба на дроги. (Извор: Drug Reporter)
Од октомври 2015 година налоксонот во Англија ќе биде подостапен. Oд 1 октомври 2015 година сите овластени служби за третмани за дроги во Англија ќе можат да дистрибуираат налоксон за сите кои имаат потреба од овој лек. Надлежните во Англија конечно ги прифатиле сугестиите од стручните лица за предностите на послободната дистрибуција на налоксон за заштита од опијатно предозирање. Со овој Закон налоксон ќе можат да добијат сите кои сметаат дека со тоа можат да спасат нечиј живот. Се очекува дека послободната дистрибуција на налоксон ќе претставува особена поволност за луѓето кои инјектираат дроги, за нивните семејства и пријатели, за угостителите и за сите кои можат да се најдат во ситуација да спасат нечиј живот. Луѓето кои ќе добиваат налоксон ќе бидат обучувани како правилно да го употребуваат лекот. И покрај тоа што налоксонот е безопасен за каква било друга употреба, надлежните не дозволуваат да се дистрибуира надвор од овластените служби за третмани за дроги. (Извор: Drink and Drugs News)
Со програмите за намалување на штети, Вашингтон спасува животи и заштетува пари. Со математички пресметки е утврдено дека во Вашингтон ДЦ, САД, блaгодарение на дистрибуцијата на стерилен прибор за инјектирање за луѓето кои инјектираат дроги за само две години била спречена појава на 120 нови потенцијални случаи на ХИВ. Со спречување на ширењето на ХИВ, Вашингтон успеал да заштеди 45,6 милиони долари, а тоа е само дел од потенцијалните трошоци за третман на луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА. Вашингтон ДЦ претходно одбивал поддршка за програмите за намалување на штети, но локалните власти увиделе дека придобивките се далеку поголеми од одржувањето на конзервативните ставови за привлекување гласачи. Во САД сè повеќе сојузни држави ги напуштаат конзервативните политики за дроги и ги поддржуваат програмите за намалување на штети. (Извор: Newsweek)
Црни денови за програмите за намалување на штети во Полска. Фондацијата за намалување на штети од Варшава, Полска, се соочува со можно затворање поради одбивањето на понатамошната поддршка од локалната самоуправа. На претставникот на Фондацијата му било одговорено дека „се среќни што досега добивале поддршка“. Локалната самоуправа одбива дури и да ѝ изнајми простории за работа на Фондацијата. Иако декларативно Полска ги одобрува и ги поддржува програмите за намалување на штети, во практика се покажува дека земјата е под влијание на доминантните католички конзервативни вредности и на здруженијата за борба против дрогите. Полското Национално биро за превенција на дроги е немоќно во споредба со ингеренциите на локалната самоуправа на Варшава и не може да им даде соодветна поддршка на програмите за намалување на штети. Наспроти ова, Фондацијата за намалување на штети, најголема од ваков вид во Полска, е осамена во напорите за згрижување и услужување на луѓето кои употребуваат дроги во Варшава, соочена со отпорите на моќните конзервативни политички струи. (Извор: Drug Reporter)
Центри за лекување зависности раководени од луѓето кои употребуваат дроги. Во Индија постојат повеќе од 150 центри за лекување на зависнсоти од дроги со примена на супституциска терапија раководени од здруженија на граѓани, а слични програми постојат и во сите државни болници во петте главни градови. Сепак, и покрај сите напори, Индија е далеку од тоа да ги исполни потребите за помош на луѓето кои употребуваат дроги. Луѓето кои бараат помош за себе или за своите блиски се соочуваат со дискриминација, некомпетентност, игнорирање и недостаток на можности за рехабилитација. За надминување на слабостите се најавува вклучување на луѓето кои употребуваат дроги во дизајнирање на новите центри за зависности. (Извор: India HIV/AIDS Alliance)
И Бутан воведува лекување со супституциска терапија за луѓето зависни од дроги. На 14 август 2015 година, министерот за здравство на Бутан го отвори првиот центар за зависности од дроги и алкохол. Ова е првпат во историјата на Бутан да се отвора центар од ваков вид, а главната причина е намерата на Владата на Бутан да им помогне на луѓето, а преку тоа да ја намали употребата на дроги и на алкохол. Во изјавата, меѓу останатото, се наведува дека само во последните шест месеци во Бутан имало 27 смртни случаи поради предозирање со дроги. Со отворањето на центарот за зависности, луѓето зависни од опијати ќе добиваат супституциска терапија со бупренорфин со што ќе се намалат смртноста и другите штетни последици од употребата на дроги. Центарот за зависности е отворен со поддршка од Канцеларијата за дроги и криминал на Обединетите нации. (Извор: Kuensel)
Предлог до британската Влада за декриминализација на дрогите. Во август 2015 година, Сепратеничката група за реформа на политиката за дроги во британското Собрание (The All Party Parliamentary Group for Drug Policy Reform) упати предлог за декриминализација на дрогите и за испитување на можностите за контролирана продажба на канабис. Сепратеничката група својот став го засновува на искуствата од Португалија, Уругвај, Боливија и поедини федерални единици на САД кои потврдуваат дека со воведување хумани политики за дроги се намалуваат употребата на дроги и криминалот, а се подобрува општата благосостојба на населението. Заменичката-претседавач на Сепратеничката група за реформа на политиката за дроги, бароницата Мичер, изразила надеж дека Владата ќе го разгледа предлогот и ќе ги прифати препораките, но портпаролот на Владата изјавил дека оваа Влада нема намера да ги декриминализира или легализира дрогите. (Извор: ITV)
Дилеми за забраната на новите психоактивни супстанции во Велика Британија. Велика Британија ја разгледува можноста за целосна забрана за продажба на нови психоактивни суспстанции, следејќи го примерот на Ирска од 2010 година. Овие дроги, познати под називот легални дроги (legal highs), во Британија се достапни во слободна продажба во т.н. „хед шопови“ (head shops), но загрижени поради многуте несреќни завршетоци надлежните планираат да воведат целосна забрана за нивна продажба. Со ова се отвораат дилемите дали новите психоактивни супстанции треба да се забранат или да се бараат посоодветни решенија. Така, додека некои ја поддржуваат забраната, други предупредуваат дека продажбата на новите психоактивни супстанции ќе се префрли на црниот пазар. Претставниците на центрите за лекување зависности предупредуваат дека на тој начин можеби ќе се заштити една заедница, но ќе се зголеми штетата кај друга заедница. Еден од клучните аргументи на противниците на забраната е дека во Ирска, по забраната, употребата на новите психоактивни супстанции во 2014 година е зголемена за 6% во споредба со 2011 година. (Извор: The Guardian)