„Чекор по чекор“, прирачник за работа со деца и млади кои инјектираат дроги. Меѓународната мрежа за намалување на штети (Harm Reduction International), „Млади во подем“ (Youth Rise), Меѓународниот сојуз за ХИВ/СИДА (International HIV/AIDS Alliance) и „Да ги заштитиме децата“ (Save the Children) на почетокот на 2016 година објавија прирачник за работа со деца и млади кои инјектираат дроги со наслов „Чекор по чекор: Подготовка за работа со деца и млади кои инјектираат дроги“. Прирачникот е создаден како одговор на наодите од истражувањето спроведено од Меѓународната мрежа за намалување на штети според кои се забележува дека постојат огромни слабости во поддршката на малолетниците кои инјектираат дроги. Глобалното истражување покажува дека рестриктивните закони и организациските политики и однесувањето на вработените го попречуваат пристапот до услуги за намалување на штети за децата и за младите кои инјектираат дроги. Имајќи ги предвид ранливоста и потребите на децата и младите кои инјектираат дроги, со овој Прирачник на службите за намалување на штети од употреба на дроги им се ставаат на располагање упатства за примена на ефикасни мерки за намалување на штети меѓу овие групи.
ХОПС – Опции за здрав живот Скопје со став за медицинската употреба на канабис. На прес-конференцијата одржана на 24.12.2015 година, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје го повика Министерството за здравство на Република Македонија да изработи соодветен закон кој ќе одговори на потребите на сите луѓе кои ќе користат канабис при различни здравствени состојби. ХОПС смета дека треба да се донесе посебен закон со кој во Македонија ќе се регулира употребата на канабис за медицински потреби. Тој закон треба да овозможи лесен пристап до евтини лекови, вклучително и масло од канабис, во аптеки или во специјализирани продавници, но и можност за самостојно одгледување за оние пациенти кои не се во состојба да ги купуваат лековите или имаат желба сами да го подготвуваат сопствениот лек. Начините и формите на употреба на канабисот се разликуваат во зависност од видот на болеста или здравствената состојба, затоа канабисот за медицинска употреба треба да биде достапен во различни облици, односно за пушење, за инхалирање, за јадење, во капсули или како масло од канабис. Исто така употребата на канабис во медицински цели не треба да биде условена со конвенционалната медицинска пракса. Затоа ХОПС ги повикува надлежните институции да креираат простор за стручна и за јавна дебата во насока на изнаоѓање најсоодветен модел за регулирање на медицинската употреба на канабис во Македонија. Нивните претставници нагласуваат дека „како организација која долги години ја следи состојбата во Македонија и трендовите во светот, спремни сме да придонесеме во овој процес со своето искуство и експертиза“.(Извор: ХОПС)
Македонија ќе го легализира канабисот за медицинска употреба. Министерот за здравство на Република Македонија Никола Тодоров на 16 декември 2015 година најави законски измени со кои од февруари 2016 година во Македонија ќе се овозможи примена на канабис за здравствени потреби. Оваа вест одекна во сите медиуми и предизвика нова „лавина“ полемики, особено поради содржината на законските измени. Според соопштените услови, канабис ќе можат да одгледуваат само правни лица кои ги исполнуваат строгите критериуми за обезбедување и надзор, што подразбира подигање на четириметарска ограда со три реда бринов елемент и со 24-часовен видеонадзор. Покрај тоа мора да има вработено најмалку еден агроном и најмалку еден фармацевт со најмалку тригодишно работно искуство во дејноста. Само од овие наведени критериуми лесно се забележува дека со строгите процедури ќе се монополизира одгледувањето на канабис и дека лековите ќе бидат скапи, а со тоа недостапни на луѓето со послаба финансиска моќ. Здруженијата „Зелена алтернатива“, „Канабис клуб“ и „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ ја поздравија иницијативата на Министерството за здравство, но нагласија дека со законските измени треба да се овозможи лесен пристап до евтини лекови, а да се остави и можност луѓето сами да си произведуваат канабис за сопствените здравствени потреби. Затоа се нагласува дека Министерството за здравство не треба самостојно и еднострано да ги воведува предвидените законски измени, туку треба да поведе широка јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
Конференција за медицинска употреба на канабисот одржана во Македонија. На 27.11.2015 година во Скопје, во организација на Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ и Здружението на токсиколози на Македонија беше одржана конференција на тема „Предности и предизвици во медицинската употреба на канабис“. На Конференцијата учествуваа повеќе од 60 претставници од министерствата и од други државни институции засегнати со ова прашање, а свои излагања имаа д-р Нико Беќаровски од Здружението на токсиколози на Македонија, Влатко Деков од ХОПС и Валентина Бислимовска од Јавното обвинителство. Говорниците зборуваа за историјатот на употребата на канабисот во медицински цели, за постоечките клинички испитувања, за законската регулатива и за можните модели за регулирање на употребата на канабисот, односно дали да се воведе модел на строга контрола регистрирани лекови или модел кој дозволува и употреба на канабис од сопствено производство. Главен заклучок беше дека моменталната ситуација на несоодветно регулирање на употребата на канабисот во медицински цели не е во корист на граѓаните на Република Македонија. Затоа треба што побрзо да се преземат конкретни чекори за донесување нов закон со кој ќе се регулира ова прашање и ќе им се помогне на луѓето кои сакаат да се лекуваат со канабис. (Извор: ХОПС)
Хуманизација на политиките за дроги и во Ирска. Од следната година Република Ирска ќе појде по патот на хуманизација на политиките за дроги по кој поаѓаат сè повеќе земји во светот. Министерот за нови заедници, култура и еднаквост на Република Ирска Еодон о Рирдон (Aodhán Ó Ríordáin) изјавил дека во Даблин ќе се отворат простории за безбедна употреба на дроги. Република Ирска верува дека со преземање на позитивните искуства од Австралија, од Холандија, од Шпанија и од Швајцарија ќе успее да создаде контролирани и безбедни средини за поддршка на потешко достапните корисници на дроги. Практиките во другите земји покажуваат дека просториите за безбедна употреба на дроги се исклучително ефикасни за намалување на ризичното однесување при инјектирање, особено за заштита од ХИВ и од хепатит Ц и од неспосакувани последици од опијатно предозирање. Министерот О Рирдон во своето обраќање ги претставил и плановите за декриминализација на поседување мали количини на дроги за лична употреба, вклучувајќи хероин, кокаин и канабис, како дел од „радикалните културни промени“ во новиот курс кон хуманизација на политиките за дроги. Тој посочил дека треба да се прави разлика меѓу легализација и декриминализација. „Кривично дело е да се продава, дистрибуира или профитира од дроги, но не треба да биде кривично дело доколку си корисник на дрога или зависник и користиш дрога за лична употреба. Цврсто стојам на ставот дека треба да има културна промена во односот кон злоупотребата на супстанции, ако сакаме да се направи сериозен обид за справување на проблемот со дрогата и алкохолот“. (Извор: ХОПС)
Обединетите нации се залагаат за политики за дроги по мерка на луѓето. Како претходница на седницата на Генералното собрание на ОН која треба да се одржи во април 2016 година во Њујорк, на 22 октомври 2015 година во Женева беше одржана средба на високи претставници на неколку организации на Обединетите нации. На средбата било дискутирано за воведување политики за дроги засновани на човекови права и на потребите за јавно здравје. Амбасадорот на Швајцарија во ОН Александер Фазел (Alexander Fasel) истакна дека некои држави веќе имаат позитивни резултати со воведувањето на похумани политики и практики за дроги и дека треба да се продолжи во таа насока. Заменик-извршниот директор на Канцеларијата за дроги и криминал на ОН Алдо Лале-Демоз (Aldo Lalé-Demoz) упати забелешка поради недоволната застапеност на јавноздравствените прашања во политиките за дроги. Посебен впечаток оставаат изложувањата на извршниот директор на ОНСИДА Мишел Сидибе (Michel Sidibé) и на високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад Ал-Хусеин (Zeid Ra’ad Al-Hussein) кои ја осудуваат криминализацијата на дроги, нагласувајќи ги штетите од таквите политики. Ал-Хусеин нагласува дека криминализацијата поттикнува ширење ХИВ, а Сидибе ја потврдува оправданоста на програмите за намалување на штети и програмите за супституциска терапија за зависности од дроги при превенција на ХИВ/СИДА. Заеднички заклучок на учесниците на средбата е дека треба да се изнајдат алтернативни стратегии кои ќе овозможат одржлива егзистенција за да се намали учеството во организиран криминал и во производство и во трговија со дроги. (Извор: UNAIDS)
Меѓународна конференција за намалување на штети од употреба на дроги. Од 18 до 22 октомври во Куала Лумпур се одржа Дваесет и четвртата меѓународна конференција за намалување на штети од употреба на дроги на која присуствуваа повеќе од 800 професионалци и активисти од 17 земји, меѓу кои и претставник на ХОПС. На Конференцијата беше усвоена декларација наречена „Декларација Куала Лумпур“ со која следните десет години се прогласени за декада за намалување на штети. Македонија е една од многуте земји во кои изминатата деценија е искористена за зајакнување на службите за намалување на штети благодарение на финансиите од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. За жал, Глобалниот фонд реши да го прекине финансирањето на земјите со средни приходи, во кои спаѓа и Македонија, очекувајќи дека владите можат сами да ги финансираат програмите за намалување на штети, иако повеќето влади немаат политичка волја за поддршка на овие служби за заштита на јавното здравје. Меѓународната мрежа за намалување на штети започна кампања „10 до 20“ со која бара најмалку 10 % од средствата за борба против дрогите да се пренаменат за финансирање на програмите за намалување на штети. Канцеларијата за дроги и криминал на Обединетите нации планирала да ги повика сите држави во светот да ја декриминализираат употребата на дроги, но поради притисокот од една држава го повлекоа документот. Сепак следниот ден останатите учесници на Конференцијата побараа од ОНКДК да го усвои предложениот документ. (Извор: ХОПС)
Двојна дискриминација на сексуалните работници кои употребуваат дроги. Меѓународната мрежа на луѓе кои употребуваат дроги и Глобалната мрежа на проекти за сексуална работа на 18 октомври 2015 година упатија заедничко писмено известување до светската јавност во кое ги нагласуваат двојната стигматизација, дискриминацијата и криминализацијата на која се изложени сексуалните работници кои употребуваат дроги. Поради општествената нетрпеливост кон употребата на дроги, но и кон сексуалната работа, сексуалните работници кои употребуваат дроги многу почесто се изложени на кривичен прогон, на дискриминација, на социјална исклученост, на насилство и на зголемена опасност од ХИВ/СИДА, хепатит Б и Ц и други сексуално и крвно преносливи инфекции. Наспроти ова, наместо подобар пристап до социјалните, до здравствените и до правните служби, сексуалните работници кои употребуваат дроги често се соочуваат со дискриминација во овие служби или постоечките служби не се прилагодени на нивните потреби. За подобрување на квалитетот на живот и на работа на оваа заедница, Меѓународната мрежа на луѓе кои употребуваат дроги и Глобалната мрежа на проекти за сексуална работа инсистираат на воведување на моделот „Ништо за нас без нас“. Ова подразбира дека сексуалните работници кои употребуваат дроги треба да бидат вклучени во планирањето и во спроведувањето на сите служби наменети за нив. (Извор: NSWP)
Летна школа за превенција на ХИВ. На почетокот на октомври 2015 година, во Охрид, се одржа петдневна летна школа за превенција на ХИВ наменета за учесници од пограничните области во Македонија и во Косово. Поздравен говор по повод отворањето на Летната школа одржа д-р Звонко Миленковиќ, национален координатор за ХИВ/СИДА во Република Македонија и професор по инфективни болести. Летната школа ја завршија триесет студенти/апсолвенти и дипломирани кадри на студии по право, медицина, социјална работа и социјална политика, психологија и безбедност. Целта на Школата беше да се создаде професионална критична маса за поддршка на заедниците од интерес, а во кои спаѓаат луѓе кои инјектираат дроги, сексуални работници, сексуални работнички, мажи кои имаат секс со мажи, затвореници и луѓе кои живеат со ХИВ/СИДА. Учесниците имаа можност преку интерактивна работа со стручни лица да стекнат знаења за принципите на превенција на ХИВ, особено меѓу општествено-маргинализираните групи/заедници. Сите учесници се здобија со дипломи за успешно завршување на Летната школа. (Извор: ХОПС)