Рејверите во Грузија протестираат против нехуманите закони за дроги. На повик на рејверите од Грузија, на 12 мај 2018 година илјадници луѓе излегоа на улиците на Тбилиси да протестираат против строгите закони за дроги. Повод за овие протести се неодамнешните рации на Полицијата во клубовите и на забавите во кои се уапсени повеќе лица, а многумина се принудно тестирани и испрашувани. Полицијата своите постапки ги оправдува со неколку претходни смртни случаи поради употреба на дроги, но рејверите сметаат дека ваквиот пристап е понижувачки и бараат слобода и право на забава.
Иновативен пристап во образованието на средношколците за дроги во САД. Сојузот за политики за дроги (Drug Policy Alliance) почна да спроведува иновативен пристап во образованието за дроги на средношколците од градот Њујорк, САД. Овој пристап е целосно спротивен на постоечкиот систем за образование за дроги со кој учениците се повикуваат да се заколнат пред полицискиот службеник дека никогаш нема да употребуваат дроги и кој е докажано неефикасен. Иновативниот пристап на Сојузот за политики за дроги подразбира средношколците да учат едни од други под водство на наставник за здравство. Тие веќе бележат зголемени познавања за дрогите со кои можат да си помогнат себеси и на своите врсници. (Извор: Drug Policy Alliance)
Се бара нов вид налоксон. Фармацевтите почнуваат забрзано да работат на испитувања за создавање замена на налоксонот, која ќе се користи при предозирања со синтетички опиоиди. Налоксонот се покажа како одличен лек за спречување на предозирање со опијати. Но, додека во светот сѐ уште се прават напори за поширока примена на налоксон, се појави нов проблем, зголемена употреба на синтетички опиоиди кај кои има многу послаба успешност во спречувањето на предозирање. Искуствата покажуваат дека треба да се аплицираат повеќе од шест дози налоксон за да се освести лицето предозирано со синтетички опиоиди и затоа е неоходно итно да се најде соодветен лек за ваквите случаи. (Извор: STAT)
Практиките за хемсекс поттикнуваат нови трендови во заштитата од ХИВ. Растечката практика за сексуални односи под дејство на психоактивни супстанции ја наметнува потребата од прилагодување на услугите за сексуално и репродуктивно здравје и за намалување на штети на новонастанатите околности. АИДЕС од Франција, Меинлајн од Холандија и Швуленбератунг од Германија веќе прават напори за соодветен одговор на ваквите предизвици. Сепак, како што наведуваат претставници од овие организации, треба да се сфати дека ова е комплексно прашање и бара комплексен пристап за намалување на штетите без попречување на правото на слободен избор. (Извор: NAM Publications)
Научни докази за ефикасноста на медицинскиот канабис во намалувањето на побарувачката на опиоиди. Студија спроведена од четири професори на Универзитетот во Џорџија, САД, покажува дека канабисот наменет за медицинска употреба помага за намалување на побарувачката на опиоиди (метадон, бупренорфин и сл.). Во своето истражување тие забележале дека во сојузните држави на САД во кои канабисот е легален, бројот на издадени рецепти за опиоиди опаднал за 5,88 % од 2011 до 2016 година. Во овие сојузни држави годишно се пропишуваат 2,21 милион дози на опиоиди помалку отколку во сојузните држави на САД во кои сѐ уште се негуваат конзервативни политики. Според професорот Дејвид Бредфорд, еден од авторите на студијата, ова е уште еден јасен показател дека канабисот има медицински својства. (Извор: CNN)
Европски форум за хемсекс. Од 22 до 24 март 2018 година во Берлин, Германија, се одржа Вториот европски форум за хемсекс чија цел беше да обезбеди платформа за меѓународна, за меѓусекторска и за мултидисциплинарна дебата за причините и последиците од хемсекс, односно употребата на дроги за поттикнување или зголемување на сексуалното задоволство. За разлика од првиот форум во 2016 година, кога во фокусот беа влијанието на дрогите кои се употребуваат и можностите за намалување на штети, овојпат повеќе се разговараше за околностите кои придонесуваат за појава на проблематичен хемсекс, како на пример осаменоста и досадата.
Грижа за малолетните корисници на дроги. На седницата на Владата на Република Македонија посветена на младинските политики беше донесена одлука, меѓу останатите, за формирање работна група за изработка на програма за сеопфатна грижа и лекување на малолетни корисници на психоактивни супстанции. Оваа владина седница се одржа на 20 март 2018 година и на неа учествуваа претставници на младинските организации и директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Одлуката за формирањето ваква работна група Владата ја донесе по обраќањето на Ивица Цековски, претставник на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, кој ја истакна потребата за воведување сеопфатни програми за третман и за грижа за малолетни корисници на дроги.
Грција легализираше канабис за медицинска употреба. На 1 март 2018 година Собранието на Република Грција изгласа закон со кој се овозможува производство на готови производи од канабис за медицински потреби. Клучна улога за изгласувањето на законот има Постојаната комисија за социјална работа која во своите состаноци и во собраниската расправа ги има вклучено сите засегнати чинители во општеството. Здруженијата на граѓани ја поздравуваат одлуката на Собранието и изразуваат надеж дека Владата на Грција соодветно ќе одговори на потребите на граѓаните. (Извор: DPNSEE)
Стручна расправа за потребите на луѓето и за ставовите на лекарите за медицинската употреба на канабис. На 7 март 2018 година во Кино „Култура“, во Скопје се одржа стручна расправа за медицинска употреба на канабис. Говорници беа: проф. д-р Аспазија Софијанова, специјалист педијатар, научен советник д-р Нико Беќаровски, специјалист токсиколог, асс. д-р Филип Гучев, специјалист ревматолог, д-р Дарко Костовски, специјалист психијатар и д-р Игор Стојковски, специјалист онколог. Во расправата се претставија гледиштата и искуствата на лекарите за медицинската употреба на канабис во светот и во Македонија, а потоа одговараа на прашањата и коментарите на публиката. Стручната расправа беше организирана од Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА Скопје во соработка со Кино „Култура“.
Договор меѓу Владата и здруженијата за заштита од ХИВ. Петнаесет здруженија на граѓани на 28 февруари 2018 година потпишаа договор со кој Владата на Република Македонија презема одговорност за финансирање на програмите за заштита од ХИВ во Македонија. Овој договор е историски не само за Македонија туку и за поширокиот регион затоа што Македонија е првата земја во регионов во која програмите за заштита од ХИВ целосно се финансираат од државниот буџет. Вкупниот буџет за заштита од ХИВ изнесува 95 милиони денари, а од тоа 47 милиони денари се наменети за здруженијата кои се предводници во заштитата од ХИВ.