Европскиот суд за човекови права го штити правото на приватност на луѓето кои употребуваат дроги
Пресуда против Северна Македонија донесе Европскиот суд за човекови права. Со пресудата од 22 октомври 2020 година, Европскиот суд утврди дека државата го прекршила правото на приватност на две лица со откривање на нивните медицински податоци на Полицијата.
Пресудата се однесува на случај од 2010 година кога, по пријава за недостаток на количини на метадон во Програмата за третман на зависност со метадон во Струмица, полициски службеници влегле во болницата и без законски основ направиле увид во медицинските податоци на пациентите кои биле на третман. Документите што им биле достапни на полициските службеници содржеле имиња и презимиња на сите пациенти кои примиле метадонска терапија на конкретни датуми и количината на метадон што тие ја примиле. Противзаконски добиените податоци Полицијата ги злоупотребила за дополнително да ги вознемирува оштетените со искористување на лични и интимни податоци од нивните медицински досиеја.
ЕСЧП смета дека Полицијата имала други начини како да ги испита наводите за недостаток на метадон, а судовите не успеале да направат баланс меѓу заштитата на правото на пациентите наспроти правото на Полицијата да има пристап до сензитивни медицински податоци без судска наредба. Линк до пресудата
Гостивар влезе во „маѓепсаниот круг“ на дрогата
Бројките на нови корисници на дроги и случаи со недозволна трговија во Гостиварскиот Регион растат од година на година. Во полициските билтени речиси секојдневно се појавуваат настани поврзани со откривање и злоупотреба на наркотици и неовластена продажба. Зголемениот број корисници на дроги, најчесто помлади лица, го потврдуваат и службите што се справуваат со оваа појава. Справувањето со последиците е отежнато бидејќи во Гостивар нема центар за рехабилитација.
Поради неовластено производство и пуштање во промет наркотични средства, 21 лице од Гостиварско ќе се соочи со кривична одговорност пред судот откако Полицијата ги открила со дрога во првите два месеца од 2020 година. Само во февруари во Гостиварско поради сомнение дека сториле кривично дело по член 215 вкупно биле лишени од слобода 14 лица, од кои 13 возрасни и еден мaлолетник. Најчесто откриени наркотични дроги се кокаин и марихуана, а има и хашиш, амфитамини, таблети екстази и хероин. Полицијата ги открива најмногу при претрес на лица и на автомобили. (Извор: <https://civilmedia.mk/gostivar-vleze-vo-magepsaniot-krug-na-drogata/>)
#ОперацијаБилка: Да застанеме похрабро за декриминализација и легализација на канабисот
По повод „Денот на канабисот“, низ светот познат како 4.20 или 420, „Билка“ и останати активисти здружени во иницијативата #ОперацијаБилка ги повикаа граѓаните да застанат похрабро и отворено во однос на барањата за декриминализација на канабисот и негова легализација за индустриска, медицинска и рекреативна употреба.
Од „Билка“ велат дека употребата на канабисот е уставно загарантирано право, а не казна.
Активистите потсетуваат дека пандемијата ги спречи да продолжат во поглед на активностите со #ОперацијаБилка, иницијатива започната во ноември 2019 година.
„Имавме цел во неколку месеци пред 20.4.2020 г. да се организираме со сите вас, да ве повикаме во мноштво активности со кои ќе обезбедевме навремена слобода за нашите и вашите другари/другарки кои во моментов издржуваат високи затворски казни. Сакавме да бидат изгласани измените пред изборите и да му се радувавме на Коноп фест заедно со сите притворени и затворени пријатели и другари и да излезат конечно на слобода. Но, тоа не се случи. Напротив, ги држат затворени во притвори и затвори како да се најтешки криминалци во време на пандемија. Изложени се на висок ризик од заболување на вирус кој демне насекаде. А зошто? Зошто да седат во затвори и притвори за нешто што државата го легализира за извоз“, соопштија од „Билка“.
Од таму прашуваат зошто граѓаните да бидат апсени насекаде ако користеле и/или набавиле масло од канабис за да ги спасат своите мајка, татко, дете, дедо или баба или едноставно затоа што користат канабис како секоја билка која доаѓа од природата, затоа што е лична одлука. Активистите потенцираат дека тоа е повеќе од лична одлука, туку и уставно загарантирано право. (Извор: <https://www.radiomof.mk/operacijabilka-da-zastaneme-pohrabro-za-dekriminalizacija-i-legalizacija-na-kanabisot/>)
Младите кои употребуваат дроги без соодветна државна програма, пандемијата дополнително им го отежна животот
Во Македонија сè уште недостасуваат државни програми за третман и ресоцијализација на младите кои употребуваат дроги. Ковид-кризата значеше дополнителен предизвик за овие млади, а истовремено здравствениот систем беше преоптоварен да одговори. Сепак, дрогите секогаш ќе бидат достапни, тој што сака да стигне до дрогата – ќе најде начин, па младите треба да бидат информирани за нивното влијание. Родителите истовремено не треба да се ригидни и склони на стереотипи и на осуди, туку едуцирани и спремни за разговор со децата, особено што дискриминацијата и стравот доаѓаат од незнаење.
ХОПС – Опции за здрав живот преку дискусија и проектни активности сака овие проблематики да стигнат до пошироката јавност, но и до институциите, со цел да се подобрат менталното здравје и квалитетот на живот на децата и младите кои употребуваат дроги за време на ковид-19. Најновите резултати на ХОПС покажуваат дека децата (под 18-годишна возраст) и нивните семејства се потешко достапни да се мотивираат и да започнат со психотерапија поврзана со употребата на дроги за разлика од оние меѓу 18 и 25 години.
„Најчест проблем со кој се соочиле контактираните е депресија, потоа несоница и анксиозност, а најмалку од нив преживеале панични напади и намалена концентрација. Дури 25 % од младите кои добиле психолошко советување имале конфликт со семејството, а 8,3 % од нив биле упатени на психијатриски преглед“, вели истражувањето за последниот месец, поддржано од ОБСЕ. (Извор: <https://www.radiomof.mk/mladite-shto-upotrebuvaat-drogi-bez-soodvetna-drzhavna-programa-pandemijata-dopolnitelno-im-go-otezhna-zhivotot/>)
Онлајн дискусија: „Млади, дроги и музика“
На фејсбук-страницата на ХОПС − Опции за здрав живот Скопје имавме онлајн разговор на темата „Млади, дроги и музика“.
Младите луѓе и во време на пандемија наоѓаат свои начини да ги задоволат своите потреби за дружење, музика и дроги. Тие доаѓаат до својата цел и покрај забраните за ограничувања и групни собири. Младешкиот дух, воден од љубопитност и истражување, секогаш е подготвен за нови предизвици и експериментирања. Едукацијата и информирањето на младите луѓе за дроги води до намалување на штети од употреба, но го поттикнува и младинскиот активизам што води до демистификација на употребата на дроги како социосупкултурен феномен.
На оваа тема говореа д-р Давор Смиланов – доктор по медицина, едукатор и автор, долгогодишен соработник на ХОПС, кој директно бил вклучен во Програмата за намалување на штети и Џака Накот, филозоф и рапер од Скопје, кој работи во изградбата на хип-хоп сцената во Македонија од 1991 година. Разговорот го модерираше Богдан Колев од ХОПС. Онлајн разговорот беше од проектот „Креативна акција за општествени промени – граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик“ поддржан од „Цивика мобилитас“ (Civica Mobilitas).
Линк до видеото каде што може да го чуете целиот разговор: <https://www.facebook.com/hops.org/videos/373808673987019>
Корисниците на дрога се непрепознаени на пазарот на труд поради стигмата и дискриминацијата
Луѓето кои користат или користеле дрога имаат огромен потенцијал, но немаат простор да го покажат тој потенцијал и да се доразвиваат. Средствата за помош на овие заедници се секогаш некако на последно место. Веќе долги години наназад препознаваме дека луѓето кои користат дроги се практично непрепознаени на пазарот на труд. Дури и да имаат вештини кои се уникатни, луѓето поради стигмата и дискриминацијата одбиваат да им дадат можност да заработат, што доведува до други ситуации понатаму.
Благородна Коцева Симјанов упати порака до луѓето да не ги избегнуваат заедниците кои се различни од нив, туку напротив, ако може да ги ислушаат и да им помогнат – тоа да го направат, во спротивно да не ги осудуваат.
Луѓето корисници на дроги во социјален ризик од реупотребени материјали изработуваат интерактивни мали инсталации за децата во социјален ризик. Тие мали инсталации се наменети за децата во малите групни домови. (Извор: <https://mia.mk/koceva-sim-anov-za-mia-korisnicite-na-droga-se-neprepoznaeni-na-pazarot-na-trud-zaradi-stigmata-i-diskriminaci-ata/>)