Норвешка кампања за намалување на штети од дроги
„Знаењето може да спаси животи“ – кампања за намалување на штети од дроги. Целта на норвешката организација која стои зад оваа кампања, (Rusopplysningen), е да обезбеди точни и научни информации за дроги без да се морализира. Со информирање за ефектите, за ризиците и за давањето на безбедносните упатства се надеваат дека ќе ги минимизираат штетите од употребата на дрогите.
На социјалните мрежи многумина реагираа на самата кампања, не сакајќи да ја сфатат пораката која сака да ни каже да бидеме свесни за ризиците од дрогите.
Норвешка е една од земјите со најмногу предозирање со дроги по глава на жител и затоа се надеваат дека ако не можат да ги натерат луѓето да престанат да користат дроги, барем да им помогнат да донесат поинформирани одлуки. (Извор: saferdrugpolicies.com)
„Старбакс“ ќе инсталира контејнери за употребени игли и шприцови во некои од тоалетите во кафулињата
Некои вработени во „Старбакс“ се пожалиле дека наоѓале и често се повредувале од употребените хиподермични игли што ги оставале корисниците на дроги во тоалетите во кафулињата.„Старбакс“ ќе започне да поставува канти во кои ќе можат да се фрлаат употребените игли во некои од тоалетите како одговор на петицијата од вработените во која било наведено дека бармените и другите вработени во кафулињата често наоѓале искористени хиподермични игли во канти за отпадоци, канти за отстранување на тампони и кај местата наменети за промена на пелените кај бебињата. Петицијата била објавена на <www.coworker.org> и има добиено повеќе од 3 800 потписи за кратко време.
„Она што ќе се направи е да им се даде на членовите на заедницата, односно на лицата кои употребуваат дроги, на вработените, некое чувство на сигурност дека постои соодветно место каде што ќе можат да ја фрлат искористената опрема“ – Рицлер-Шелинг. (Извор: vox.com)
„Го најдовме вистинскиот начин да дојдеме до младите на фестивалите“
Оваа година ХОПС на Д-фестивалот понуди повеќе едукативни настани под наслов „Дроги и музички фестивали“. Настаните вклучија: разговор со психолог; информации за намалување на штети од комбинирање на дроги; креативни изработки на тема (ре)употреби го умот; обраќање од психијатар на тема: „Канабис како потенцијал за лечење на анксиозност“, разговор со правник за правата при средба со полиција и сл. Најголем интерес имаше за разговор со психологот и за таблата на која имаше табела со дроги и нивни комбинации за која младите прашуваа и разговараа. (Извор: ХОПС)
Прирачник за ментално здравјe фокусиран на електронската музичка индустрија
Непрофитни организации како Асоцијацијата за електронска музика (Association For Electronic Music), британските добротворни организации „Помош за музичарите“ (Help Musicians UK) и „Поддршка за музиката“ (Music Support) споделија водич за ментално здравје фокусиран на електронската музичка индустрија.
Водичот за ментално здравјe фокусиран на електронската музичка индустрија се базира на водич од 2016 година од Форумот на менаџери за музика и дава описи на анксиозност и на депресија, како и за тоа како може да се манифестираат. Водичот исто така дискутира за злоупотреба на супстанции и зависност, за балансирање на работата и животот, управување со стресот, синдром на импостер и здрави работни места, плус предлага дополнителни ресурси, организации и читање. Минатата година истражувањето на дистрибутерот на дигитална музика „Рекорд јунион“ покажало дека 73 проценти од независните музичари известуваат дека се борат за нивното ментално здравје.
Погледнете го филмот од 2013 година „Помеѓу удирањата“ со ансамблот Мотор сити драм (Motor City Drum), кој помага да се разберат вознемиреноста и депресијата. (Извор: djmag.com)
Најстарата личност која живее со ХИВ-вирусот го прослави својот 100-ти роденден
Одбележувањето на 100-тиот роденден на Мигел, познат и како „Лисабонскиот пациент“ е пресвртница за глобалната ХИВ-позитивна заедница. Тоа е затоа што тој е најстарата документирана личност која живее со ХИВ во светот.
На Мигел му била дијагностицирана ХИВ-фаза 3 (СИДА) во 2004 година кога пристигнал во болница во близина на Лисабон со ретки форми на колитис и на лимфом. Тој тогаш бил на 84-годишна возраст и немал идеја дека е ХИВ-
-позитивен или како и кога се заразил со вирусот.
Лисабонскиот пациент е знак за надеж за луѓето кои живеат со ХИВ, тоа значи дека тие сè уште имаат можност не само да живеат подолго туку и да живеат здраво и да доживеат здраво стареење. (Извор: nypost.com)
По само две терапии со МДМА се губат симптомите на посттрауматското стресно растројство (ПТСД)
Интернационалната студија предводена од Универзитетот во Британска Колумбија открива дека од 72 пациенти со ПТСД, дури 54 %, ги губат симптомите на ПТСД по само две или три сесии психотерапија со помош на МДМА. Истражувачите заклучиле дека оваа дрога е безбедна и изненадувачки ефикасна за да им помогне на пациентите кои страдаат од посттрауматско растројство. Неодамнешните студии покажале дека оваа дрога ги поврзува деловите на мозокот поврзани со страв и со вознемиреност.
МДМА честопати е продавана како клупска дрога „екстаза“ или „моли“ и дава ветување како една од единствените ефективни фармацевтски третмани за посттрауматско стресно нарушување. Во моментов не постојат лекови за ова нарушување, иако лекарите често пропишуваат дроги кои предизвикуваат зависност како опиоиди и бензодиазепини за да помогнат во контролата на некои од симптомите кои вклучуваат депресија, агресија, несоница, параноја и социјална изолација. (Извор: merryjane.com)
По тесната битка, Денвер стана првата американска држава што ќе ги декриминализира психоделичните печурки
Гласачите во Денвер одобриле иницијатива за гласање на локално ниво за декриминализација на псилоцибин печурки, попознати како психоделични печурки.
Акцијата не подразбирала легализација на псилоцибин печурките, туку ефективно блокирање од казнување или апсење на возрасни лица постари од 21 година и постари лица кај кои биле пронајдени овие печурки. На гласачките ливчиња било наведено дека возрасните лица ќе можат дури и да одгледуваат печурки за лична употреба и тие лица да не бидат приоритет за полицијата во Денвер. Промените ќе стапат на сила уште наредната година. (Извор: npr.org)
„Кока предизвик“ – кампања за подигање на свеста за чистотата на кокаин
Американската група за намалување на штети „Танцувај безбедно“ (DanceSafe) и канадската креативна агенција „Гарден“ (The Garden) заедно го презентираат „Кока предизвикот“. Тоа е едукативна кампања насочена кон охрабрување на корисниците на кокаин да ја тестираат својата дрога со ленти за фентанил.
Од 2016 година се забележува зголемување на смртните случаи поврзани со комбинации на кокаин со фентанил, повеќе од хероин со фентанил. Тоа е така бидејќи луѓето кои користат кокаин се помалку свесни за можноста за фентанил во нивните дроги, додека луѓето кои користат опиоди имаат поголема толеранција на фентанил. (Извор: dancesafe.org)
Купување дроги на социјалните медиуми: форма на намалување на штети?
Новообјавената студија од страна на Меѓународниот весник за политики на дроги, #ДрогаЗаПродажба (#DrugsForSale), го истражува трендот на пораст на социјалните медиуми што биле користени за нелегална продажба на дрога. Студијата вклучувала меѓународна онлајн анкета со која биле опфатени вкупно 358 луѓе – првенствено од Обединетото Кралство, Австралија, Канада и САД – кои користеле или користат софтверски апликации за купување нелегална дрога.
Од спроведената анкета биле добиени следниве резултати: Снепчат го користеле 76 проценти од испитаниците за пристап до нелегална дрога, 22 проценти користеле Инстаграм, 11 проценти користеле Вацап и 10 проценти користеле Фејсбук или Фејсбук месинџер. Неколку испитаници рекле дека користеле онлајн апликации за запознавање луѓе – како што се Тиндер и Грајндр – за пристап до дрога. (Извор: talkingdrugs.org)
Докторка пропишувала ЛСД на оние кои умираат
Докторката Ира Бијок (67), основач и директор на „Свети Џонс“, Институт за здравје за грижа на луѓе во Торанс, Калифорнија, вели дека Конфучие бил во право кога велел дека слободата започнува тогаш кога работите биле нарекувани по нивните вистински имиња.
„Јас сум дете на 60-тите години. И постојат легитимни медицински помагала како употреба на психоделици кога зборуваме за проблеми со благосостојба на крајот од животот. Со цел да се олесни болката и да се создаде удобност, постои и легална употреба на психоделиците како додаток на терапијата. Ова не е само за да се избегне страдањето, еден ден сите ќе умреме. Ние најдобро го правиме тоа што најдобро можеме“, вели д-р Бијок. (Извор: ozy.com)
1 Коментар
Makedpnija graganin na R .m faten so 10g vo R.M osuden na 5godini kazna zatvor so ist kvalitet i kvantitet graganin od zemja na eu vo zemja vo eu osuden na kazna zatvor vo traenjje na sprovod od policiska stanica do svojot dom.