Во Норвешка се декриминализираат сите дроги. Следејќи го примерот на Португалија, во декември 2017 година Собранието на Норвешка изгласа одлука за декриминализација на сите дроги. Со ова Собранието на Норвешка ја задолжува Владата на Норвешка да направи соодветни законски измени за спроведување на усвоената одлука. Причина за ваквото решение норвешките пратеници наоѓаат во доказите за неефикасноста и за штетноста на досегашните мерки за борба против дрогите. Тие сметаат дека наместо прогон државата треба да им овозможи соодветна поддршка на луѓето кои употребуваат дроги. И покрај првичното воодушевување, надлежните функционери се реалистични и сметаат дека за целосно воведување на овие реформи ќе треба повеќе време. (Извор: Huffington Post)
Научна расправа за легализација на канабисот во Македонија. Во декември 2017 година Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА заедно со Здружението на Млади кривичари одржаа научна расправа на тема Легализација на канабисот во Република Македонија – да или не?. Своите ставови пред публиката ги претставија проф. д-р Никола Тупанчески и проф д-р Александра Деаноска, редовни професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје, Владимир Туфегџиќ, судија во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Ленче Ристоска, јавна обвинителка во Специјалното јавно обвинителство и м-р Јанаки Митровски, адвокат и коосновач на БИЛКА. Модератор на научната расправа беше Огнен Јанески, телевизиски водител, активист за човекови права и коосновач на БИЛКА. Како главен заклучок се наметна размислувањето дека постоечката законска регулатива за канабис не одговара на потребите на граѓаните, ги поттикнува корупцијата и прекршувањето на човековите права и не е во полза на државата.
Панел-дискусија: Ноќен живот, дроги и намалување на штети. Во декември 2017 година во Скопје се одржа панел-дискусија на тема Ноќен живот, дроги и намалување на штети. На дискусијата збор земаа Мирко Попов, диџеј, промотор и сопственик на ПМГ Рекордингс, Катерина Евго, претставничка на Пасворд продукција, Наташа Бошкова, правничка и застапничка за човекови права и Михаил Солаков, сопственик на Оак тејлс. Модератор на дискусијата беше Давор Смиланов. На дискусијата се зборуваше за употребата на дроги во текот на забавите, на концертите и на фестивалите, а особено за штетите предизвикани од полициската практика за прогон на луѓето кои употребуваат дроги наместо за прогон на крупните производители и препродавачи на дроги. Од дискусијата произлезе заклучок дека државните институции треба повеќе да се грижат за здравјето на луѓето, особено на младите, и наместо да ги прогонуваат затоа што употребуваат дроги да им овозможат соодветни информации и можност сами да решат дали ќе користат дроги и како да го заштитат своето здравје доколку употребуваат дроги. Панел–дискусијата беше организирана од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Oдржана обука за работа со деца и млади кои употребуваат психоактивни супстанции. На почетокот на ноември 2017 година во Берово се одржа обука за работа со деца и млади кои употребуваат психоактивни супстанции. Целта на обуката беше во Македонија да се создаде кадар кој ќе овозможува сеопфатна поддршка за децата и за младите кои употребуваат психоактивни супстанции. Организаторот на обуката, Здружението ХОПС –Опции за здрав живот Скопје, со години укажува на неодложната потреба за воведување итни мерки за поддршка на децата и на младите кои употребуваат психоактивни супстанции и ова е дел од тие напори. Инаку, оваа обука е дел од пообемните активности на Мрежата за социјално зајакнување на младите во ризик кои се финансирани од Европската Унија.
Граѓанска непослушност за нова политика за канабис. Во октомври 2017 година, група од околу триесет пациенти кои страдаат од мултиплекс склероза, Кронова болест, Паркинсонова болест, ревматоиден артритис, хронична и невропатска болка, анксиозност и од други состојби на нарушено здравје се собраа пред Собранието на Обединетото Кралство за во знак на протест јавно да употребуваат канабис. Со овој чин на граѓанска непослушност, инициран од ветеранот, пратеник и застапник за канабис, Пол Флин, се инсистира на овозможување на истражувања и за слободни медицински консултации за канабис за медицински потреби. Иако не се надеваат на брза промена на политиките, протестирачите најавуваат дека ќе истраат во нивните намери и дека се подготвени повторно да демонстрираат граѓанска непослушност затоа што од тоа им зависат здравјето и животите. (Извор: ХОПС)
Меѓународна обука за работа со деца и млади во социјален ризик. Од 16 до 18 октомври 2017 година во Скопје се одржа обука за работа со деца и млади во социјален ризик. Со обуката беа покриени теми за заштита на правата, за примена на основните принципи за работа и стандарди за обезбедување на социјална и здравствена заштита за деца и млади кои употребуваат дроги, кои се во конфликт со законите, кои живеат во семејства во кои се употребуваат дроги или во семејства кои се во конфликт со законите, кои живеат на улица, кои се без родителска грижа, како и деца и млади Роми. Организатор на обуката е регионалната Мрежа за социјално зајакнување на младите во ризик во која членуваат повеќе здруженија од: Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Претставник од Македонија е Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. (Извор: ХОПС)
Формирано Национално координативно тело за деца кои употребуваат дроги. Загрижени од растечките трендови на употреба на психоактивни супстанции меѓу малолетниците во Македонија и посветени да изнајдат соодветни решенија во интерес на децата, повеќе институции и здруженија на 22 септември 2017 година формираа Национално координативно тело за деца кои употребуваат дроги. При формирањето на Координативното тело членовите ја нагласија потребата за меѓусебна размена на информации и за засилена соработка за унапредување на механизмите за следење на состојбата со употреба на дроги меѓу малолетници, како и за превенција, за контактирање, за лекување и за ресоцијализација на децата кои употребуваат дроги. (Извор: ХОПС)
Тајланд дозволува одгледување кратом во домаќинствата. Во Тајланд стапи на сила закон со кој на домаќинствата им се дозволува да одгледуваат по неколку стебла кратом (Mitragyna speciose), автохтона билка од Југоисточна и Јужна Азија која има психоактивни својства. На жителите на Тајланд им се дозволува да одгледуваат и да употребуваат кратом за лична потреба поради зачувување на народната култура, но веројатно нема да можат да го изнесуваат од своите домови. Покрај оваа мерка, во Тајланд е во тек и јавна дискусија за легализација на канабисот за медицински и истражувачки цели. (Извор: The Nation)
Орегон ја укина криминализацијата на дрогите. Во август 2017 година Орегон ја укина криминализацијата на дрогите. Според новиот закон на оваа сојузната држава на Соединетите Американски Држави, употребата на дроги повеќе нема да се смета за кривично дело, туку за прекршок. Со ова Орегон се приближува до политиките на двесте институции во 28 држави кои негуваат политики за помош на луѓето кои употребуваат дроги наместо политики за кривичен прогон. Поборниците за похумани политики за дроги ја поздравуваат оваа мерка повторно нагласувајќи дека аргументите за криминализација на дрогите не ги даваат очекуваните плодови и дека затворските казни за употреба на дроги се контрапродуктивни и за единките и за општеството. (Извор: The Free Thought Project)