Изминатава 2020 година ќе остане запаметена по ширењето на коронавирусот во светски рамки, по неочекуваните карантини, многу загубени животи, финансиски загуби, страв и паника.
Сексуалните работници како и сите останати ги почувствуваа и тоа како рестрикциите и последиците од глобалната пандемија. Она што ја прави оваа група на граѓани “поранлива” за разлика од другите е што сексуалната работа нема никаков легитимен статус во РСМ, и како таква им носи поголеми ограничувања на правата на сексуалните работници.
Здружението ХОПС- Опции за здрав живот Скопје како една од поддржувачите на сексуалната работа во нашата земја, контуинирано продолжи да ги поддржува сексуалните работници и нивните права и во текот на овој тежок период со тоа што сите услуги ги прилагоди на здравствените протоколи , а сепак да се на располагање на целната група.
Психолошкиот сервис со почетокот на пандемијата ја прилагоди својата работа во онлајн-телефонски. Работата на психологот се одвиваше непречено во текот на целиот период, што впрочем и беше целта –имајќи ја во предвид потребата на сексуалните работници во овој период од психолошка поддршка.
Во текот на овие 10 месеци, психологот реализираше 569 услуги и одржа онлајн едукативни работилници-работилници со сексуалните работници, на теми поврзани со актуелната состојба, со цел да им се пружи психолошка поддршка која им беше и повеќе од потребна.
Со оглед на тоа што кај сексуалната работа физичкиот контакт е речиси неминовен, на почетокот од пандемијата повеќето од сексуалните работници прекинаа со нивната работа во полза на сопственото и јавното здравје. Понатаму со изработката на протоколи од страна на Владата на РСМ, полека и сексуалните работници се охрабруваа да продолжат со својата работа, почитувајќи ги сите предложени мерки од Владата за заштита од КОВИД -19, со оглед на тоа што на многу од нив сексуалната работа им е единствениот извор на приход.
Ограничувањата на движење исто така наложи да се “паузира” со сексуална работа. Па така многу од сексуалните работници западнаа во сериозни егзистенцијални проблеми кои доведоа до нарушување на нивното ментално здравје.
Многу од нив споделија дека анксиозноста периодов им е покачена. Забележани беа и зголемен број на панични напади, општа вознемиреност, несоница, нарушени партнерски односи, и нарушување на физичкото здравје. Зголемено беше и упатувањето до услугата за психијатриски прегледи и потреба од фармакотерапија.
Всушност нерешениот статус на сексуалната работа како дејност беше главната кочница на сексуалните работници во остварување на своите права за можна финансиска поддршка ( со која СР би се чувствувале посигурно и порастеретено и на психички план).
И покрај стабилизирањето на состојбата со вирусот во Македонија, сексуалните работници сеуште ги чувствуваат рестрикциите и последиците од пандемијата.
Во останатите европски држави каде сексуалната работа е декриминализирана сексуалните работници веќе одамна работат по посебни протоколи што не е случај и кај нас, и останува на здруженијата на граѓани да ги поддржуваат и едуцираат СР и да се борат за декриминализирање на сексуалната работа како успешен модел за реагулација на оваа работа и да им овозможат статус на сексуалните работници кои ќе им нуди загарантирана заштита и почитување на нивните права.
Стоп за дискриминацијата врз сексуалните работници, поддршка за секоја една маргинализирана група на граѓани. Да бидеме солидарни и полни со разбирање за секого во оваа криза. Ако на нешто позитивно не научи оваа пандемија е дека ниеден не е апсолутно сигурен и поштетеден од КОВИД-19, и грижејќи се за себе се грижиме и за другите.
Николина Дојчиноска – психолог