На големо изненадување на македонската јавност, на 20 септември 2014 година во Скопје се одржа семинар за „Демистификација на канабисот за медицинска употреба“. Многу луѓе очекуваа дека најавениот семинар ќе биде забранет поради тоа што се однесува на билка која е целосно забранета за производство и за употреба во Македонија. Сепак, на големо задоволство на организаторите „Зелена алтернатива“ од Македонија и „ОНЕЈ – Друштво за прекумурска иницијатива“ од Словенија, семинарот се одржа без никакви пречки од страна на Полицијата.
Докажано е дека канабисот (народно име: коноп) има широка примена во индустријата, односно може да се користи за производство на храна, на облека, на гориво, на пластика и на повеќе од 50.000 други производи. Но, она што е исклучително важно е што сѐ повеќе луѓе во светот, па и во Македонија, почнуваат да користат канабис за лекување на хронични болести како: рак, леукемија, дијабетис, псоријаза, аутизам. Токму поради потребата да им се помогне на луѓето кои бараат природен и евтин начин за да си го продолжат животот сметавме дека е време за демистификација на оваа билка што се третира како „дрога“. Време е да се покаже дека канабисот, односно конопот, може да им помогне на луѓето и да го подобри нивното здравје, како и општата благосостојба.
Голема поткрепа и провокација за дискусија со публиката беа говорниците Рик Симпсон (Rick Simpson), д-р Лумир Онджеј Хануш (Dr. Lumír Ondřej Hanuš), д-р Пол Хорнби (Dr. Paul Hornby) и д-р Роберт Џ. Меламед (Dr. Robert J. Melamede). Овие реномирани експерти со долгогодишни искуства ги изложија своите откритија на тоа поле, како и светските искуства и пристапи во лекување со коноп. Нивното гостување во Македонија иницираше лавина од реакции и дискусии за примената на канабисот за лекување во деновите што следуваа и се покажа дека во Македонија навистина постои потреба за повеќе информации за ова растение.
Неоспорен факт е дека иако постојат преку 20.000 релевантни студии што го докажуваат позитивното дејство и лековитоста на канабисот, сè уште се тапка во место. Сè уште не се може – или не се сака – да се најде модел за да се направи подостапен за широка примена и употреба. Поради тоа што во поголемиот дел од светот канабисот сè уште се третира како дрога, во различни земји се бараат/изнаоѓаат различни начини за законско регулирање на неговото производство, продажба и употреба.
Во некои земји се инсистира на модел за легализација, што подразбира државна контрола на производството, на продажбата и на употребата. Во други земји се инсистира на модел за декриминализација, што подразбира отсуство на државна контрола на производството, на продажбата и на употребата на канабисот. Но, мора да се додаде и тоа дека овие поими сè уште не се целосно разјаснети и дека постојат многу поединечни толкувања и затоа различни земји спроведуваат различни политики. Така, на пример, во Уругвај целосно се легализирани производството и употребата на канабисот за лична употреба, додека во Израел канабисот е наменет за строго контролирана медицинска употреба. Во последниве десет години канабисот е легализиран или декриминализиран во преку дваесет и пет сојузни држави во САД, од кои државите Колорадо и Вашингтон отидоа до таму што дозволија и рекреативна употреба. Во Европа, во Португалија, во Шпанија, во Италија, во Холандија, во Швајцарија, во Чешка и во Романија веќе постојат олеснувања кога се работи за медицинска и/или рекреативна употреба на канабис.
Од поранешните југословенски републики, во Словенија, во Хрватска и во Србија веќе постои можност за производство на производи од индустриски коноп наменети за исхрана (семки, брашно, чај, масло за готвење), козметика, текстил, градежни материјали, а се бара и модел за регулирање на медицинската употреба.
Во Македонија производството, продажбата и употребата на канабисот се нелегални, иако до пред една година во некои продавници за здрава храна можеа да се купат семки, брашно, протеини, масло и чај. Сега веќе и тоа е забрането.
Сепак, во целиот свет, без разлика на законските регулативи и таму каде што е легално и таму кај што не е, болните на кои денешната медицина не може да им помогне го бараат спасот во конопот, поточно во смолата што се произведува од цветовите.
Во последниве неколку години и во Македонија сѐ повеќе се зголемува бројот на луѓе кои почнуваат да користат смола од коноп за лекување. Овие луѓе се нарекуваат „илегално излекувани“ затоа што меѓу нив има луѓе кои целосно се излекувани, но и луѓе кои со помош на смолата ја држат под контрола својата здравствена состојба. Сето ова зависи и од видот на болеста и од конкретната дијагноза. Но, она што е карактеристично е што сѐ повеќе луѓе во Македонија имаат одлични резултати во лекувањето на хронични заболувања, а неретко може да се зборува и за „чуда“ во лекување на луѓе од кои класичната медицина „дигнала раце“.
Благодарение на Рик Симпсон кој рецептот за изработка на смолата го објави на интернет, луѓето со сериозни здравствени проблеми во Македонија можат да научат како сами да го произведуваа лекот. Но, овде има еден голем проблем. Поради законските регулативи во Македонија, тие се третираат како криминалци.
Конопот во Македонија се третира како дрога и може да се набави само на црниот пазар. Но, на црниот пазар нема секогаш доволни количини коноп или нема квалитетен коноп, или сортата на конопот што се продава ги нема соодветните својства. Како што истакна Рик Симпсон во своето предавање, во Европа преовладуваат сортите коноп од видот канабис сатива (cannabis sativa), додека за лекување се препорачуваат сортите од видот канабис индика (cannabis indica). За некои луѓе и самата набавка на коноп претставува големо финансиско оптоварување. Затоа, поради проблемите со набавката, многу луѓе решаваат самостојно да одгледуваат коноп за произведство на смолата со која се лекуваат.
И овде е прилично очигледна контрадикторноста на законите. Според членот 215 од Кривичниот законик на Република Македонија „тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до десет години“. Врз основа на ова, луѓето ризикуваат да бидат уапсени и осудени само поради тоа што сакаат да се излекуваат. И иако според членот 39 од Уставот на Република Македонија на секој граѓанин не само што му се признава правото на здравје туку и се смета дека има должност да го унапредува сопственото здравје, оваа група граѓани е лишена од ова право. Тие во Македонија се борат на повеќе фронтови – прво со болеста, а потоа и со Полицијата и со законодавците.
Ограничувањата на можностите за лекување беше причина да се основа „Зелена алтернатива“. „Зелена алтернатива“ е здружение на граѓани што ќе настојува да го сврти вниманието на стручната јавност во Македонија и да се отвори дебата за лековитите својства на конопот. На тој начин она што сега е јавна тајна треба да се преточи во практика. „Зелена алтернатива“ ќе се залага за изнаоѓање модел за регулирање на употребата на конопот не само како лек, туку и како средство за превенција на многу болести. Јавноста треба да знае дека конопот е природна билка со лековити својства што може да замени многу хемиски лекови што предизвикуваат зависност, а се достапни во слободна продажба.
Филип Достовски
Авторот е член на здружението на граѓани „Зелена алтернатива“.