Пристапот „Кажи ѝ НЕ на дрогата“ не ги дава очекуваните резултати. Прохибиционистичкиот модел на казнување на корисниците на дроги не води кон намалување на употребата и трговијата со дроги, но од друга страна значително влијае на создавање јавноздравствени проблеми и ги зголемува непродуктивните трошоци за државата.
За разлика од политиките за декриминализација на дрогите, репресивните политики кои ги криминализираат поседувањето за лична употреба и употребата на дрогите не водат сметка за почитувањето на основните човекови права. Државите кои водат хумани политики ставаат фокус на социјалните потреби и нудат различни услуги за луѓето кои употребуваат дроги, водат сметка да бидат социјално вклучени и вработени, го зголемуваат пристапот до програмите за лекување и ресоцијализација, се намалуваат стигмата и дискриминацијата, како и смртните случаи при употреба на дроги.
Во 2001 година, Португалија беше првата земја која го декриминализираше набавувањето, поседувањето и употребата на сите видови дроги во количина од 10 дневни дози, односно поседувањето за лична употреба и употребата на дроги веќе не беа дел од кривичното законодавство и за нив не беа предвидени затворски казни. Наместо да бидат приведени и задржани во полициска станица, луѓето кои се затекнати со дозволена количина за лична употреба се упатуваат до посебна комисија како орган во состав на Министерството за здравство, составена од правник, лекар и социјален работник. Целта на оваа комисија е да едуцира и да понуди поддршка во однос на лекување, намалување на штети и други услуги кои би биле соодветни во конкретниот случај.
Во Португалија, кога некое лице користи, купува или поседува не повеќе од 10 дневни дози од недозволени супстанции (количината се разликува според видот на супстанцијата), а Полицијата нема сомнежи или докази дека се работи за трговија со дроги, во тој случај Полицијата го идентификува лицето, ја мери супстанцијата, подготвува извештај и определува датум на кој лицето треба да се состане со Комисијата за разубедување при Министерството за здравство.
Полицијата за случајот ја известува Комисијата, а лицето, доколку не може да се појави на закажаниот датум, предлага нов датум за одржување состанок со Комисијата за разубедување. Ако некое лице е запрено со количина над максималната дозволена граница, случајот се процесира низ системот на кривично-правен прогон, но важно е да се потенцира дека и јавниот обвинител може да отфрли предмет и да го упати лицето до Комисијата за разубедување доколку процени дека количината е наменета само за лична употреба. Всушност, во Португалија флексибилноста на постапувањето е вградена во самиот систем.
Целта на Комисијата за разубедување е да ги информира луѓето, да ги одврати од употреба на дроги и да ги мотивира да побараат лекување. Кога некое лице присуствува на состанок со Комисијата по упатувањето, тој/тоа ќе помине околу еден до два часа разговарајќи со членовите на Комисијата. Во тоа време и во отсуство на каква било принуда, Комисијата мора да се обиде и да воспостави соодветен начин на дејствување за да се обезбеди или подобри здравјето и благосостојбата на таа конкретна личност. Членовите на Комисијата треба да се обидат да допрат дури и до оној кој можеби никогаш нема да побара здравствена, социјална или каква било друга поддршка. Ова вклучува проценка на нејзините/неговите специфични околности и што е најважно, воспоставување однос на доверба доволно моќен за да се поттикне личноста да ги следи советите на Комисијата. Ваквиот процес се одвива главно преку длабинско интервју и пристап што е пријателски, но истовремено и авторитетен. Врз основа на индивидуална проценка, членовите на Комисијата пренесуваат медицински и други информации едноставно и ефективно, додека истовремено работат на одвраќање на лицето од натамошно штетно однесување (GATEWAYS FROM CRIME TO HEALTH: THE PORTUGUESE DRUG COMMISSIONS, Arianna Silvestri, 2018).
Пристапот кој го има оваа земја кон дрогите и зависноста не се променил ниту при промената на владејачките партии – без оглед на конзервативните државни лидери од кои се очекувало да „им објават војна“ на дрогите. Стабилноста на хуманиот пристап со текот на времето овозможила поголема достапност на различни типови услуги: здравствени, психолошки, социјални, вработување, домување и нивно системско поврзување.
Еден од бенефитите кои произлегле од декриминализацијата на употребата и поседувањето на дроги за лична употреба во Португалија било намалување на пренатрупаноста во затворските установи што, исто така, е огромен проблем и во нашава земја. Несоодветните практики на органите на прогонот кои одбираат погрешно да ги толкуваат одредбите од Кривичниот законик и ги прекршуваат правата на корисниците на дроги водат кон друго сериозно прекршување, а тоа е правото на хуман и достоинствен живот за осудените лица во затворските установи. Користењето на државните ресурси за пристап до лекување и поддршка е многу поефикасно отколку тие да се користат за финансирање на системот на прогон со цел спроведување репресивни политики кои немаат никаков ефект на намалување на штетите.
Хуманите политики даваат позитивни резултати. Нивоата на употреба на дрога во Португалија се постојано под европскиот просек во последниве дваесет години. Ова е особено случај кај помладите луѓе: Португалија има најниски стапки на употреба во Европа кај оние на возраст меѓу 15 и 34 години (EMCDDA (2020). Statistical Bulletin 2020 — prevalence of drug use).
Истражувачите, исто така, забележале пад на процентот на лица упатени до комисиите за разубедување за кои е утврдено дека се зависни од дрога, што укажува на општо намалување на употребата на дрога (SICAD (2020). Statistical Bulletin 2018: Illicit Substances. 7).
Студија од 2015 година покажува дека државните трошоци за употреба на дрога во Португалија паднале за 12 % меѓу 2000 и 2004 година и за 18 % до 2010 година, односно постои значително намалување на трошоците поврзани со кривичната постапка за прекршоци за дрога и изгубените приходи на поединци кои издржуваат затворски казни за овие дела (Gonçalves, R., Lourenço, A. and Silva, S. N. (2015). A social cost perspective in the wake of the portuguese strategy for the fight against drugs. International Journal of Drug Policy. 26. 199–209).
Трошењето скапоцени ресурси на неефикасни стратегии засновани на присилно одвраќање од употреба на дроги не влева доверба во кривично-правниот систем. Средствата потрошени за спроведување на репресивните политики и казнување на корисниците на дроги би било подобро да се пренасочат за спроведување програми за рехабилитација и превенција. Продолжувањето на неуспешната „војна“ против дрогата, особено забраната за употреба на дрога, не е соодветна и не оди во прилог на остварувањето на целите на системот на кривичната правда. Пристапот е неефективен, скап и му наштетува на и онака кревкиот кредибилитет на нашите правни институции.
Авторка: Росана Богатинова
Адвокатка, дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во областа на кривичното право и криминологијата.