Кетамин (RS)-2-(2-Chlorophenyl)-2-(methylamino) cyclohexanone е синтетски халуциноген и дисоцијактивен анестетик со широка примена во хуманата и ветеринарната медицина, за воведување и одржување во општа анестезија, третман на болка и како антидепресив.
Кетаминот е првично синтетизиран од страна на Американскиот хемичар Келвин Л. Стивенс во 1962 година како дериват на фенциклидин (PCP). Рекреативната употреба на кетаминот се популаризира во 1970-тите години, но и покрај тоа кетаминот остана во “Листа на есенцијални лекови” на Светската здравствена организација.
Кетаминот како и другите супстанции од класата дисоцијактиви (фенциклидин и метоксетамин), предизвикуваат состојба која се нарекува “дисоцијактивна анестезија”, и која е високо зависна од дозата. Користење на кетамин како рекреативна дрога е евидентиран предизвикувач на смрти случаи. Смртните случаи вклучуваат случајно труење, давење, сообраќајни несреќи и самоубиства. Поголем број смртни случаи вклучуваат млади луѓе.
За разлика од другите познати дисоцијактиви како фенциклидин (PCP) и декстрометорфан (DXM), кетамин е краткоделувачка супстанца. Примарното дејство трае приближно 30-45 минути кога се инјектира, 45-60 кога се шмрка или 1-2 часа кога се користи орално.
Во дози за анестезија од медицинска гледна точка, кетаминот предизвикува дисоцијативна состојба, која се карактеризира со чувство на одвоеност од физичкото тело и надворешниот свет познато како деперсонализација и дереализација. Во доволно високи дози, корисниците доживуваат состојба која се нарекува “К-Дупка” (K-Hole), состојба на екстремнa дисоцијација со визуелни и аудитивни халуцинации.
Дејството на кетаминот се карактеризира со еуфорија, пријатно ментално или физичко чувство, наплив на енергија, чувство на смиреност и спокој, промени во перцепцијата и интензивни спиритуални искуства.
Несакани ефекти се сува уста, нејасен говор, намалена подвижност, нарушување на рамнотежата, дезоријентација, збунетост, вознемиреност, напади на паника, непријатни халуцинации, амнезија, нарушено дишење, нарушена работа на срцето и крвниот притисок и губиток на свест. Кетаминот има потенцијал да создаде психичка зависност. Лица кои редовно го користат, можат да имаат потешкотија со прекинување. Најчести опасности се психичка зависност, параноја и егоцентризам.
Потенцијална медицинска примена на кетаминот како антидепресив
Научни студии укажуваат дека кетаминот користен во ниски терапевтски дози е ефикасен кај лекување пациенти кои страдаат од хронична депресија и биполарно растројство. Истражувањата покажуваат дека кетаминот делува веднаш или во рок од 2 часа по апликацијата, и е конзистентен во ослободување на симптоми на депресија и/или суицидални симптоми, во траење до три дена по искористена единечна доза.
Кетамин и уринарен систем.
Кај честа хронична употреба на кетамин можат да се јават симптоми на уринарниот тракт означени како „кетамински предизвикан улцеративен циститис” или „кетамински предизвикана везикопатија”. Се карактеризираат со инконтинеција на урина, намален волумен на бешиката и присуство на крв во урината.
Законска регулатива
Кетаминот го препишуваат докторите по ветеринарна медицина бидејќи се користи како анестетик за животни. Покрај тоа неговото поседување и користење во хумани цели т.е. негова злоупотреба е илегална и казнива со закон во Р. Македонија.
СОВЕТИ:
- Доколку решиш да користиш кетамин најдобро е да си во друштво со блиска личност која ќе може да ти помогне доколку притреба.
- Не се препорачува внесување на храна минимум еден час пред користење на кетаминот. Можна е појава на мачнина и повраќање која се потенцира во обид за станување или движење.
- Користење на кетамин во комбинација со депресанти (опиоиди, алкохол, ГХБ) не се препорачува поради можните ризици и опасност од предозирање и смрт.
- Не се препорачува управување на моторно возило или работа под дејство на кетамин.
- Избегнувај пливање во базен, река, езеро, море поради опасност од давење.
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.