Започнавме кампања „Со клучни одлуки до здрава заедница“. Сите активности во врска со истата можете да ги следите на овој ЛИНК.
Да не дозволиме епидемија на ХИВ во Македонија!
Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија датираат уште од 1996 година. Оттогаш до денес се развиени вкупно 17 такви програми, од кои четири во Скопје и по една во другите 13 градови. Овие програми се карактеризираат со комплементарност, нудат повеќе услуги на едно место – размена на стерилен прибор за инјектирање, кондоми, услуги од медицинско лице, социјален работник, теренска работа, тестирање за ХИВ и за хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош. Токму поради ваквите карактеристики, овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко. Голем број студиски посети се реализирани во Македонија, каде што учесници од разни земји ги посетиле програмите на ХОПС во Скопје и стекнувале знаење за тоа како да се развива успешна програма за намалување на штетите од употреба на дроги.
Благодарение на овие програми, во последниве десет години во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ како резултат на инјектирање дроги, а помалку од 5% од вкупно 315 регистрирани случаи со ХИВ биле луѓе кои инјектираат дроги. Овие бројки се далеку помали за разлика од состојбите во другите земји, соседи на Македонија. Македонија е со најниска стапка на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа.
Меѓународните искуства покажуваат дека стапката на ХИВ во градовите во кои има вакви програми, се НАМАЛУВА за 18,6% годишно, додека во градовите каде не се имплементираат, се ЗГОЛЕМУВА за 8,1% годишно.
Освен Град Скопје, што учествува во кофинансирање на еден центар за намалување штети, сите други програми и активности се финансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, чија поддршка завршува во јуни 2017 година.
Во овој момент континуитетот на програмите е неизвесен поради необезбедената финансиска поддршка по завршувањето на проектот финансиран од Глобалниот фонд. Тоа значи дека над 10.000 луѓе кои употребуваат дроги како и членови на нивните семејства, ќе останат без соодветна здравствена и социјална заштита. Затоа ХОПС заедно со Платформата за одржливост на програмите за превенција и поддршка на ХИВ во која членуваат 16 здруженија на граѓани, започнува со кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница” чија главна цел е одржливост на програмите за намалување штети од употреба на дроги во Македонија.
Доколку сакаме Македонија и понатаму да се грижи за луѓето кои употребуваат дроги и членовите на нивните семејства, да остане земја со ниска ХИВ преваленца и да се спасат човечки животи, потребно е продолжување на веќе воспоставените програми за намалување штети и нивно финансирање од буџетот на Република Македонија.