Ник Крофтс (Nick Crofts) е епидемиолог и насловен професор на Школата за јавно здравје на Универзитетот во Мелбурн, Австралија. Неговото знаење и искуство во јавното здравство се протега на областите на ХИВ/СИДА, дроги, намалување на штети од употреба на дроги и спроведување на законите. Тој е еден од основачите и директор на Мрежата за спроведување на законите и ХИВ. Го искористивме неговото учество на „Неформалниот дијалог за политиките за дроги во Југоисточна Европа“, што се одржа во Атина, Грција, во октомври 2014 година, за да поразговараме за активностите на МСЗХ и за улогата на полицијата во заштитата на јавното здравје во овој регион.
Можете ли да ни кажете која беше оригиналната идеја во заднината на оваа мрежа и која е улогата на полицијата во јавното здравје?
Лично, а мислам дека и за многу луѓе кои работат во оваа област на намалување штети, особено во транзициски и земји во развој, е битно што рано откривме дека полицијата е многу важен дел од целиот процес и дека во повеќето случаи постојат ограничувања, на пример, полицијата во повеќето земји, поголемиот дел од времето, беше против програмите за намалување штети, и пополека дојдовме до сознанието дека за успешно да го интегрираме намалувањето на штетите во регуларните активности треба да ја добиеме полицијата на наша страна. Постоеја и други напори за привлекување на полицијата, преку правни и формални реформи, но многу малку луѓе, всушност, работеа директно со полицијата. И во нашата работа наидовме на полиција која беше пријателски настроена, полна со поддршка и со разбирање, но која не знаеше што треба да направи. Со текот на времето сфативме дека полицијата имаше добивка од нас со тоа што стануваше дел од глобална мрежа. И знаејќи дека има други полицајци кои имаат слични искуства, и кои правеа обиди да го променат ставот на полицијата кон корисниците на дрога, кон намалувањето на штетите, беше креирана Полициската мрежа за ХИВ за да се поврзат ваквите полицајци и да им се овозможи меѓусебна поддршка за да се чувствуваат сигурни и поддржани во тоа што го прават, и да им се помогне во активностите на застапување, како и во едукативната работа со нивните колеги. Па така сега имаме мрежа од 16 полицајци или пензионирани полицајци кои функционираат како национални претставници за контакт во неколку различни земји во развој или во транзиција, кои вршат едукативни активности со нивните колеги, во нивните полициски служби и кои ги едуцираат полициските службеници за намалување на штети и како подобро да работат со засегнатото население.
Здруженијата на граѓани кои ги спроведуваат програмите за намалување на штети и полицијата не се непријатели.
Види, во повеќето земји во светот, според мене, сè уште се непријатели, но се зголемува бројот на примери во кои луѓето успеале да изградат мостови меѓу програмата и полицијата. Понекогаш иницијативата доаѓа од програмата, особено програмите за сексуални работници. На пример, во Индија една програма си постави приоритет да соработува со полицијата и навистина се трудеа да изградат однос со полицијата. Понекогаш иницијативата доаѓа од полицијата, но честопати е потребен посредник, некој кој ќе ги седне двете страни на една маса. И сѐ почесто постојат примери на програми и полиција што работат на консензуален начин, седнувајќи на маса, дискутирајќи за проблемите, дефинирајќи цели, наоѓајќи начини да работат заедно, наоѓајќи начини да ја надминат стигмата и дискриминацијата, и отпорот од двете страни, затоа што не само што полицијата има лоши ставови кон корисниците на дрога и секусуалните работници, но поради сопственото искуство и корисниците на дроги и сексуалните работници не ја сакаат полицијата. Значи има две страни што треба да се надминат, кон подобар и поефективен однос, но сè почесто има примери низ светот каде што ова што се случува се гледа како можност за подобрување и не се однесува само на ХИВ. Затоа што кога оваа врска еднаш ќе се воспостави, влијае на сите други односи и полицијата почнува да гледа на корисниците на дроги како на личности, да одржува врски со центрите за ментално здравје и за лечење зависности. Гледаме примери во кои полицијата соработува со овие центри и корисниците на дроги не се апсат. Затоа градењето мостови за превенција на ХИВ, всушност, ја отвора можноста за унапредување на односите и за други прашања.
Спомнавте неколку примери за добра соработка меѓу програмите за намалување на штетите и полицијата, но можете ли да ни дадете некои примери од Европа, особено од Источна Европа, за добра комуникација меѓу полицијата и програмата за намалување штети.
Па, дознав за слична ситуација во Романија и сакам да одам да ја видам затоа што звучи одлично. Сè уште имаат проблеми, но станува збор за огромен прогрес. Од земјите во кои имаме национални контакти, Украина, Молдавија, Таџикистан и Киргистан, во некои случаи станува збор за многу рана фаза од проектот, но во некои се зголемува процентот на обучени полицајци кои знаат како да се однесуваат со луѓето во програмите за намалување на штети и со корисниците на дроги. И постои свесност за можностите за заемна соработка. Не сум упатен во деталите за да знам какви деловни односи се воспоставени, но сигурно постои напредок во промената на ставовите на полицијата.
И, последното прашање. Од Вашето искуство, кој е најдобриот начин да се обучат полицајците? Дали врсничкиот пристап, односно едукација на полицијата од самите полицајци или вклучување и на корисниците на дроги во процесот?
Сметам дека и двете се апсолутно потребни. Затоа што полицијата учи од полицијата. Од моето искуство, дури и кога полицајците имаат обуки за намалување на штети на академијата, и имаме регрути кои се школувале за намалување на штети, кога тие регрути доаѓаат на терен, ако ставот на локалните полицајци е поинаков од она што го учеле во академијата, наученото исчезнува. Па така морате да имате постојана едукација од други полицајци и начини за нивен професионален развој додека работат како полицајци. Но, рушењето на стереотипите е тешко зашто полицијата си има сопствена култура и заедница, и ги претставуваат нивните ставови, а овие ставови се дополнително зацврстени кога доаѓаат во контакт со поискусни полицајци. Затоа состаноците меѓу полицијата и граѓанското општество, меѓу полицијата и корисниците на дроги, и граѓанските здруженија, и тоа не само спорадични, туку редовни средби, односно некаков вид тековна врска, ќе придонесе за хуманизација на луѓето. Веќе нема да бидат сфаќани како непријатели, демони. Кога ќе помислите дека единствениот начин кога полицијата доаѓа во контакт со корисници на дроги е конфликт, тогаш лесно е да се разбере зошто полицаецот гради негативен став кон корисниците на дроги. Затоа е важно да ги запознаат КД во друго светло, во неутрална средина во која има заемна почит зашто со тоа целосно ќе се измени ставот на полицијата и на КД и ќе може да се креира заедничка почва и заемна почит.
Разговорот го водеше: Влатко Деков