Прирачникот за здруженија на граѓани (ЗГ) кои работат со деца и млади изложени на ризик од социјално исклучување во земјите од Западен Балкан се стреми да ги зајакне организациите кои работат со специфични категории на млади изложени на ризик со цел да се понудат квалитетни стандардизирани сервиси за младите кои се наоѓаат во поголем ризик од социјална исклученост.
Со насоките се претставени меѓународните стандарди за заштита на младите изложени на ризик. Прирачникот содржи преглед на институционалната рамка на меѓусекторската соработка во шест земји од Западен Балкан, водечките принципи и вредности при работа со ранливи групи на млади, кодекс на однесување за ЗГ и етички кодекс за корисниците. Исто така вклучен е опис на фазите при работа со ранливи групи на млади, детален опис на менаџирање на случај – модел за планирана поддршка, моделите на соработка на различно ниво, видовите достапни сервиси и интервенции, постоечките оперативни процедури и модерните трендови што треба да се вметнат при работата во регионот.
Учеството на ЗГ во младинските политики за социјална исклученост не може да се разграничи од учеството во младинските политики во целина. Вклученоста на младите и на младинските организации во оформувањето на младински политики во поголем дел од земјите од Западен Балкан сè уште налага проактивни напори од страна на државите. И покрај фактот што земјите од Западен Балкан делат заедничка традиција во изготвувањето и во спроведувањето на младински политики, младите се третирани на различен начин во законите и во политиките специфични за одредени сектори во регионот како што се законите за образование, за малолетничка правда и законите за семејството.
Кризите и/или проблемите и ранливоста низ кои минуваат младите во текот на адолесценцијата вообичаено се решаваат во постоечките системи за семејна, материјална, социјална и културна поддршка. Сепак, за голем број млади, како што се младите во конфликт со законот, младите кои употребуваат дроги, младите кои потекнуваат од семејства со историја на употреба на дрога и/или во конфликт со законот, младите кои ја напуштаат алтернативната грижа, млади со улично искуство и младите Роми, системите за поддршка се ограничени и налагаат предвремена интервенција.
Сѐ почесто во програмите и во сервисите за млади се придава значење на семејната и неформалната социјална поддршка при работата со млади. Со сервисите треба да се создаде колаборативно партнерство во рамките на локалните сервисни системи со цел да се обезбеди пристап до достапните сервиси без разлика каде младите ќе решат да се обратат прво. Организациите за услуги на ранливи групи на млади треба да се водат од принципи. Овие принципи вклучуваат сервиси прилагодени според потребите и со кои се почитуваат човековите права, проактивни и флексибилни услужни модели засновани на докази, мерење на исходот кај клиентите и постојано подобрување и активности за согледување на ситуацијата преку активности за планирана поддршка.
Одредени принципи можат да бидат од помош за ЗГ со цел изготвување на одговори за поголема ефикасност на сервисите за млади засновани на функционални активности докажани преку истражувања и професионални анализи на праксата. Исто така, сите што работат со ранливи групи на млади, без оглед на областа или професијата, треба да оперираат во рамките на некаков вид законска и етичка рамка. Тоа значи функционирање во рамките на ограничувањата дефинирани со применливите законски и етички стандарди.
Во Прирачникот се содржани клучните законски аспекти со цел да им се помогне на ЗГ кои работат во рамките на етичка рамка и следат одредени политики и процедури.
Со цел поддршка на младите и нивните семејства, како и спречување понатамошно влошување на проблемите, потребно е ЗГ да применуваат сервиси за навремени интервенции кои се состојат од осмислени и прифатени интервенции преку кои се постигнува безбедност, постојаност и благосостојба на децата, на младите и на нивните семејства на интегриран начин. Програмите за советување, активностите за развој на родителските вештини, менторските програми и програмите со повеќе компоненти се дел од еден сеопфатен и координиран одговор за ранливите млади и семејства.
Планирана поддршка претставува пристап до менаџирање на случај преку кој се нагласуваат четири клучни концепти: поддршка, планирање, соработка и врски. Се работи за склоп на принципи секојдневно применувани од вработените во ЗГ со ранливите групи на млади со цел да се постигне поголема независност при проценувањето на неопходните краткорочни или долгорочни услуги.
Вработените и волонтерите во ЗГ работат со младите и самите нудат интервенции или овозможуваат интервенции во рамките на заедницата. Тоа се постигнува преку теренска работа/работа на случај и дневни програмски активности во краткорочни стационарни единици како што се засолништа или во долгорочни стационарни единици како на пример поддржано сместување. Преку ваквите модалитети се нуди контекст со кој се оформува процесот на активна вклученост на младите и на семејствата/старателите.
Соработката со други даватели на услуги, како и со семејствата и со заедницата исто така е од клучно значење при поддршката на младите во комплексни ситуации. Најважната причина за ефективно партнерство во рамките на сервисите е подобрување на искуството на лицата при пристап до потребната поддршка кога ќе ја побараат. Со цел да се создаде партнерство, потребно е сите членови да се придржуваат кон философијата на пристап насочен кон личноста.
Неопходно е здруженијата на граѓани да воспостават системи за мониторирање на работата. Преку различни форми на надгледување ќе се овозможи остварување на целта и на мисијата на организацијата, и постигнување на позитивни исходи за децата, за младите и за семејството преку компетентни, сензитивни и навремени услуги.
За крај, Прирачникот има цел да помогне во работата на ЗГ така што со услугите за ранливите групи на млади ќе се понуди поддршка при остварување на исходите посакувани од сите млади луѓе, имено да се оформи силно чувство на благосостојба и позитивна иднина. Прирачникот може да се користи и од луѓе со секојдневен професионален контакт со ранливи групи на млади луѓе, а кои располагаат со специфичен сензибилитет и емпатија за потребите на младите.