JWH-018 – Синтетски канабиноиди (Синтетички марихуана, спајс, билна мешавина, хербални ароматизери, легал хајс) се нови психоактивни супстанции (НПС), истражувачки супстанции (research chemicals), високо-потентни аналози на природните канабиноиди кои продуцираат субјективни ефекти слични на канабисот. Повеќето синтетски канабиноиди се аналози на Δ9-тетрахидроканабинол (ТХЦ) кои често се продаваат како легална алтернатива на канабисот означени како „Legal Highs“ (Легални дроги).
Синтетските канабиноиди првично биле синтетизирани во 80-ите години од минатиот век, а се наоѓаат во форма на прав и обично се прскаат врз мешавина од билки за да изгледа како канабис, а се користат со пушење и голтање, но во продажба се и во форма на чист прав преку „дарквеб” (darkweb), онлајн продавниците и смарт шоповите.
Популарни билни мешавини кои првично се појавија на пазарот беа брендовите К2 и Спајс, иако денес има голем број на различни брендови. Синтетските канабиноиди често се продаваат како “„„билни ароматизери““ (хербал инсенс) и“ „билни мешавини за пушење” во комерцијални пакувања. Составот на брендираните билни мешавини и дозите најчесто не се декларирани на производите.
Синтетските канабиноиди за прв пат се појавиле во продажба на почетокот на XXI век, и се сметало дека ефектите се резултат на мешавината од билки. Лабораториските анализи во 2008 година покажале дека билните мешавини всушност содржат еден или повеќе синтетски канабиноиди кои делуваат на сличен начин како и фитоканабиноидите. Користењето и продажбата на синтетските канабиноиди започнала во обид да се избегнат законските ограничувања и регулацијата на употребата на природниот канабис.
Денес постојат цела низа на синтетски канабиноиди, а постојано се развиват нови. Според извештајот на УНОДЦ од 2015 година од вкупно 541 новооткриени НПС во периодот од 2009 до 2014 година, 39% се синтетски канабиноиди. Чести претставници се од фамилиите како JWH-xxx, THJ-ххх, UR-ххх, AB-ххх, PINACA, APINACA, FUBINACA, CHIMINACA и многу други.
За разлика од канабисот, евидентирани се бројни смртни случаи и многу опасни и токсични несакани ефекти како резултат на користење на синтетски канабиноиди. Многу корисници на синтетските канабиноиди биле хоспитализирани или претрпеле сериозни несакни ефекти верувајќи дека дејството е слични со канабисот. Поради тоа, не се препорачува користење на овие супстанции подолг временски период или во прекумерни дози.
Несаканите ефекти се често многу тешки и може да вклучуваат покачен крвен притисок, неправилна работа на срцето, агитација, психоза, повраќање, халуцинации, конвулзии, мозочен удар, оштетување на бубрезите и други. Продолжена употреба на синтетските канабиноиди може го зголеми ризикот за настанување на ментални растројства и психоза, особено кај ранливи лица со ризик фактори за психотични заболувања (семејна историја на шизофренија).
За разлика од повеќето други ПАС кои се користат рекреативно, драматичната психотична состојба предизвикана од употребата на синтетските канабиноиди е забележано во повеќе случаи и може да трае со недели. Се претпоставува дека поради недостатокот на канабидиолот (ЦБД) како антипсихотична компонента присутна во канабисот, ги прави синтетските канабиноиди со поголем капацитет за индуцирање на психотична состојба. Иако нема валидни податоци за токсичноста на синтетските канабиноиди, постои загриженост дека групата на синтетски канабиноиди кои во својот хемиски состав содржат нафталинска група како JWH-018 и некои други синтетички канабиноиди може да се токсични и канцерогени. Се смета дека хроничната употреба на синтетските канабиноиди има поголем потенцијал за зависност и повисок потенцијал за злоупотреба во споредба со пририодниот канабис.
Синтетските канабиноиди се користат и во медицински цели во некои земји во светот. Дронабинол (Маринол) е чист изомер на ТХЦ. Се користи за третман на анорексија кај луѓе со ХИВ/СИДА, како и за третман на симптоми како гадење и повраќање кај луѓе кои се на радио и хемо терапија.
СОВЕТИ:
– Избегнувај користење на нови и недоволно истражени ПАС како синтетски канабиноиди, но доколку решиш користи ги претпазливо;
– Доколку решиш да користиш синтетски канабиноиди, користи ги поретко и во помали количини, на безбеден начин и во безбедна околина со некој што го познаваш, особено доколку си почетник;
– Не се препорачува управување на моторно возило или работа под дејство на синтетски канабиноиди;
– Некои синтетските канабиноиди се активни во милиграмски дози (под 5 милиграми), и затоа е важно да се користат соодветни мерки на претпазливост при дозирањето за да се избегне негативните искуства.
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.