
Гледајќи наназад, мојот однос со зависноста почна уште во ранo детство кога почнав да вдишувам гасови од автомобили и охо лепак. Околу четирнаест години, кога првпат се опијанив како што треба, пронајдов дека ми помогна да се осеќам слободно, како сите инхибиции да ме напуштија и целата анксиозност и страв што го осеќав уште од детство престанаа. Во тоа време (поранешна Југославија) не можеше да се дојде лесно до дрога па така опивањето (во школо или кога „искачав“) ми стана редовна навика. Доволно редовна да другарите веќе знаеја кога ќе почнам да пијам, често не можев да најдам мерка колку ми е доволно па ке мораа да ме носат дома. Но сето тоа се разбираше како нормален дел од растењето и дека ке помине.
Реалноста искочи да биде поинаква. Пиењето продолжи и оваа немоќ да имам контрола над алкохолот е нешто што ми стана зедничко за сите други дроги кои ги користев. Кога заминав за странство и почнав да конзумирам други субстанци, како што е марихуаната, моето понашање беше исто. Како што почнав со алкохолот така и со тревата, од почеток беше убаво, друштвено, опуштено и добра забава и на крај стана опсесија. Ја користев компулсивно, право од спиење и пред спиење со џоинт, а преку ден параноја дали некој ме следи, дали некој зборува за мене, дали ќе имам доволно или ми треба уште и така натаму.
Конзумирана заедно со алкохолот во поголеми количини параноични халуцинации ми беа норма. Не знаев повеќе што е вистина, а што не. Под дејство на трева ми беше нормално да ја шверцувам преку граница кога се враќав од Амстердам или да носам поголеми количини во кола да ја продавам. Од нешто што мислев дека ми помага да се релаксирам и уживам во тоа, ја злоупотрбував марихуаната како што го злоупотребував кодеинот, валиумот, дијазипамот, екстази, кокаин и се друго што ке ми паднеше во рака.
Кога почнав да зимам хероин мислев дека си го решив проблемот. Се осеќав како конечно да стигнав на местото по кое секогаш трагав. После неколку месеци мислев дека е време да престанам и дознав што е криза. Исто дознав дека метадонот може да ми помогне да се симнам од хероин па така почнав и него да го користам, прво како лек, но потоа да го добијам истиот ефект како и од хероинот. Следните неколку години ги поминав највеќе со овие две дроги животот стануваше се потежок и потежок.
Иако ги сакав синот и девојката дрогата секогаш беше на прво место. Бизнисот што го имав почна да пропаѓа. Да излажам ми стана нормално или барем секогаш имав оправдување дека некој друг е виновен. На крај изгубив сè. Девојката отиде зошто не можеше да издржи повеќе. Пријателите што вредеа и сакаа да ми помогнат исто изгубија надеж. Толку пати ветував дека ќе престанам, но и покрај моите најдобри напори, едноставно не можев. Се обидував да ја намалам дозата, да земам дрога само одредени денови, да го променам местото на живеење, да најдам нова девојка (што знае паметно да се дрогира) и на неколку пати да изкризирам и оставам на недела или две или месец или два, но секогаш се враќав назад во истата ситуација, истиот свет, истите луѓе со кои се дрогирав, во истата изолација која ми стана толку вообичаено секојдневна. Се чувствував немоќен. Поточно, бев немоќен. Бев немоќен над опсесијата со дрога (постојаното мислење на неа), немоќен над компулсивноста кон неа (неспособноста да престанам да земам), немоќен над себичноста, зошто на крај, вистината беше дека, најважно од сè ми беше да ја задоволам својата потреба за дрога. Денес разбирам дека токму тоа се особини кои ме прават зависник. Проблемот не лежи во дрогата туку во мојот однос спрема неа. Едноставно има нешто во мене што, кога користам било кој вид на дрога, ме тера да губам контрола над неа. Истиот однос можам да го имам и према коцкањето, храната, порнографијата, сексот, некоја особа и други адиктивни работи.

Во здружението на „Наркотикс Анонимус“ (НА) дојдов после уште една типично зависничка драма од превара, грабеж и насилство во врска со дрога. Во тој очај, не знаеќи што друго да правам или кај да идам, се сетив дека стар познаник ми имаше спомнато за НА и дека им помага на зависници. Одлучив да се јавам и до ден денес го сметам како најважен телефонски повик кој го имам направено. За првпат се јавив негде каде што можев да добијам помош наместо кај дилерот. За првпат слушнав глас кој ми даде надеж, го разбираше јазикот на зависник и ми кажа каде има состанок на НА да отидам.
Од тука почна мојот пат кон мојот нов живот. На првиот состанок ништо не разбрав и не ми се веруваше дека во соба од околу триесет луѓе голем број беа чисти, изгледаа здрави и насмеани. Атмосферата беше пријатна и ако бев нервозен се осеќав сигурно. Почнав да идам на состаноци редовно, да слушам и видов дека не сум сам, дека многумина го поминале мојот пат и успеале да се очистат од дрога. Ми даде надеж дека би можел и јас да престанам. Арогантен каков што бев, сакав да им докажам дека алкохолот не е дрога, кај нас во Македонија тоа е дел од културата и нормално е да се пие по чаша вино за вечера или ракија за прослава, дека повремен џоинт на никого не му нашкодил. Никој не ми рече ништо, осим да продолжам да доаѓам на состаноци. Иако од време на време ќе изкризирав и ќе се тргнев од метадон и хероин, алкохолот и тревата ќе ме вратеа назад. Светот на зависноста сè уште имаше јако влијание над мене и порано или подоцна, во друштво на други што земаа дрога, ќе почнев пак да користам, и пак ќе завршев на истото очајно место, секој пат подлабоко и подлабоко.
Но сега знаев дека постои начин и пак ќе отидев на состанок на „Наркотикс Анонимус“ и ќе добиев нова надеж. Луѓето кои беа чисти ме подржуваа и ме убедуваа дека ако можеле тие можам и јас. Знаев дека не лажат за тоа како зимале дрога и каков им бил животот, на некои многу потежок од мене на некои не. Ми рекоа дека „Наркотикс Анонимус“ обеќава само една работа, а тоа е слобода од активно користење на дрога.
Во тоа време користев „сè и сешто“, а толку имав желба да престанам. Гледајќи назад, таа желба беше и најважното што ми требаше, за да еден ден, на еден од тие состаноци на НА, длабоко во себе признам дека ја изгубив војната со дрогата, дека бев немоќен над неа и ми го уништи животот на мене и тие околу мене. Исто бев свесен дека НА ми пружаше живот без дрога, бев со луѓе кои знаеа како да бидам и останам „чист“ и сакаа да ми помогнат и не бараа ништо од мене за возврат.

Сè уште одам на состаноци на НА. Сè уште сум зависник (кој не користи ништо) и не се срамам од тоа, и слободен сум да го живеам животот онака како што сакам. Сето тоа го добив во „Наркотикс Анонимус“.
Сега сум тука, во Скопје на подолг период и би сакал да им пренесам порака на тие што им е смачено од земање дрога, дека е можно да се престане и да се живее без неа. Се надевам дека некој ќе се поистовети со мојата приказна и ќе дојде да нè посети на состанок. Не мора да бидете чисти, секој е добродојден.
Ова е краток опис на здружението: „Наркотикс Анонимус“ е непрофитно здружение, или друштво на мажи и жени на кои дрогата им претставува сериозен проблем. Ние сме зависници кои се закрепнуваме од употребата на дрога и редовно се состануваме за да си помогнеме еден на друг за да останеме чисти. Многумина од нас успеваат да престанат да користат било каков вид на дрога. Има само еден услов за членство, а тоа е желбата да се престане со дрогирање.
НА не прикачува никакви обврски. Нашето здружение не е поврзано ниту со една институција или организација, не се плаќа чланарина ниту се водат било какви белешки или записници. Секој може да ни се придружи и cите членови се потполно еднакви.
„Наркотикс Анонимус“ е денес присутно во 129 земји низ светот со околу 68000 состаноци неделно. Здружението на НА постои од 1953 година и има 60 години искуство од илјадници зависници кои успеале поразот да го претворат во победа.
Во Скопје сега редовно се одржуваат состаноци на НА на кои зависници, без терапевти и стручњаци, го споделуваат своето искуство, сила и надеж. Анонимноста е најважен принцип за да се зачува безбедноста на членовите кои доаѓаат.
Јавете се на 077/810-208 или дојдете на состанок секој вторник и четврток во 18:30 и сабота во 16:30 во Пајко-маало (Адвокатска Улица) бр. 4, Скопје.
Франки
П.С. „Наркотикс Анонимус“ не е единствена организација која им овозможува подобар живот на зависниците. Иако сме самостални и не сме поврзани со никого, нашата намера е да соработуваме со други организации на ова поле.