ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, зема активно учество на Музичкиот Фестивал Д Фестивал, што се оддржа од 14–16 Јули, 2017 година во Дојран. На Д Фестивал ХОПС учествуваше во програмата на фестивалот „Aктивниот Саем” со Интерактивна инфо-едукативна работилница „Дроги во контекст на Музички Фестивал” и со креативна работилница преку Алтернативна Арт Медитација.
Во соработка со организаторите на настанот предвидено беше активностите на ХОПС да се одвиваат во Недела 16.07.2017 година од 12:00 до 16:00 часот. И покрај лошите временски услови (дожд, ветер и температура од околу 20 степени целзиусови), а поради добриот одзив и интерес активностите се одвиваа до 17:30 часот, односно час и половина повеќе од предвиденото со активно учество на околу 100 луѓе.
За времетраење на активностите беше направена презенетација на организацијата, и достапна за потпишување беше петицијата за поддршка на програмите на ХОПС (Support, don’t punish) и презентирани беа маици изработени во креативната работилница за време на активностите. Tимот на ХОПС беше достапен и за дополнителни информации во врска со активностите на ХОПС и заинтересираните посетители можеа да се запишат на листа на волонтери кои би се вклучиле во понатамошни едукации и обуки.
Тимот на ХОПС кој учествуваше на Д Фестивал беше составен од 5 члена:
Д-р Давор Смиланов – Фацилитатор на ИЕР
Катерина Гогова – Асистент на ИЕР
Богдан Колев – Асистент на ИЕР
Благородна Коцева Симјанов – Фацилитатор на ААМ
Љупчо Костовски – Асистент на ААМ
Интерактивна Инфо-Едукативна Работилница – „Дроги во контекст на Музички Фестивал”
Фацилитатори / Едукатори: Д-р Давор Смиланов и асистент Катерина Гогова беа фацилитатори и едукатори на ИЕР и Богдан Колев како Асистент.
Активностите на ИЕР се одвиваа според претходно утврдена програма осмислена за таа намена при што беше презентиран документарниот филм од серијалот I am rebel – The Love Drug, инфо-едукативна презентација за најчесто употребувани ПАС, НПС и Намалување на штети во контекст на Музички фестивал.
Рекреативно користење на дроги е популарна социо-културна практика ширум светот па така и во Македонија. Користењето на дроги пак во контекст на Музички фестивал е исто така практика која побарува дополонителни мерки на претпазливост што од корисничкa така и од организациска страна. Користењето на дроги секогаш со себе носи и ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се користат најдобар начин за намалување на ризиците и штетните последици од нивна употреба e едуцирањето и инфомирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други дроги.
Инфо-Едукативна работилница „Дроги во контекст на Музички Фестивал” е интерактивен инфо–едукативен модул преку кои учесниците ќе се запознаат со најчесто употребуваните дроги, новите трендови на употреба на дроги и новите психоактивни супстанции и практики за намалување на штети од нивното користењето со посебен акцент во контекст на Музички фестивал. Во рамките на работилницата ќе биде претставен документарен филм од серијалот I am rebel – The Love Drug, инфо-едукативна презентација, мини квиз за учесниците и отворена дискусија.
.
Алтернативна Арт Медитација – ААМ
Фацилитатори: Благородна Коцева Симјанов и асистент Љупчо Костовски беа фацилитатори.
Активностите на ААМ се одвиваа според претходно утврдена програма осмислена за таа намена преку боење на претходно иработени паноа. Одзивот на посетителите ги надмина сите очекувања и притоа беа искористени сите подготвени паноа како и различните алатки за боење (фломастери, пенкала во боја, темперни бои и др.)
Алтернативна Арт Медитација преку боење е една од алатките која активно се користи во рамките на Креативните работилници во ХОПС – Опции за здрав живот. Овој тип на алтернативна арт медитација на учесниците им помага да се нурнат длабоко во себе, да се запознаат себе си и да создадат комуникација внатре во нив самите од друг агол неоптеретени од секојдневието кој отвара простор за хармонија и креативен израз.
Боењето не е официјана уметност, но е одлична тераписка алатка која на едноставен и забавен начин води до хармонизирање на телото и духот. Боењето како интерактивно дејствие ни отвара простор за креативен израз, ни помага да се ослободиме од стрес, да ја разбудиме креативноста и по едноставно да ја препознаеме и изразиме споствената емоција.
Доколку се справувате со емотивен стрес или едноставно имате потреба од креативно изразување / хоби кое ќе ве опушти, Алтернативна Арт Медитација е вистински избор за исполнување на слободното време во текот на денот во рамките на Д Фестивал – Дојран. Изработените Паноа од учесниците можат да се изложат.
Албумот од учеството на фестивалот можете да го ѕирнете тука.
Изработените маици, каде може и да си порачате некоја доколку ви се допаѓа тука.
Д-р Давор Смиланов