До каде е процесот за изработка на модел за легализација/декриминализација на канабисот?
Н. Б.: Во првата половина на 2021 година Владата ги интензивираше активностите во насока на разработка на модел за легализација/декриминализација на канабисот. За таа цел беше формирана и работна група во која членуваа претставници на институции, на факултети, доктори, граѓански организации, сѐ со цел изнаоѓање на предлог-решение за легализација/декриминализација на канабисот. Во рамките на групата најпрво ги дефиниравме поимите легализација, декриминализација и депенализација за да бидеме сигурни дека сите ги поимаме работите на ист начин и да добиеме јасна претстава во кој правец сакаме и можеме да ги движиме работите во нашиот правен и политички контекст. Започнавме подготовка на компаративна анализа на десетина земји кои веќе имаат воведено некаква форма на легализација и/или декриминализација на канабисот со цел да ги измериме позитивните и негативните ефекти за да може да ги примениме или да ги пресретнеме при формулирање на домашниот модел. За жал, од втората половина на 2021 година работната група се нема состанато и сите планирани активности се запрени. Во меѓувреме Владата, без консултација со работната група, го поднесе предлогот за измена на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции на усвојување до Собранието, но беше повлечен. Последна информација што излезе во јавност, а не е директно споделена со работната група, е дека во Програмата на Владата за 2022 година планирани се активности за легализација и декриминализација на канабисот.
Х. Ш.: Работната група која беше формирана од страна на Владата на РСМ кон средината на минатата година, од 17 јули, нема одржано средба, ниту пак на каков било начин е информирана од Владата дали сѐ уште е активна групата и до каде е постапката со усвојувањето на предложените измени и дополнувања во релевантните законски решенија (Закон за контрола на опојни дроги, Кривичен законик).
О. У.: Процесот беше започнат во рамките на работната група со компаративна анализа на законодавствата на земји кои досега ја имаат спроведено легализацијата преку некаков нивен модел закон. За жал, уникатен модел или „лекс специјалис“ кој ќе одговара на македонските потреби не се направи, а работната група престана да се состанува. Тогашната влада без понатамошно консултирање со работната група донесе, по наше мислење, брз предлог-закон за медицински канабис кој сѐ уште не е изгласан, без да направи дистинкција за личната употреба на канабисот и да се утврдат начините за легална употреба во таа смисла. Се даде предлог за промена на член 215 од Кривичниот законик за личната употреба да биде декриминализирана за сите дроги и психотропни супстанции, меѓутоа таа работна група посочи дека минимум дозволената количина не може да биде регулирана со тој закон и упатија дека тоа треба да биде дефинирано со друг закон. Ниту тој ниту другиот закон до денес не се донесени ниту изгласани. Направија промени на листата на лекови каде што согласно номенклатурата на ОН се додадоа препарати од канабис без тоа да биде подлабоко дефинирано и се додадоа лекари на проширена листа кои би можеле да пропишуваат канабис, меѓутоа сето тоа е контрадикторно бидејќи никаде не е утврдено, ниту во новиот предлог-закон, како граѓаните би можеле да го набавуваат.
Што очекувате да биде предложено од Владата? Кои се предлозите на Маргини, на ХОПС и на „Операција ослободување“?
Н. Б.: Барањата на МАРГИНИ и на ХОПС артикулирани преку заедничките барања на т.н. иницијатива „Операција ослободување“ се однесуваат на итна декриминализација на поседувањето за лична употреба и одгледувањето на растенија за лична употреба; воспоставување на социјални клубови; зголемување на бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази; да се дозволи лекари, освен од јавното здравство, и од приватното здравство да пропишат препарати од канабис. Како здруженија кои обезбедуваат директни услуги на луѓето кои употребуваат дроги и намалување на штетите од употреба на дроги сметаме дека е важно да се формира фонд од давачките кои ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис, а дел од овие средства да бидат наменети за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести, вклучувајќи ги и болестите на зависност. Деновиве во јавноста беше објавена Програмата на Владата за 2022 година каде што, меѓу другото, се интегрирани барањата на граѓанските организации за декриминализација и легализација на канабисот. Ова е добар сигнал дека Владата и оваа година има намера да продолжи со креирање на политики во таа насока, но сепак останува впечатокот дека де факто работите одат бавно и не соодветствуваат со реалните потреби на граѓаните, односно рекреативните корисници продолжуваат да бидат гонети само поради фактот што користат канабис, а пациентите како единствен извор на квалитетни препарати од канабис го користат црниот пазар, повторно под ризик да бидат кривично гонети и казнети.
Очекувањата се дека по формирањето на владата забрзано ќе се работи на усвојување на планираните активности и ќе се воспостави сеопфатна правна рамка што ќе овозможи доследна декриминализација на канабисот, рекреативна употреба во легални услови, но истовремено ќе се работи на трансформација на институциите и општеството за прифаќање и спроведување на декриминализацијата и на легализацијата.
Х. Ш.: Неофицијално имаме информација дека нашите барања за прецизирање на одредбите во КЗ, кои се однесуваат на делата поврзани со дрога, ќе бидат прифатени така што во законот јасно ќе се одреди дека личната употреба и поседувањето за лична употреба нема да претставува кривично дело. Исто така добивме неофицијална информација дека нашите 6 барања кои ги имавме доставено до Министерството за здравство и Владата на РСМ ќе влезат во новиот закон за контрола на опојни дроги кој неколку пати се пушта во собраниска процедура, па се повлекува. Последна информација беше дека законот кој пред нова година доби зелено светло од Владата и беше пуштен во собраниска процедура, повторно е повлечен за доработка. Сепак, и покрај интензивната комуникација со претставници од Министерството за здравство и Владата, предлог-законот никогаш не ни беше даден на разгледување во обемот во кој бил усвоен на владина седница.
Она што е најново е дека во 2,5-годишната програма на новата влада (н. з. од 18.1.2022 г.) прифатени се сите 6 барања кои ги инициравме преку „Операција ослободување“, и тоа интегрално како што ги предложивме, вклучително и барањето за воспоставување на фонд од добивката на производителите и трговците со канабис и производи од канабис кој, меѓу другото, ќе се користи за финансиска одржливост на програми наменети за маргинализирани заедници.
Шесте барања на иницијативата „Операција ослободување“, во кои се интегрирани барањата на ХОПС, се:
– Итна декриминализација на поседување и лична употреба.
– Итна декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба.
– Да се овозможи основање и работење на социјални клубови.
– Да се зголеми бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази, да се дозволи лекари, освен од јавното здравство, и од приватното здравство да пропишат препарати од канабис, и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и да користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории).
– Во Агенцијата за канабис да има независно тело (комисија) составено од претставници на граѓанскиот сектор.
– Да се предвиди во Законот за контрола на опојни дроги формирање на фонд од давачките кои ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис согласно овој закон.
– Да се прецизира процент од средствата од овој фонд кој ќе биде наменет за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести.
ХОПС е дел од оваа иницијатива, заедно со други граѓански организации, експерти и индивидуални поддржувачи.
Други наши барања за интервенција во законот, а кои се однесуваат на канабисот, односно индустрискиот коноп се:
– Предлог-законот го дефинира конопот за индустриски цели, растение кое воопшто не е на листата на контролирани супстанции, а служи за производство на: влакно, паста, масла, семе за исхрана на животни и луѓе, понатамошно размножување и преработка на семе. Според заедничката сортна листа на Европската Унија, растенијата, односно сортата на коноп што не содржи психоактивна супстанција ТХЦ повеќе од 0,2 % и не се смета за растение од кое може да се добие опојна дрога и оттука не постои причина да се дефинира и да се регулира индустрискиот коноп во овој закон чиј предмет е регулирање на режимот на сеење, на одгледување, на преработка и на производство на растенија од кои може да се добие опојна дрога.
Нашето барање е индустрискиот коноп да се регулира со правилници како што се регулираат и другите индустриски растенија, а да се извади од овој закон.
О. У.: Ја поддржуваме одлуката на новата влада зашто во Програмата е ставена легализацијата, меѓутоа сметаме дека работната група треба да најде итна правна уникатна солуција која ќе направи дистинкција меѓу медицинската и личната употреба. „Операција ослободување“ останува и понатаму на своите барања сѐ до целосна легализација на канабисот и правна регулација на сите потенцијали на оваа билка, нормално вклучувајќи ја и личната употреба, дозвола за садење дома, регулирање на количините за кои нема да се спроведува апсење и малтретирање на граѓаните. Како што гласи и нашиот слоган, дабоко веруваме дека во семката е иднината и апелираме до сите политички партии, невладини организации, граѓански движења, како и до сите граѓани да се даде поддршка за итно решавање на овој мал, но многу битен проблем за нашава држава, без многу анкети, дебати и полемики затоа што нешто дадено од Бога и од природата, кое научно докажано има лековит бенефит, треба да биде легално и достапно на сите како на медицински, така и на економски и на социјален план.