ИСТРАЖУВАЊА
Од самото свое основање во 1997 година ХОПС посветува големо внимание и развива капацитети за истражување меѓу општествено-маргинализираните групи/заедници. Впрочем, самото постоење на ХОПС е засновано на препораките од истражувањето за опијатно предозирање во Македонија кое во 1995 година го спроведоа Жан-Пол Грунд и Душан Нолимал. Истражувањата се користат за планирање на нови активности и за застапување за воведување на нови политики или за измена на постоечките политики за дроги и за сексуална работа или општо за интересите на општествено-маргинализираните групи/заедници.
Сите истражувања реализирани од ХОПС се, потесно или пошироко поврзани со социјалните, здравствените, правните и културните аспекти на употребата на дроги и на сексуалната работа и ја поддржуваат мисијата на Организацијата. Со ова се пополнува празнината во социјалните проучувања на општествено-маргинализираните групи/заедници, а ХОПС го развива сопствениот потенцијал и ја изнесува пред јавноста потребата за актуелизирање на потребите на општествено-маргинализираните групи/заедници. Всушност, унапредувањето на познавањата за општествено-маргинализираните групи/заедници треба да овозможи развивање на механизми и на соодветни политики за нивна поголема социјална вклученост.
Позначајни истражувања спроведни од ХОПС или во кои учествувал ХОПС:
- Правни потреби и пристап до правда за луѓето кои инјектираат дроги и за сексуалните работници во Македонија.
- Потреби и можности за измена на законската регулатива за сексуалната работа во Македонија.
- Анализа на модели за унапредување на законската регулатива за медицинска употреба на коноп во Македонија.
- Унапредување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје, финансирани од буџетот на Република Македонија.
- Процена на родово поврзаните прашања со ризикот од ХИВ и на пречките што го условуваат рамноправниот пристап до соодветни услуги за превенција и лекување на ХИВ.
- Знаења, ставови и практики поврзани со туберкулоза застапени меѓу групите најранливи на туберкулоза.
- Унапредување на правото на пристап до социјални и здравствени услуги за Ромите што употребуваат дроги.
- Брза проценка и одговор на потребите и можностите за спроведување активности за превенција и помош при употреба на дроги меѓу средношколската младина во Град Скопје.
- Опијатно предозирање.
- Процена на ризичното однесување на луѓето кои инјектираат дроги и на ризичните фактори поврзани со употребата на дроги, со ХИВ и со останатите крвно и сексуално преносливи инфекции во Република Македонија.
Резултатите од повеќето наброени истражувања се достапни во рубриката „Публикации“.