Ен Шулгин (Лора Ен Готлиб, родена на 22.3.1931 г.) е американски психотерапевт, истражувач и сопруга (вдовица) на американскиот хемичар, психофармаколог и истражувач Александар Шулгин (1925 – 2014).
Во нејзината кариера Ен Шулгин работела во терапевтски средини со психоделични дроги како што се МДМА и 2Ц-Б во периодот кога сѐ уште биле легални. Поседува уникатно и значајно знаење за благотворните последици на психоделичните дроги во терапевтски контекст. Во нејзините текстови таа го истакнува потенцијалот на дрогите од овој тип, согледан од перспектива на психоаналитичарот Јунг.
Ен сѐ уште активно учествува како предавач на конференции на тема на лековитите можности на МДМА и на психоделичните дроги и понатаму се застапува за употреба на психоделичните дроги во терапевтски контекст и истражувања.
Заедно со нејзиниот сопруг таа е коавтор на книгите „ПиХКАЛ: Хемиска љубовна приказна – Фенетиламините што ги запознав и засакав“ (PiHKAL: A Chemical Love Story – Phenethylamines I Have Known And Loved, 1991) и „ТиХКАЛ: Продолжение – Триптамините кои ги запознав и засакав“ (TiHKAL: The Continuation – Tryptamines I Have Known and Loved, 1997), а во моментов работи на третиот том од оваа серија. Исто така свој придонес Ен Шулигин има во книгите „Од Танатос до Ерос: 35 години психоделично истражување“ (Thanatos to Eros: 35 Years of Psychedelic Exploration); „Ентеогени и иднината на религијата, умови што манифестираат: Преглед на психоделичните дроги во науката, во медицината, во сексот и во спиритуалното и многу повеќе“ (Entheogens and the Future of Religion, Manifesting Minds: A Review of Psychedelics in Science, Medicine, Sex, and Spirituality and many more).
Извор: Еровид и Википедија
Бети Ајзнер (портрет од Бети Ајснер)
Д-р Бети Гровер Ајзнер (29.9.1915 – 1.7.2004) е американски психолог позната по нејзината пионерска работа во употребата на ЛСД и на други психоделични дроги поврзани со психотерапијата.
Бети Ајзнер била клинички психолог и дел од групата на ЛСД истражувачи активни во Лос Анџелес во 50-тите и во 60-тите години на минатиот век. Ајзнер меѓу првите ја истражува употребата на ЛСД за лекување на алкохолизмот. При работата со нејзините пациенти таа користи ЛСД, мескалин, амфетамин и кетамин. Сепак интересот на Ајзнер во пронаоѓањето нови инструменти во психотерапијата не бил ограничен само на дроги. Нејзиниот фокус бил поконкретно насочен кон екстра фармаколошки варијабли кои според неа имале влијание на резултатот во психотерапевтските сеанси. Д-р Ајзнер го опишува психотерапевтското значење на варијаблата која ја нарекла „матрица“. Во поимот е опфатен секојдневниот животен простор, како и поширокиот општествен контекст.
Д-р Ајзнер била член на Одборот на советници на Фондацијата Алберт Хофман пред нејзината смрт во 2004 година. Нејзините публикации и лична преписка се зачувани во архивите на Универзитетот Стенфорд. Во 2002 година д-р Ајзнер напишала неиздадено автобиографско дело за нејзината кариера насловено „Сеќавања за ЛСД терапијата во минатото“ (Remembrances of LSD Therapy Past).
Автор е и на книгата „Неискористениот потенцијал на бракот и на сексот“ (The Unused Potential of Marriage and Sex, 1970).
Извор: Еровид и Википедија
Џули Холанд (портрет од Џули Холанд)
Џули Холанд (родена на 13.12.1965 година) е американски психијатар, истражувач, експерт за дроги, активна е во програмите за намалување на штети, а поголемиот дел од својот живот го има посветено во истражување на однесувањето и феномените предизвикани како последица на употреба на дрога.
Таа е психијатар со специјализација во психофармакологија. За време на студиите се јавува како автор на опширно истражување за МДМА. Џули Холанд е медицински контролор во две терапевтски студии (МДМА и канабис) во кои се истражува третман за посттрауматско стресно нарушување кај воените ветерани во САД. Исто така е и универзитетски професор и редовно учествува во емисиите на Си-ен-ен, Нешнл џеографик, Фокс, Ви-ејч-1 и Ем-ти-ви како експерт за дроги и однесување поврзани со дроги.
Добитник е на наградата „Норман Зинберг“ за достигнувања во медицината во 2011 година и наградата на Националниот институт за здравје за истакнат лекар во 1994 година.
Џули Холанд е автор на книгите: „Табиетлики – вистината за дрогата која ја употребувате, сонот кој го пропуштате, сексот кој го немате и што всушност ве полудува“ (Moody Bitches – The Truth About the Drugs You’re Taking, the Sleep You’re Missing, the Sex You’re Not Having, and What’s Really Making You Crazy, 2015); „Книга за тревка – сеопфатен водич за канабисот“ (The Pot Book – A Complete Guide to Cannabis, 2010); „Викенди во Белвју: Девет години ноќна смена во Одделението за психијатрија“ (Weekends at Bellevue: Nine Years on the Night Shift at the Psych ER); „Екстази – сеопфатен водич, детален преглед на ризиците и на предностите од МДМА“ (Ecstasy – The Complete Guide, A Comprehensive Look at the Risks and Benefits of MDMA, 2001).
Извор: Еровид и Википедија
Марија Сабина (портрет од Марија Сабина)
Марија Сабина (22.7.1894 – 23.11.1985) е курандера (шаман) од Мексико која исцелува со употреба на псилоцибински (халуциногени) печурки.
Марија Сабина како современ курандера од Мексико за првпат им дозволила на луѓето од Западот да учествуваат во исцелителната свеченост наречена велада.
Во 1955 година, американскиот етномикологист Р. Гордон Васон ја посетил Марија Сабина и учествувал во веладата и во собирањето габични спори, кои ги идентификувал како Psilocybe mexicana. Основната состојка на овие печурки, псилоцибинот, била изолирана од страна на хемичарот Алберт Хофман во 1958 година. До 1967 година текстот „Барајќи ја магичната печурка“ (Seeking the Magic Mushroom), издаден како натпис во списанието Лајф од Васон во 1957 година, ги донесе луѓето од западниот свет. Се шират гласини дека Марија Сабина ја посетуваат бројни познати личности, меѓу кои и рок-ѕвезди како што се Боб Дилан, Џон Ленон, Мик Џегер и Кит Ричардс.
Опсадата на заедницата од страна на западњаците придонесе мексиканската полиција да се заинтересира за Сабина. Несаканото внимание ја промени социјалната динамика на заедницата и наскоро Сабина беше прогонета од сопствената заедница. Премрежијата горчливо ја погодија Марија Сабина. Веладата како свеченост за неа беше неповратно осквернавена и извалкана од хедонистичката употреба на печурките.
Извор: Еровид и Википедија
Давор Смиланов