Мерсисајд (Merseyside) е една од шесте административни метрополитенски области во Англија, што се наоѓа во северозападна Англија и е организирана во пет општини: Ноузли, Сент Хеленс, Сефтон, Вирал и градот Ливерпул. Една од знаменитостите на Мерсисајд е дербито меѓу локалните фудбалски клубови Ливерпул и Евертон, но она што нам повеќе ни значи е што Мерсисајд е зачетник на новите политики за справување со последиците што се предизвикани од употребата на дроги во Европа. Практично, во 80-тите години на ХХ век, во Мерсисајд е создаден првиот модел на политиките за намалување на штетите од употребата на дроги што потоа почнуваат да се развиваат низ Европа и пошироко.
Во септември 2014 година, Шели Ступс (Shelly Stoops) и Тим Килан (Tim Keelan), едни од основоположниците на „Моделот Мерсисајд“, ја посетија Македонија за да ѝ ги пренесат своите знаења и искуства на македонската Полиција за заштита на сексуалните работници/работнички од насилство. Шели Ступс е оперативен менаџер на „Мерсисајд – безбедно место“ (Safe Place Merseyside), кое е дел од Ливерпулскиот систем на јавно здравство (Liverpool Community Health), и е независен советник за сексуално насилство (НССН) врз сексуални работници. Тим Килан е инспектор во Полицијата на Мерсисајд, во Обединетото Кралство, и е одговорен за прашања поврзани со јавна заштита во рамки на Полицијата во Мерсисајд, во Обединетото Кралство. Нивното гостување во Македонија го искористивме за да позборуваме со нив за пионерските почетоци на програмите за намалување на штети во Обединетото Кралство, за поврзаноста на дрогите и сексуалната работа, но најмногу за улогата на институциите, особено на Полицијата, за поддршката на ранливите заедници, во случајов за поддршката на луѓето кои употребуваат дроги и на сексуалните работници.
Воскре: Моделот Мерсисајд за намалување на штети беше пионерски проект во областа на намалување на штети.
Шели: Па добро, „Центарот Мериленд“ беше еден од првите програми за размена на прибор за инјектирање во Велика Британија. Мерсисајд има традиција во пионерство во многу области, па така е и со намалувањето на штети. Центарот Мериленд е уште еден пример за тоа како добрите практики се применуваат на национално и на меѓународно ниво и многу сум горда што некои од колегите со кои работам денес се всушност поранешни пациенти од Центарот Мериленд, и нашите сегашни напори се заеднички насочени кон истата цел – намалување на штети и, во крајна линија, одржување на одредени луѓе во живот.
Воскре: Како започна идејата за намалување на штети?
Шели: Затоа што гледавме како луѓето околу нас умираат поради недостаток од едноставни и евтини работи, кои можеа да се сторат како, на пример, размена на игли. Не беше научна фантастика, туку нешто едноставно што можевме да го сториме за овие луѓе да останат здрави и да се спречи пренесувањето на ХИВ. Програмата всушност претставуваше спроведување на моделот на заштеда – трошевме малку за да заштедиме многу и од економски аспект, но и од аспект на човечки животи и квалитет на живот. Со Програмата ги одржувавме луѓето во живот и им го подобрувавме квалитетот на живеење. Повеќе немаше потреба од ампутација на екстремитети кај дваесетгодишни луѓе или сечење нозе поради тромбози или воспаленија и сл. ХИВ и хепатитис повеќе не се ширеа затоа што луѓето имаа пристап до бесплатен стерилен прибор за инјектирање, а нема начин да се процени вредноста на тоа.
Воскре: Како се развиваше моделот за намалување на штети?
Шели: Една група луѓе, како што често се случува, сакаше да постапи правилно. Тоа беше група луѓе посветена на спасување на своите клиенти, која реши заеднички да се посвети на проблемот и да утврди што треба да се стори, а потоа да ги предизвика властите и да им укаже што треба да сторат следно. Оваа група беше доволно упорна и успеа да го оствари тоа, постигна многу и продолжи да постигнува со иста мерка во оваа област и до ден-денес.
Воскре: Каква беше реакцијата од јавните институции?
Шели: Најпрво им беше тешко зашто се работеше за нешто ново, а сѐ што е ново е отпрвин тешко да се прифати. Затоа не им беше воопшто лесно, но кога дојдоа првите резултати немаше враќање зашто стана повеќе од јасно дека се работи за еден ефикасен метод со кој се спасуваат животи. Во исто време, паралелно со системот за намалување на штети и размена на игли, дојде и првата теренска активност со сексуалните работнички, конкретно жените кои работеа на улица. Во доцните 80-ти од XX век, сè повеќе жени работеа на улица за да можат да купат хероин. Претходно уличните сексуални работници работеа само за да го прехранат семејството. Кога првпат се појави хероинот во градот, се смени и ова. Па така, нашите услуги ги изнесовме на улица за да им помогнеме и на овие жени. И со ова бевме една од првите организации во Обединетото Кралство.
Воскре: Тим, можете ли да ни ја опишете постапката „Грди ликови“?
Тим: Да, Националната постапка „Грди ликови“ (Ugly Mugs) првично била развиена во Австралија, а дури потоа беше воведена во Обединетото Кралство. Во областа Мерсисајд првпат беше воведена најверојатно околу 2006 година, а во 2007 година, поточно на крајот од 2007 година и почетокот на 2008 година, се појави голем интерес за издигнување на проектот на национално ниво. Со други зборови, постојат повеќе од 80 теренски проекти во Обединетото Кралство и сметавме дека би било подобро ако постои размена на информации меѓу овие проекти затоа што нивните клиенти патуваат низ земјата, а и сексуалните работници исто така, и би било добро кога луѓето од едниот крај на земјата кои патуваат на другиот крај би биле свесни за ризиците од опасни луѓе таму. Затоа сметавме дека една ваква Национална програма би била општокорисна не само за сексуалните работници туку и за Полицијата зашто така би добивале информации. Како резултат на поддршката од централните влади и постарите полицајци, и очигледно теренските работници и сексуалните работници, можевме да развиеме национален проект што дејствува од 2008 година.
Таа е можност за луѓето кои се вклучени во сексуалната работа и кои можеби претходно не се чувствувале спремни да истапат со информација до Полицијата, да дадат информации, пред сè на теренските работници, во врска со лица кои тие сметаат дека претставуват ризик по нив. Конкретно ризикот за сексуалните работници може да значи грабеж, физички напад или, пак, сексуален напад.
„Грди ликови“ е, всушност, формулар што содржи многу прашања преку кои сексуалните работници/работнички опишуваат како изгледал напаѓачот, дали имал автомобил, како бил облечен, дали го знаеле од претходно и уште многу други информации со цел да можеме да идентификуваме некој кој би бил ризик и тоа не само за сексуалниот/-ата работник/-чка кој/-а го поднел/-а извештајот, туку и за сите останати сексуални работници со кои тоа лице може да дојде во контакт.
Целта е мрежата на проекти за поддршка на сексуалните работници во Обединетото Кралство, што управува со оваа постапка, да ги искористи информациите дадени во извештајот за помош на Полицијата. Така тие ги предаваат во Полицијата некогаш во оригинална форма, без никакво уредување, а некогаш и уредувани за да не содржат детали за сексуалниот работник кој ги дал податоците со цел Полицијата да не биде во состојба да го/ја идентификува. Значи постојат многу заштитни мерки со кои се гарантира дека дадената информација е токму она што сексуалниот работник сакал да стаса до Полицијата. Но, во Обединетото Кралство, а особено во Ливерпул, се случува сè почесто сексуалните работници да се чувствуваат безбедно во контакт со Полицијата поради партнерскиот начин на кој работиме со теренската служба, Армистед. Така сè повеќе сексуални работници истапуваат со сите свои детали, лични податоци и место на живеење. Дотолку повеќе што во последно време во Мерсисајд партнерството се развива толку добро што извештаите за „Грди ликови“ стануваат сè поретки затоа што жените (сексуалните работници во Ливерпул се најчесто жени) доаѓаат директно во Полицијата наместо во теренската служба. Ова укажува на развиена доверба дека Полицијата сериозно ќе реагира на пријавата. Исто така нашите успешни приказни ги промовираме преку медиумите. На пример, ако имаме некоја силувана жена која ќе пријави во Полицијата и сме во состојба да го доведеме случајот до судска разврска и осуда на силувачот со затвор, одиме во медиумите со приказната и на тој начин им покажуваме на лицата кои инаку би претставувале ризик за сексуалните работници дека постои ризик доколку прават нешто слично, дека полицијата сериозно ќе ги гони и дека можат да завршат во затвор доколку повредат некого.
Воскре: Како реализацијата на моделот за намалување на штети и моделот за поддршка на сексуални работници во Мерсисајд влијаеше врз редефинирање на улогата на Полицијата во општеството?
Шели: Да, мислам дека и двата модела влијаеја врз промена на ставовите на Полицијата и дека сега размислуваат и за корисниците на дрога и за сексуалните работници поинаку, односно повеќе како за жртви. Сега корисниците на дроги не ги гледаат само како корисници, туку се трудат да разберат која е причината за нивното однесување затоа што не се случува човек да се разбуди наутро и да си каже: „од денес ќе почнам да користам хероин зашто тој животен стил изгледа многу привлечно!“ Понекогаш се случуваат работи во животот, проблеми кои ги довеле луѓето до користење на хероин, а тоа е скриената причина што треба да ја откриеме и да им помогнеме на луѓето со таков проблем. Ако им помогнете на луѓето да го решат тој проблем, употребата на дрога речиси секогаш се решава сама од себе. Значи на Полицијата сега ѝ е јасно дека постои начин за ефикасна работа со корисниците на дроги – справување со вистинскиот проблем и причинител, и третирање на употребата на дроги како секундарен проблем. Тоа значи дека веќе не ги третираат како криминалци, како наркомани, и сите други општоприсутни стереотипни ставови. Очигледно и кај сексуалната работа не е многу поразлично. Не се случува да се разбудиш наутро и да си кажеш „ете тоа изгледа како навистина суперживот! Ајде да одам и да се продадам за 10 евра“. Никој не излегува со таков став на улица. Постои некаков проблем што ги донел таму, најчесто зависноста. Затоа и овие две состојби честопати одат заедно – уличното користење дрога е тесно поврзано со сексуалната работа и затоа мораме да ги гледаме овие две работи како едно.
Тим: Па, требаше одредено време затоа што сметам дека ставовите на Полицијата кон сексуалните работници донекаде се традиционално негативни. И, всушност, мислам дека требаше да помине некое време за да се објаснат поволностите од постапката „Грди ликови“ и од работата во партнерство со Армистад, и со другите теренски служби. Конечно сѐ се сведува на тоа колку е полезно за поедините сексуални работници затоа што поради типот на работата тие се најмногу изложени на ризици. Успеавме да ја надминеме резервираноста на полицајците, особено униформираните полицајци, кои се најчесто во контакт со сексуалните работници. Им го објаснивме ризикот кој одредени лица го претставуваат за сексуалните работници, како поединци, но сметам дека од сите наши заеднички напори, со Армистад, сега полицајците кои доаѓаат во директен контакт со сексуалните работнички имаат многу поголемо разбирање и го гледаат овој модел од аспект на јавна безбедност. За нас е најважно населението да биде безбедно и да не дозволуваме да се случуваат убиства или сериозни повреди.
Воскре: Дали Полицијата на Мерсисајд има поголем успех во справувањето со насилство против сексуалните работници во споредба со други градови од Обединетото Кралство?
Тим: Сметам дека имаме многу добар успех, со околу 65–70% осудени од сите обвинети прекршители со дела против сексуални работници, особено кога ќе се земе предвид колку е тешко, историски гледано, а и од мое лично искуство, за еден сексуален работник да учествува во процесот и да дава докази на суд, најмногу поради стигмата со која се соочувала и сѐ уште се соочува оваа група граѓани на некои места. За нив е особено тешко да истапат, но им даваме многу поддршка – имаме независни советници за сексуално насилство кои ги поддржуваат во рамките на заедничкиот тим, а во рамките на нашиот тим за истражување силувања имаме т.н. службеници за контакт при сексуални прекршоци (СКСП), (sexual offence liaison officers (SOLO)), кои им даваат голема поддршка на сите жртви на силување, па и на сексуалните работници, и постои одлична соработка меѓу НССН и СКСП за помош на сексуалните работници со цел да издржат во текот на целиот судски процес. Најважно е сите оштетени да добијат правда затоа што, во крајна линија, тие судски победи не се само за нив, туку за сите. Прекршителите кои ги повредуваат сексуалните работници прават престапи и кон други луѓе, а силувањето не е само поврзано со сексот, туку е поврзано и со моќта и со потчинувањето, и сметам дека е навистина важно што преку поддршката и безбедноста која им ја овозможуваме на сексуалните работници, безбедни се и другите луѓе. Со осудувањето на лица кои претставуваат опасност по сексуалните работници, ја намалуваме опасноста и за другите граѓани на општеството.
Воскре: Ова изгледа како многу успешна пратика.
Зависи од тоа што сметате дека е успех. Сметам дека успехот се неколку работи. Успех е апсење на извршителите на кривични дела против сексуални работници и ако сме во состојба да го завршиме целиот процес и да ги ставиме во затвор, тогаш тоа е позитивен резултат. Но, сметам дека во позитивните резултати треба да ги вклучиме и успешните партнерства и степенот на доверба на сексуалните работници во Полицијата на Мерсисајд затоа што тоа за мене покажува дека сме во добра насока.
Воскре: Дојдовте во Македонија да го претставите моделот пред македонските полицајци. Можете ли да ги споделите вашите впечатоци од обуката? Дали гледате можност овој модел да се прифати и овде?
Шели: Апсолутно сум уверена во тоа според она што го видов деновиве во Македонија. Отпрво очекував дека ќе бидеме лошо пречекани и дека сите ќе се затворат и нема да соработуваат, но едноставно сум инспирирана и уверена од она што се случи изминативе два дена, и од начинот на кој луѓето на семинарот се отворија, дека ќе произлезат одлични работи од оваа активност. Присутните на семинарот беа спремни да одат напред и да ги изградат потребните односи со ХОПС и со заедницата сексуални работници. Сметам дека само добро може да се роди од ова во иднина. Навистина е возбудливо да бидеме дел од почетокот на вашето патување и се радуваме на сè што следува во иднина од овој проект.
Тим: Да, изминативе два дена беа интересни. Досега не сум бил во Македонија, па не знаев што да очекувам, но забележав голема посветеност кај присутните полицајци, кај некои повеќе, кај некои помалку. Сметам дека има голем потенцијал за остварување успешни партнерства, покрај постојните. Исто така сметам дека можат да увидат, а и од денешната завршна сесија беше очигледно, дека им се јасни бенефициите од постапката „Грди ликови“ затоа што преку неа Полицијата добива дополнителни информации за ризиците на кои се изложени некои лица, без притоа тоа да чини многу. Јасно ми е дека ресурсите речиси секогаш се проблем, но оваа иницијатива, постапката „Грди ликови“, ѝ овозможува на Полицијата да дознае за ризиците на кои одредени лица ги изложуваат сексуалните работници и останатото население. По разговорите со присутните за време на кафе-паузата ми стана јасно дека постои голем ентузијазам за иницијативата и се надевам дека ќе се развива понатаму.
Разговорот го водеше: Воскре Наумоска Илиева