Разговорот го водеше Ивица Цековски
Употребата на супстанции како начин да се поттикнат енергијата и самодовербата е присутна со векови. Сепак, во текот на последниве неколку декади се зголеми употребата на познати и нови супстанции за време на музички настани или други густо посетувани места, но исто така се зголеми и чистотата на овие супстанции. Кои ризици се поврзуваат со ова и како можеме да одговориме на нив?
И. М.: Во рекреактивни околности се употребува прилично големо количество на алкохол и на дроги. Доколку зборуваме за употребата на психоактивни супстанции во околности поврзани со ноќниот живот, алкохолот и дрогите главно се користат како социјален лубрикант со цел да се засилат искуствата и/или пак за да се издржи подолг период на време.
Токму затоа ноќниот живот е важна област во која треба да се спроведат стратегии за превенција и намалување на штети затоа што употребата на алкохолот и на дрогите оди рака под рака со акутни здравствени и безбедносни ризици. Во краткорочните ризици се вбројуваат акутни здравствени проблеми, вандализам, насилство, непријатни ситуации, непосакувано сексуално однесување или пак однесување за кое подоцна жалиме, управување со возило под дејство на алкохол или дрога, како и социјални и безбедносни проблеми, на пример продажба на дрога. Долгорочната употреба може да предизвика индивидуални проблеми, на пример со здравјето, ризик од зависности, попречување на социјално-емотивниот развој. Со појавата на новите психоактивни супстанции во последниве години, во краткорочните ризици исто така се вбројува и смртта. Поради ова спроведувањето на програмите во рамките на околности во кои се одржуваат забави со цел да се информираат потенцијалните корисници за ризиците е од суштинско значење во денешнава култура на ноќен живот.
Загриженоста поврзана со употребата на комбинирани дроги и алкохол од страна на младите луѓе во ноќниот живот го поттикна развојот на стратегии насочени кон измена на социјалната, економската и физичката средина поврзана со употребата на алкохол и на дрога, стратегии што целат кон: измена на однесувањата и нормите поврзани со употреба; создавање неповолни услови за интоксикација; и намалување на можностите за појава на проблеми поврзани со алкохол и со дрога. Во време кога се јавуваат нови психоактивни супстанции, тестирањето на дрогите (drug checking) претставува стратегија за намалување на штетите со која може да се спречат краткорочните ефекти и можните исходи како што е предозирање.
Тестирањето на дрогите за првпат се појави во почетокот на 90-тите години на минатиот век при што денес ваквите услуги вклучуваат од брзо откривање на основните состојки на лице место до детална и прецизна идентификација и квантификација на сите состојки во даден примерок. Кои се практичните предности и недостатоци на секој од овие различни пристапи? Исто така не сакаме премногу да навлегуваме во техничките аспекти, но кои техники се применуваат при мобилното и стационарното тестирање на дрогите?
По несреќните настани што се случија во 2018 година, кога 5 млади луѓе го загубија животот во различни околности поврзани со клупската сцена или музичките фестивали во земјата, се јави голема потреба од сервиси за тестирање на дрогите во Србија. Поради ова НВО Ре генерација спроведе опширно истражување на видовите тестирања на дроги со цел да се откријат достапните опции и да бидеме подготвени да ја одбереме најсоодветната опција за нашата земја кога ќе го добиеме конечното одобрение од властите за имплементација на овие интервенции.
Предностите и недостатоците се разликуваат во зависност од видот на сервисите за тестирање на дроги. Врз основа на достапните финансии, применуваните техники варираат од мобилни видови кои вообичаено се засноваат на тестирање со реагенси, односно најевтината опција, но исто така и најнепрецизната, потоа колориметрични реагенси кои исто така не се скапи, но се непрецизни, или пак стационарен вид на тестирање како што е на пример гасна хроматографија (ГХ) спарена со масена спектрометрија (ГХ/МС), ГХ спарена со масена спектрометрија спарена со масена спектрометрија (ГХ/МС/МС) или пак ГХ спарена со квантитативна „време на прелетување“ (time-of-flight) масена спектрометрија (ГХ/КВнП/МС) (скап, но и многу прецизен метод). Одредени организации во Европа отидоа чекор понапред со дизајнирање на мобилни лаборатории за да се понудат најпрецизни и точни информации за супстанциите на корисниците каде што се наоѓаат самите корисници – на забави и на фестивали. Кога се работи за Србија и за другите земји од Западен Балкан, сè уште не постои законска рамка за тестирање на дрогите. Обидите за промена на законите со цел да се олесни и да се дозволи услуга од ваков вид не беа успешни, што не значи дека не можеме да ги едуцираме корисниците како да бидат безбедни и самите да користат достапни алатки како што е тестирање со реагенси за подобро да се информираат во поглед на супстанциите што планираат да ги користат.
Зошто е важно луѓето да знаат каков вид супстанции употребуваат и во каква доза, и дали може само таа информација да придонесе до однесување со кое ќе се намали или минимизира ризикот од рекреативната употреба на дрога?
Кога зборуваме за намалување на штети се мисли и на воведување на едукации за употребата на супстанции. Тестирањето на дроги значи споделување на информации за содржината на супстанцијата и може да влијае на одлуката дали да се користи одредена супстанција, односно да не се користи. Сервисите за тестирање на дрогите се структурирани за три основни цели: да се спречи употребата на особено опасно супстанции, да се пренесе порака за безбедна употреба и да се подобри фактичкото знаење на корисниците за супстанциите и ризиците кои потекнуваат од употребата на супстанции. Овие информации може да го намалат ризикот од употреба на несакани или животозагрозувачки супстанции и ќе придонесе лицата да размислат дали ќе употребат одредена дрога кога ги знаат можните ризици.
Наодите на сервисите за тестирање на дрогите исто така може да се искористат за предупредување на потенцијалните корисници. Како функционира овој систем и која е неговата цел?
Сервисите за тестирање на дрогите преку кои се нуди тестирање на локациите каде што се одржуваат забавите или музичките фестивали нудат информации за опасните супстанции, собираат податоци за супстанциите на пазарот на дрога од долгорочен аспект и можат да придонесат при осмислување на систем за предупредување од нови, неочекувани или многу опасни трендови на дроги и нивна употреба. Претпоставувам во секој сервис постојат процедури за работа на терен, но на повисоко ниво сите информации собрани во Европа се добиваат преку Системот за навремено предупредување за нови психоактивни супстанции опериран од страна на Европскиот центар за мониторинг на дроги и зависности од дроги и Европол кој игра голема улога при поддршката на национално и ЕУ-ниво за подготвеност и реакција за новите психоактивни супстанции (НПС).
Одредени лица тврдат дека со сервисите за тестирање на дрогите, особено оние на терен, на корисниците на дроги им се дава погрешно чувство на сигурност и дека продавачите можат да ги злоупотребуваат нив. Што може да се направи во оваа насока?
Постои широка дискусија за предностите и недостатоците на сервисите за тестирање на дрогите. Според истражувањата, овие сервиси имаат влијание на шемите на нелегалниот пазар, особено кога продуктот јавно се идентификува како опасен. Исто така се става притисок на произведувачите да престанат да користат адултеранти во дрогите со што се спречуваат штетите, па дури и животозагрозувачкото влијание. Истражувањата исто така покажаа дека тестирањето влијае и на однесувањето на корисниците бидејќи повеќето од нив одлучуваат да не ги користат откако ќе добијат резултати што не ги очекувале при што ги предупредуваат и пријателите. Бидејќи пристапот на нула толеранција се покажа како неуспешен, сервисите за тестирање на дроги, покрај резултатите од самото тестирање, нудат и можност да се понудат поддршка и информации. Со тестирањето на дрогите се добиваат и долгорочни податоци за супстанциите на пазарот на дроги, со што се создава систем за потенцијално предупредување против нови, неочекувани или многу опасни трендови на дроги и нивна употреба што е, секако ќе се согласите, подобро од собирањето податоци за НПС единствено кога некој ќе го изгуби животот или ќе заврши во болница. Податоците од терен за трендовите на употреба на супстанции и за самите супстанции се погодни за креирање на други сервиси и поефикасен одговор на употребата на супстанции засновани на докази и на потребите на луѓето за разлика од неефективната политика на нула толеранција и репресивните мерки во реалноста, за жал, барем во Србија.
Спротивставувањето против сервисите за тестирање на дроги се заснова на фактот дека тестовите на терен имаат ограничен капацитет за прецизно откривање на штетните супстанции и дека сервисите можеби испраќаат контрадикторна порака за ризиците поврзани со употреба и поседување на контролирани супстанции. Опремата за тестирање со реагенси најчесто се критикува поради големата ограниченост во супстанциите што можат да се откријат бидејќи не е веројатно дека тестовите ќе откријат контаминанти или други токсични соединенија во пилулите и со нив не може да се тестира концентрацијата и високите дози на МДМА и на метамфетамин кои често се фатални самите по себе. Сепак, и покрај ограничувањата, со нив може да се понуди решение при спречувањето на непотребни смртни случаи, а во комбинација со други стратегии, како што е образование за дроги, употребата на дроги може да биде побезбедна за лицата кои ќе се воздржат од ризично однесување.
Идејата дека употребата на дроги ќе продолжи и покрај законските обиди да се ограничи нивната достапност сѐ повеќе добива на тежина на меѓународно ниво. Во одредени земји резултираше со усвојување на попрагматични политики за дроги, меѓу другото, преку специјализирани сервиси за намалување на штети, вклучително и тестирање на дроги. Ваквиот светоглед е сосема спротивен на скапата и сѐ повеќе докажано неефективна криминализација и гонење поврзани со таканаречената „војна против дрогата“ која се одвиваше во втората половина на 20 век. Што би им препорачале на активистите во земјите каде што личната употреба на дрога сè уште е криминализирана со закон или во пракса?
Не престанувајте со борбата сервисите да станат покорисни за безбедноста на корисниците, без разлика дали употребата или дрогите се криминализирани или не. Отворена дискусија со главните актери е неопходна за промена на законите, протоколите и праксите поврзани со употребата на дрога при што веќе се менуваат трендовите. Како активисти и работници за намалување на штети вие ги имате податоците за случувањата на терен со што сте чекор пред рестриктивните мерки за кои знаеме дека не функционираат. Не е лесно да се најде вистинскиот пристап за дискусија со носителите на одлуки и другите актери, но верувам дека е единствениот начин за систематски промени кои ќе резултираат со поопфатни пристапи засновани на докази кон употребата на дрога, со сервиси како што се намалување на штети и тестирање на дроги со кои, всушност, можат да се спасат човечки животи.
Ирена Молнар дипломирала на катедрата за Социјална антропологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград. Како антрополог работи на неколку истражувања во регионот на Југоисточна Европа на настани за електронска музика поврзани со културата, со идентитетите и во последно време со употребата на супстанции. Заинтересирана е за општествените аспекти на употребата на супстанции што придонесе до професионална кариера и ангажман во политиките за дроги и нивната реформа. Со текот на годините учествува во проекти за ранливоста на заедници како што се ромската или младите изложени на ризик и се занимава со застапување за имплементација на теренски програми за ноќниот живот во Србија и во регионот. Коосновач е на НВО Ре генерација каде што од неодамна ја врши функцијата на извршен директор, откако 7 години работеше како програмски директор. Работи и со видео застапување и се интересира за истражувања поврзани со новите начини на едукација и сензитивизација на општеството за психоактивни супстанции и употреба. Благодарение на ангажманот во политиките за дроги и намалувањето на штети имала можност да работи во повеќе организации на национално и меѓународно ниво, каде што се стекнува со искуство во работата со млади изложени на ризик во регионот на Западен Балкан.