Дејвид Стјуарт е државен социјален работник, писател, истражувач и активист за сексуално здравје и за ХИВ. Дејвид е познат по својата меѓународна работа и активизам за кемсекс (chemsex) со придонес во развојот на првите одговори во јавното здравје и заедницата за епидемија која диспропроционално ги засегна животите на геј, бисексуалните и квир мажите во светот. Неговата работа е прикажана во документарецот од 2015 година со наслов „Кемсекс“ (Chemsex) снимен од Вајс ОК (Vice UK), а исто така е еден од основачите на Европскиот форум за кемсекс.
Интервјуто со Дејвид Стјуарт го водеше Стефан Богески.
Сексот под влијание на алкохол или дроги за забава е честа и вообичаена појава. Вие ја смисливте кованицата кемсекс (chemsex), па дали можете на нашите читатели да им објасните како се разликува кемсексот од претходно споменатото однесување?
Кемсекс како збор не значи употреба на алкохол или дроги за забава при секс. Кемсекс е име на движењето за културниот геј-феномен со епидемично и диспропорционално влијание врз геј-мажите и заедниците во светот. Самото ужување во хомосексот може да биде комплицирано како резултат на интернализираните општествени, културни, религиозни или морални стандарди; епидемијата на СИДА исто така остави длабокa културна трага на уживањето во геј-сексот и врските. Замислете си дека сте геј-маж и се обидувате да уживате во сексот додека над вас бдее ангелот на смртта, СИДА; или пак група хипер мажествени училишни насилници кои ве критикуваат од заглавјето на кревотот или пак хомофобичен чичко згрозен од сексот.
Дрогите што се користат при секс (chems) (поточно кристален метамфетамин, катинони и ГХБ/ГБЛ) се нормализирани и широко достапни благодарение на геј-културата на спојување и апликациите како што е Гриндр. Ја заменија потребата од дилери и вистинските социјални мрежи каде што претходно се бараше дрога, и се одговорни за нанесување на страшна штета врз здравјето и животот на илјадници геј-мажи во светот; во Лондон секој месец умира по еден геј-маж при обична потрага по секс и врски без инхибиции кои често се карактеристични за геј-сексот.
Терминот кемсекс може лесно да се помеша со употребата на термин што означува користење дроги или алкохол при секс од страна на секоја популација, што би претставувало вознемирувачка културна апропријација; кемсекс е типично модерно геј културно прашање, движење што означува феномен, критичен и смртоносен за премногу геј-животи.
Бидејќи мобилните апликации и дрогите за ослободување од сексуалните инхибиции се поврзуваат со чувството на срам во геј-сексот и претставуваат механизми за справување од тој аспект, што би советувале, кој е најмалку штетен начин за практикување на таквото однесување?
Доколку дрогите и мобилните апликации претставуваат механизам за справување со некаков срам поврзан со геј-сексот, тогаш најдобриот начин да се намалат штетите би било изнаоѓање начин како да се справиме со тој срам. Тоа изискува значително помало ниво на хомофобија во општеството, родители пресреќни од веста дека нивниот син е геј (наспроти многу почестата алтернатива); можеби налага нашите татковци да почнат да го сфаќаат геј-сексот како радосен, пријатен и исполнет со љубов наместо да гледаат на него како одвратен чин; можеби и налага сексуално образование во училиштата насочено кон геј-врските и поинакво толкување на религијата во нашиот живот според која геј-сексот е гнасен. Во секој случај неопходна е дестигматизација на ХИВ и на СИДА, и лекување на траумите, но и на влијанието на ХИВ-/СИДА-епидемијата врз геј-заедниците и геј-сексот.
Сепак сè дури тоа не се случи ќе мора да се потпреме на веќе воспоставените програми за намалување на штети со чија помош се шират информации за дрогите што се користат при секс (chems). Тие се поштетни од познатите дроги што се користат за забави (екстази, кокаин, МДМА) и безбедното справување со нив налага поспецифични и прецизни вештини. Достапна опрема и информации за намалување на штети; но не само информации за самите дроги, туку намалување на штети во поглед на онлајн однесување, намалување на штети во средините во кои се практикува кемсексот и намалување на штети од аспект на геј-сексот. Сервисите за поддршка за дроги и интернет-ресурсите мора да бидат опремени со знаење и со информации за да понудат поддршка на клиенти од различни култури.
Со оглед на Вашето искуство кое потекнува од директната работа со заедницата и блискиот однос, можете ли да ни кажете какво физичко, ментално и емотивно влијание има кемсексот? Дали се согласувате дека се работи за сериозно прашање по јавното здравје во Европа и, доколку е така, како треба да се соочиме со него?
Да, се работи за сериозно прашање по јавното здравје, но и за сериозно прашање за геј-заедницата. Иако многумина уживаат во кемсекс без притоа да искусат сериозни штети или последици, кемсексот се поврзува со најчестите проблеми во јавното здравје; и со лични искуства што вознемируваат, па дури и опустошуваат. Психозата предизвикана од дрогите за повеќето е нормален дел од кемсексот, а се манифестира како параноја, опасност или чувство дека некој ве прогонува. Прекумерното дозирање со ГХБ е многу често, додека кај повеќето се јавува психолошка или физичка зависност од дрогите за што се неопходни итни интервенции и поддршка. Многумина повеќе не можат да уживаат во трезвениот секс или пак се оддалечуваат од несексуални активности или врски. Когнитивното оштетување предизвикано од честата употреба влијае на меморијата и на концентрацијата што, пак, од друга страна влијае на нормалниот живот и функционирање на работа.
Неопходна е соодветна културна компетентност и голема сензитивност и добродушност при соочувањето со прашањето за сексот со употреба на дроги. За неупатените овие луѓе може да наликуваат на група алчни хедонисти, геј-мажи со голем сексуален апетит и со себично, попалено и промискуитетно однесување; но, сепак, не е толку едноставно бидејќи отворањето на ефикасни и културно компетентни сервиси за поддршка може да биде попречено од моралните, религиозните или културните стигми за сексот, или за задоволството, или за дрогите, или за менталното здравје. За развојот на ефективни сервиси кои ќе нудат поддршка за кемсекс е неопходно подобро да се разбере модерната култура на геј-сексот; културата на интернет-запознавања; да се сфати влијанието на епидемијата на СИДА врз геј-сексот. Но, исто така мора да се адресира и во рамките на самата геј-култура и заедница; не треба само да се препушти на сервисите за јавно здравје. Мора да се отворат искрени разговори и дијалог во рамките на нашите геј-заедници за кемсексот, што претставува тој и како да живееме среќен и исполнет сексуален и романтичен живот во сенката на модерната технологија и другите геј културни феномени.
Дали луѓето кои практикуваат кемсекс се геј-мажи од сите профили или пак постои одредено однесување типично за одредена социјална геј-сцена поврзана со кемсексот? Можете ли да ни кажете нешто повеќе за овие социјални каписли?
Кемсексот се практикува од најразлични причини. Може да се работи за стабилна, за среќна личност која ужива во користењето на дрогите што се употребуваат при секс. Можеби ќе се стекне со неопходните вештини за да ги употребува без потенцијални штети, но можеби и нема. Понекогаш причината е срамот што се поврзува со геј-фантазиите или влијанието на културните, на религиозните стигми што го попречуваат уживањето во геј-сексот. Можеби се работи за некој кој се бори со ХИВ-дијагноза и стигмата нанесена преку интернет во врска со неа. Можеби лицето е незадоволно од сопственото тело и се чувствува непривлечно во кревет. Или пак во прашање е навика со одредена екстремна порнографска заднина што можеби во тинејџерските години довела до идентификување на возбудата со одредена допаминска стимулација. Понекогаш е страв од зараза со ХИВ. Или пак сексуално искуство во младоста или проблематично раскинување на врска. Или пак долгогодишно и сурово одбивање на Гриндр. Или пак постојана расна објектификација или камп посрамотување од страна на љубовниците или на заедницата.
Може да се работи за различни прашања поврзани со менталното здравје.
Понекогаш едноставно се работи за лоша благосостојба на лицето таа година.
Единствено знаеме дека геј-мажите употребуваат одредени дроги при секс во диспропорционално голема бројка и дека повеќето продолжуваат и покрај сериозните последици по нивниот живот, по нивното и здравје и по нивните врски. Неопходно е подобро да се разберат причините и мотивацијата (како и решенијата).
Во која насока ќе се движи трендот со кемсексот во Европа во иднина? Кои прашања во врска со ваквото практикување имаат приоритет со цел да се подигне свеста и да им се помогне на засегнатите лица?
Со оглед на тоа дека ја следам епидемиологијата на кемсексот во последниве две декади можам да претпоставам дека ќе продолжи да се развива. Општествените прашања кои придонесуваат до стигматизација, инхибиција и оспорување на геј-сексот сепак опстојуваат и премногу геј-мажи бараат ослободување од тие инхибиции токму преку дрогите што се користат при кемсекс.
Достапноста и ширењето на културно компетентни информации за намалување на штетите, како и развојот на културно прилагодени сервиси за поддршка се приоритетни. Дополнително, неопходно е геј-заедниците храбро да го отвори дијалогот за нашето онлајн однесување (апликации за спојување), интеркултурната и племенската култура на посрамотување, како и разговори за непријатната, но неопходна тема за улогата на сексот во нашите култури, заедници и сцени.
Конечниот спас за кемсексот секако лежи во глобален пресврт на општествената хомофобија што придонесува кон геј посрамотувањето и кон инхибицијата на геј-сексот и геј-сексуалното задоволство. Тоа е клучно. Токму затоа, и покрај одличните и ефективни сервиси за поддршка за кемсекс, кемсексот ќе опстои како проблем во нашата заедница и ќе продолжи да зазема поголеми размери во иднина.
Автор
Стефан Богоески