На 19.03.2019 година во организација на Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Прилеп, се одржа тркалезна маса на тема „Институционална поддршка и сензибилизација на локалното население за Програмите за превенција од ХИВ“.
Модератор и аниматор на тркалезната маса беше нашиот Извршен директор, Христијан Јанкулоски, кој воедно е делегат во Бордот на директори на Глобален Фонд за борба против ХИВ, ТБЦ и Маларија. Христијан зборуваше за важноста, оправданоста (економска, социјална, индивидуална) потребата од егзистирањето на овие програми, на светско и локално ниво. Како и за најновите искуства, сознанија и практични примени, посебно со градот Скопје поврзани со проблемот на ХИВ и зависности. Весна Илиевска Утевска, Проектна координаторка во НВО ХЕРА, зборуваше за ХИВ, потребата од едукација, новите начини на лекување, дестигматизација, новите третмани на лекување на ХИВ во Р.Македонија.
Претставниците на локалните институции инволвирани во оваа проблематика зборуваа секој од свој аспект поврзан со проблемот на ХИВ и зависности, ги координираа и компарираа своите искуства и сознанија во рамките на меѓусебната соработка. Присуствуваа лица од образовни институции, Центар за јавно здравје, Итна медицинска помош, приватни здравствени установи, од Локалната самоуправа Прилеп, Центар за социјална работа, Здравствен дом Прилеп, бизнис сектор.
Учесниците на тркалезната маса се согласија за неопходноста од работење на полето на превенцијата од ХИВ и зависности, бидејќи генерално гледано во овие 20 тина години на локален план состојбата е малку променета, затоа присутните изразија расположеност за заедничко делување во следниве области:
- Основање на координативно тело на локално ниво за превенција од ХИВ и зависности
- Децентрализација на надлежностите и унапредување на соработката со локалните власти за соодветно справување со потребите на локалното ниво за оваа проблематика
- Да се отвори Центар за лекување на зависности во општина Прилеп
- Зајакнување на меѓусекторската координација, вклучително и граѓанскиот сектор во меѓуресорски комисии, совети и тела на локално ниво, иницијатива на Локалната самоуправа Прилеп
- Искористување на активни мерки за вработување (од Агенција за вработување) на маргинализираните групи, особено лица кои употребуваат дроги, со цел ресоцијализација, реинтеграција и подобрен квалитет на живот и намалување на сиромаштија
- Системска достапност на едукации за превенција кај младите и нивните семејства, како и за сеопфатно сексуално образование
- Присуство на локални и национални медиуми во десензитивизацијата и едукацијата на населението со темите на зависност и ХИВ.