Министерот за образование донесе сет на мерки со кои се обезбедува непречено функционирање на воспитно образованиот процес во овие вонредни услови.
Имено сите ученици кои се вклучени во воспитно-образовниот процес до крајот на оваа учебна година односно до 10ти јуни наставата ќе ја следат од дома. И покрај тоа што учениците нема да се вратат во училишните клупи сепак имаат задолжение и понатаму да ги исполнуваат своите училишни обврски преку така нареченото далечинско учење.
Уписот на првачиња оваа година ќе се одвива во месец јуни. Родителите и старателите на децата треба да ја соберат потребната документација односно да обезбедат потврда за задолжителни примени вакцини, потврда од стоматолог и офталмолог од надлежни здраствени установи. Списокот на запишани ученици, училиштата ќе ги објават најдоцна до 15ти јули.
Што се однесува на учениците од завршните години во средните училишта, тие се ослободуваат од полагање на државна матура, училишна матура и завршен испит во учебната 2019/2020 година. Ова важи и за кандидатите кои полагањето го започнале во некоја од изминатите години но не успеале и се пријавиле за повтроно полагање оваа учебна година. Сите ученици од завршните години ќе добијат дипломи кои ќе бидат со важност како дипломите издадени во изминатите учебни години.
Продолжува и реализацијата на сите останати права во областа на образованието односно исплатата на парични надоместоци по основ на стекната стипендија, некој од еднократните парични надоместоци како финансирање на објави на научни трудови и слично.