Трета година по ред, како тимот на ХОПС беше дел од Д-фестивал, кој традиционално се одржува во Дојран од 12-14 јули. Oваа година бевме присутни со креативниот тим, социјални работници, психолог, правник, психијатар. Можеме да се пофалиме дека секој од нив имаше многу работа.
Мисијата на ХОПС е промоција, почитување и заштита на човековите права и слободи заради унапредување на здравјето и социо-економскиот статус на сите луѓе, а особено на корисниците на дроги, сексуалните работници и други маргинализирани заедници преку намалување на штетите, преку еднаков пристап до сервиси и услуги, зајакнување на заедницата и подигнување на капацитетите, и можеме да кажеме мисијата беше успешно претставена пред претежно младата популација присутна на фестивалот.
Овогодинешното искуство беше поинакво, а интересот кој што го покажаа посетителите на фестивалот беше на завидно ниво. На овој фестивал ХОПС имаше свое препознатливо катче (мобилна просторна инсталација) благодарение на Цивика Мобилитас, кое беше наменето за извршување на следниве активности под наслов “Дроги и музички фестивали”:
- Се што треба да споделиш – разговор со психолог
- Дрогите зборуваат – претставување на табела – водич за намалување на штети од комбинирање на дроги и краток разговор со правник за правата при средба со полиција
- (Ре)Употреби го умот – креативно изразување, изработување а маски и останати рачно израбоки од пластични шишиња и друг вид на отпад на фестивалот
- Канабис како потенцијал за лечење на анксиозност – кратко обраќање од психијатар
Ова фестивалско издание беше со најголем успех и потврда дека вакви рекреативно – едукативни настани се многу повеќе од потребни на терен. Сите активности кои беа спроведени од ХОПС беа проследени со голем интерес од посетителите на фестивалот кои прашуваа најразлични прашања како што беа: “Што е Мескалин?”, “Што е Нитро”, “Што се рестриктивни мерки?”, “Што се намалување на штети и како функционираат?” и слични.
Импресии од тимот на ХОПС:
Благородна: “За мене ова беше трето учество на овој фестивал и можам да кажам дека овој пат се беше поинакво. Само пофалби за целата енергија. Она што сакам да го нагласам како потреба од заклучоците со кои се стекнав е дека младината е иднината и дека отварањето кон новите сцени е неопходно.”
Томе: “Сметам дека оваа година се надминавме себеси, сите очекувања ги надминавме и самите бевме изненадени колку добро ова функционира и сметам дека треба да продолжиме во оваа насока, бидејќи е убаво и корисно и ЧУВСТВОТО Е НЕЗАМЕНЛИВО!”
Богдан: “Оваа година констатирам дека нашата организација преку зголемениот број на реализирани активности и содржини допринесе до најголема видливост и заинтересираност кајј младите досега. Континуирано доаѓаа да го посетуваат катчето на ХОПС и да бараат корисни информации. Имав можност да ја водам информативната сесија насловена “Употреба на психоактивни супстанци на музички фестивали” и имаше околу 40 млади кои беа доста активни.”
Деспина: “Позитивен впечаток, како за нашето претставување, така и за шаторот на психологот. Она што ме фасцинираше е интересот кој што младите го покажуваат за разговор со психолог, желбата да работат на себе и активно да се вклучени во изградбата на својата личност.”
Ирина: “Она што го заклучив од овогодинешниот Д-фестивал е тоа дека се развиваме и напредуваме. Имам позитивнен впечаток од фестивалот и од нашите активности.”
Маргарита: “Се согласувам со моите колеги. Оваа година ми беше прво уество на фестивалот и можам да заклучам дека се беше одлично организирано и реализирано од наша страна. На сесијата за “Права при контакт со полиција” имаше интерес и посетеност од младите кои исто така учествуваа и со прашања. Ова покажа дека има интерес кај младите за оваа тема и сметам дека би требало вака да продолжиме.”
Дарко: “Чувствата ми беа микс на среќност како кога гледаш Чехословачки цртан филм и ја читаш Робинзо Крусо. Сите беа детски среќни.”
Благодарност за поканата на организаторите на овој фестивал, како и за пружената можност за доживување на едно поинакво искуство и за новите познанства, кои се надеваме дека ќе траат. Благодариме и на оние кои активно учествуваа во нашите активности и не направија среќни за тоа дека успеавме да им ја пренесеме пораката за дрогите и намалувањето на штети од употреба на истите.
До следното видување!