Во март 2017 година ХОПС – Опции за здрав живот Скопје имаше чест да биде домаќин на проекцијата на документарниот филм Играј безбедно (Play safe), проследена со дискусија на тема намалување на штети од употреба на дроги, предводена од авторот на филмот, Еди Еинбиндер. Тој стои и зад насловот на книгата Како да се забавуваш, а да не умреш (How to Have Fun and Not Die).
Од 2008 година Еди започнува со презентирање на стратегиите за намалување на штети и заштита од предозирање со дроги во повеќе од 200 институции и на конференции низ целиот свет. Тој држи предавања на врвни универзитети, во средните училишта, пред бездомници, во младински клиники.
Еди во своите предавања го вклучува и документарецот Играј безбедно (Play safe) каде што на реален, на шокантен и на едукативен начин ѝ пренесува знаење на јавноста за политиките и практиките за намалување на штети. Ликовите прикажани во документарецот се обидуваат да ги преземат сите неопходни мерки на претпазливост при користење на нивниот избор на дроги како: адерал, кокаин, ДМТ, хероин, кетамин, ЛСД, марихуана, алкохол, цигари, пури, МДМА, метамфетамин, печурки, азотен оксид, окситоцин и салвија.
На почеток, кажете ми што Ве мотивираше да работите со луѓе кои користат дроги?
Младите кои користат дроги отсекогаш биле и остануваат популација со која најмногу се идентификувам. Уште од десетгодишна возраст, на еден или на друг начин, ме фрустрираше недостигот на здравствено образование, контрапродуктивните политики за дроги и општествената стигма за употребата на дрога. Израснав во семејство на специјалисти по ментално здравје и речиси цел живот читам или формално ја проучувам оваа област. Како резултат на моето минато, како и личното искуство, работам најмногу со млади кои користат дроги, и тоа со прекумерни дози, и превенција на болести во моите филмови и текстови до психотерапија за намалување на штети и теренска обука во Центарот за оптимален живот во Њујорк.
Одржувате предавања на различни универзитети на теми поврзани со намалување на штети, па дали можете да ни кажете од лично искуство како се прифатени политиките за намалување на штети во високото образование во САД?
Би рекол дека 95 % од реакциите на студентите во универзитетите што сум ги посетил се позитивни. Сметаат дека ова е вистинскиот начин за решавање на проблемот со дроги. Доколку научиме повеќе ќе помогнеме да се намалат опасностите поврзани со дрогите како резултат на криминализацијата, недостигот на законска регулатива, недостигот на образование, на третман и на поддршка.
Што се однесува до перцепцијата на високообразовните институции каде што студираат младите, тоа е сосема поинаква приказна. Знам дека индивидуалните лица вработени во универзитетската администрација не се лоши луѓе, веројатно дури и се согласуваат со нас, но сепак имаат обврска да дејствуваат како што им налага работата, нивната посветеност на институцијата и, во многу случаи, како што дознав во личната комуникација со разните оддели, знам дека универзитетите функционираат како приватен бизнис и дека парите и репутацијата често се поголем приоритет од физичкото и менталното здравје на нивните студенти. Повеќето политики на приватните институции, како и на државите во САД се контрапродуктивни кон намалувањето на штетите предизвикани од употреба на дрога.
Во универзитетските кампуси не постои политика на милосрдност. Тоа ги одвраќа студентите да ги однесат пријателите во болница кога се под дејство на алкохол или на дрога. Дисциплинските комисии често повеќе се фокусираат на казната отколку на поддршката. Се организира бесплатен превоз за студентите од библиотеките до студентските домовите, но не и од баровите до домовите. Ги губат студентските кредити и стипендии поради разни прекршоци. Со правилата всушност сѐ уште студентите се заплашуваат да не употребуваат дрога наместо да се прифати реалноста дека одреден број студенти ќе користат дрога и дека е неопходно да се понуди поддршка за да преживеат и да успеат поголем број од нив.
Во одредени случаи директно ми беше соопштено дека универзитетот не смее да си дозволи да ја поддржи мојата програма за едукација за дроги затоа што тоа значи дека постои проблем со употребата на дроги на кампусот. Токму универзитетите кои покажуваат најголема загриженост за таквата стигматизирачка претстава всушност имаат најголем проблем со дрогата на кампусот, иронично, најчесто во поглед на понудата на искрени информации за спречување на прекумерно дозирање и рушење на табуто за дискусиите за овие теми.
Зошто се решивте да го промовирате филмот на европска турнеја и какви беа реакциите на публиката? [И дали би можеле да ги споредите со реакциите на македонската публика?]
Заедно со Јан Стола зборувавме за можна турнеја низ Европа по проекциите во Варшава и во Вилнус во 2013 година. Присуствував на Националната конференција за спречување на штети. Сакам да изразам голема благодарност до Јан, Ајша Мијан, Ирена Молнар и нивните колеги во ЈОДА: Младинска организација во акција за дрогизатоа што беа мои домаќини и ја координираа турнејата.
Би патувал каде и да ме поканат во светот со цел да бидам дел од продуктивна дискусија на слични теми. Се надевам дека ќе продолжам да патувам, во Канада следниот месец, а можеби и на турнеја низ Јужна Америка и посета на Акра, Гана во следните 18 месеци.
Може да се научи многу од различните култури, од начините на употреба, од законите и од перцепцијата за дрогата во светот. Културниот јаз стана очигледен при првата проекција на турнејата во Антверпен, најмногу за употребата на алкохол од страна на младите. Епизодата за алкохолот провоцираше просветителна дискусија за разликите во употребата и потенцијалните причини зошто е така, од Америка до различни делови на Европа. Веќе подолго време мислам дека строгите закони и екстремните ставови во врска со алкохолот во Америка предизвикаа драматична злоупотреба и опасност.
Менталитетот на младите во Америка во врска со употребата на алкохол е сѐ или ништо, додека во Европа првите средби со алкохолот се случуваат во одговорна средина, од страна на луѓе кои се грижат за нив. Здравствените професионалци не можеа да поверуваат дека епизодата за алкохолот претставува всушност типична сцена на сите универзитети. Секако, не би требало да се генерализира. Во секоја земја што ја посетив постојат разлики, варира и типот на популација присутна во публиката, што понекогаш не е поврзано со тоа каде се наоѓаме. Во Варшава најмногу разговарав со студенти по медицина, но кои претежно студираат во странство. Во Белград публиката беше сочинета од неколку студенти по медицина и голем број луѓе од уметничката и сцената на дроги.
Овде, во Скопје, ми беше задоволство да се запознам со интелигентниот и отворен персонал на ХОПС. Нивното присуство дефинитивно придонесе да се продлабочи дискусијата за видовите третмани за употреба на дрога во светот. Научив дека покрај употребата на опијати и бензодијазепини, во Македонија употребата на други видови дроги ретко се смета за проблематична и не претставува актуелно општествено прашање. Дека всушност не постои третман за луѓето кои користат спид или марихуана, на пример.
Така ми стана јасно зошто дел од публиката реагираше за време на проекцијата на епизодата за кокаинот, кога гласно ги осудија луѓето кои користат кокаин дека всушност немаат реален проблем, односно дека не користат дроги. Во Њујорк, како и насекаде во САД, секако постојат корисници на дрога кои го осудуваат изборот на дрога на другите, но кога ги увидов ваквите ставови за време на проекцијата ова прашање стана позначајно за мене. Мислам дека работата со моделот на психотерапија за намалување на штети со групи помага членовите на групата полесно да се поврзат еден со друг, без оглед на видот дрога што го користат.
Промоцијата на проекцијата што ја направи ХОПС придонесе да се постигне поразлична публика од повеќето места што ги имам посетено. Ми беше мило да видам една мешавина од пациенти, од родители, од политичари и од професионалци за ментално здравје. Многу уживав во присуството на луѓето и просторот каде што се одржа настанот овде во Скопје и ви благодарам.
Во Македонија сте по повод промоцијата на документарниот филм Играј безбедно. Кажете ми повеќе за филмот.
Не би рекол дека го промовирам филмот, туку дека едноставно се обидувам да ги едуцирам луѓето за разните практики за намалување на штети, тоа да се постигне или директно преку филмот или пак да се поттикне разговор со здравствените работници и со родителите за како подобро да се вклучат младите и клиентите во дискусијата и во активностите.
По една година помината во предавања засновани на книгата Како да се забавуваш и да не умреш, низ САД и Канада, сфатив дека филмот би бил полесен за консумација, попристапен и посакуван медиум за студентите. Првично, во 2010 и 2011 година, заедно со екипа составена претежно од студенти снимав луѓе, исто така претежно студенти, додека ги користат најчесто консумираните дроги во универзитетите, секако на најбезбеден можен начин. Во случаи каде што не беше така, тогаш разговаравме како може дрогата да се користи побезбедно. Верувам дека тој филм, во ова технолошко време, е најефикасниот начин да се „посегне“ по секоја популација благодарение на интернетот. Мислам дека помладите учат особено полесно преку слушање и гледање наместо преку читање. Поточно, кога се предава за безбедно инјектирање или дека е потребно да се предизвика нагон за повраќање, визуелните помагала помагаат најмногу. Би рекол дека литературата може да биде комплементарен дел од секој филм. И обратно. Целта на Играј безбедно е да се создаде објективна, чесна, прецизна и едукативна алатка преку која ќе се учи како да се спречат прекумерното дозирање и заболувањата, без типичните пораки со кои се демонизираат или се глорификуваат дрогите.
Се чини дека работите како мисионер за намалување на штети. Мислите ли дека политиката за намалување на штети е повеќе прифатена денес отколку пред неколку години?
Наидов на добар прием со книгата, со филмот и со предавањата иако не се дел од мејнстримот и не го постигнаа експонирањето на кое се надевав со ваков вид дела. Сепак, да повторам, интернетот навистина помага, особено за пристапот до публиката. Планирам да продолжам со оваа работа. Ги охрабрувам сите други да создаваат дела на овие теми, особено во насока на едукација на јавноста.
Неопходно е да се намалат стигмата и табуто на овие теми, се надевам во насока на подобро разбирање на дрогите и нашиот однос со нив.
Додека одредени земји можеби назадуваат во моментов, во однос на пристапот до третмани за намалување на штети и реформи на политиките за дрога, верувам дека на глобално ниво вредностите зацртани со намалувањето на штети сепак се подобро прифатени сега отколку во минатото и дека всушност се движиме во добра насока, кон систем за третмани заснован на сочувство и на наука. Мислам дека повторно ќе дојде време кога сите дроги ќе бидат легални и дека луѓето кои имаат проблем со нив ќе бидат третирани како пациенти, а не како криминалци. Во овој контекст исто така верувам дека едукацијата, регулацијата и индивидуализираниот третман без предрасуди ќе ги намалат штетите за сите инволвирани страни.
Разговорот го водеше: Ирена Јовановска
Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.
Магазин “Дроги – Политики и практики”