Со тоа што ги истражуваат маргинализираните заедници и нивните судири со законот, социолозите и културните антрополози ризикуваат од страна на истражуваните да бидат сфатени како прикриени полициски информатори, а од страна на властите како соучесници во опишаните кривични дела, особено доколку одбијат да ги обелоденат идентитетите на своите соговорници. Една книга која е резултат на долгогодишно истражување на животот на ситни криминалци и дилери од неименувана афроамериканска населба во САД предизвика бура од реакции во однос на етичката позиција на авторката, но и на наводната невистинитост на нејзините тврдења кои не можат да бидат поткрепени со докази токму поради деликатната природа на темата.
„Во бегство: животот на одметнатите од законот во еден американски град“ (On the Run: Fugitive Life in an American City) е дебитантска книга на Алис Гофман, излезена во 2014 година. Таа е резултат на нејзино долгогодишно истражување на афроамериканска заедница во Западна Филаделфија, Пенсилванија, чии припадници, меѓу кои ситни дилери и луѓе кои имаат проблеми со законот, практично живеат во мини-полициска држава, под постојана закана од апсење, во испрекинати интервали меѓу краткотрајни престои во поправни домови и затвори, и релативна слобода. Гофман започнала да работи на темата уште кога имала 20 години и била студентка по социологија на втора година на Универзитетот во Пенсилванија. Но, подоцна се преселила поблиску до истражуваното маало кое во книгата се нарекува „Шеста улица“, па дури и поканила двајца од нејзините „информатори“ да живеат со неа како цимери. Иако повеќето етнографски проекти се завршуваат во текот на една година, Гофман минала повеќе од шест години на терен кој денес практично го смета за свој втор дом. Нејзините теренски белешки, кои ги чувала со опсесивно внимание, меѓу кои транскрипции на повеќечасовни разговори со оние кои ги интервјуирала, без интервенции – на крај изнесувале илјадници страници. Тие опишувале како постојаното влечење по судови, сослушувањата, полициската присмотра и сиромаштијата влијаат врз семејните и пријателските односи, насилството и воопшто квалитетот на животот на оваа заедница, односно како правниот систем доминира со животите на луѓето и систематски им ги ускратува можностите.
Во воведот на книгата Гофман ја истакнува својата централна теза – дека обемот на полициска контрола и апсењето во сиромашните афроамерикански населби го менувааат животот на заедницата на длабок и траен начин не само кога станува збор за младите луѓе кои се најистурената мета, туку и на членовите на нивните семејства, партнерите и соседите. По излегувањето книгата, доби генерално позитивни критики според кои Гофман направила суптилен портрет на луѓе кои се обидуваат да си ги сочуваат здравиот разум и достоинството во неолибералната капиталистичка Америка. Од страна на „Њујорк тајмс“ таа беше вброена во 100-те најдобри книги за 2014 година, а престижното списание „Њујорк ривју оф букс“ предвиде дека делото ќе стане „етнографска класика“.
Но, имаше и спротивставени мислења кои ја критикуваа книгата поради наводни фактички неточности и криминално однесување на авторката. Самото нејзино сведочење, од прва рака, на опишаните кривични дела (меѓу кои и еден заговор за убиство) според правниците од неа прават соучесник. Реакциите во и надвор од академските кругови предизвикаа бран преиспитувања на наводите на Гофман кои беа само делумно потврдени затоа што клучниот „доказ“, теренските белешки, таа по излегувањето на книгата ги уништила за да не можат да послужат како материјал при евентуален судски процес против неа или против кој и да е од спомнатите ликови во книгата.
Целиот случај поттикна дискусии за етичките граници на ваквите истражувања, на теми кои имаат врска со незаконски активности, во случајов поврзани со дрога и насилство. Довербата која ја стекнува истражувачот додека работи со одредена група луѓе не смее да биде компромитирана и, слично како и кај аналитичкото новинарство, истражувачот не смее да го открива идентитетот на своите извори. Но, од друга страна, авторитетот кој го има таа како претставник на (скапо) образованата бела класа, која пишува за животите на сиромашните црни луѓе без да ја земе предвид својата позиционираност како аутсајдер и привилегиран набљудувач (со други зборови, без ронка
„интелектуална понизност“) за многумина е сомнителен. Ваквите критичари не пропуштаат да го спомнат и фактот дека таткото на Алис, Ервинг Гофман, кој починал на 60 години од рак кога таа била дете, се смета за еден од најзначајните американски социолози на втората половина од 20 век, што нејзе ѝ обезбедува невидлива предност пред нејзините колеги.
Со оглед на блискоста со нејзините соговорници и големиот интерес за нивните животи, Гофман на моменти можеби и ја загубила потребната дистанца, па некои од работите кои и биле кажани ги зела здраво за готово, без можност да ги провери. Такви епизоди во книгата има најмалку две. Во едната таа тврди дека 11-годишно дете било осудено на три години условно откако било фатено како се вози на совозачко седиште во украдена кола. Во Пенсилванија сепак не постои таква пресуда ниту пак може да ја има со оглед на тоа што не постои закон според кој некој е виновен само затоа што бил фатен во украдено возило. Втората, многу подраматична епизода, се однесува на момент кога Гофман заедно со еден свој информатор отишла на посета во болница на неговата тукушто породена сопруга. Но, наместо на таткото да му биде овозможено да си го види детето, тој бил уапсен затоа што болницата наводно поседувала список на осомничени по кои трага Полицијата и веднаш го пријавила штом се регистрирал како гостин. Ова според многумина е исто така преувеличување на нештата бидејќи ниедна болница во САД наводно не соработува на овој начин со Полицијата, освен доколку станува збор за пријавување пациенти со рани од огнено оружје. Можно е и тоа информаторите на Гофман да преувеличувале или да претерувале кога раскажувале за ваквите настани за да ја импресионираат или да ги оправдаат своите дејства, практика која е прилично позната секому кој правел теренски интервјуа на која и да е тема. Целиот случај ги открива фундаменталните ограничувања на етнографијата како начин на истражување на маргинализираните заедници, особено на оние кои се во некаков судир со законот и институциите на системот.
Потребата од заштита на нивната приватност и идентитет претставува посебен предизвик за истражувачите кои, доколку доследно се држат до етичките принципи, немаат можност да ги верификуваат своите наоди. За просечниот читател тоа го претвора истражувањето во верзија на новинарство, креативно пишување и импресионистичко собирање податоци наместо систематско откривање на вистини. Кога Алис тврдела дека „била таму“, легитимното прашање гласело „зошто да ти веруваме?“ Од друга страна, можеби нејзиниот најголем „грев“ е што едноставно била чесна во однос на оние чии приказни сакала да ги раскаже.
Авторка: Илина Јакимовска
Илина Јакимовска е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ, УКИМ. Веќе цела деценија ја уредува и ја пишува рубриката за култура на порталот офф.нет.