Вчера, на Светскиот ден на здравјето, а во очи денешниот Меѓународен ден на Ромите, благодарение на кратењето на средствата од превентивните програми за ХИВ (Национална Програма за заштита на населението за ХИВ 2022) од страна на Министерство за здравство, Министерот Сали Беким, Владата на Република Северна Македонија и Премиерот Димитар Ковачевски, после 15 годишно постоење, моравме да го затвориме Дневниот Центар за намалување на штети од употреба на дроги во Шуто Оризари.
Овој центар, со средства од Глобалниот Фонд, го отворивме во далечната 2007 година, и оттогаш па сè до вчера беше единственото место каде Ромите кои употребуваат дроги и нивните семејства имаа лесен пристап до сите услуги со кои се обезбедува превенција од ХИВ, но и намалување на штети од употреба на дроги. Во овој центар нашите корисници добиваа основна (а често и единствена) медицинска грижа, добиваа информации и поддршка за нивните социјални и правни проблеми, можеа да си ги исперат алиштата, да се згреат во зима, да јадат кога се гладни, да испијат кафе или чај во пријателска, нестигматизирачка и недискриминирачка атмосфера. Тука бевме за нив кога се соочуваа со правосилна затворска казна или кога заради подобар живот пробуваа да одат азиланти по белиот свет, давајќи им потребни и корисни совети, а нашиот центар беше првото место каде доаѓаа кога излегуваа од затвор или се враќаа од странство, кога немаа документи за да добијат здравствено осигурување и терапија.
Овде доаѓаа нивните деца кога им требаше помош за на училиште, а тимот на ХОПС ги охрабруваше родителите да ги вклучат и да ги задржат нивните деца во образовниот систем.
Во време на Ковид пандемија, луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства во Шуто Оризари, единствен допир со системот го имаа преку ХОПС. Кога беа во изолација, а немаа терапија, кога имаа здравствени проблеми, кога преживуваа секакви форми на насилство, вклучително и родово засновано насилство, кога им пишуваа кривични налози заради прекршување на полицискиот час зашто излегле да се снајдат за храна, за роба или терапија, единствена помош добиваа од нашиот тим. Пристапот до здравствени услуги и така им е отежнат на овие луѓе, но во време на Ковид тоа се зголеми за многу пати. Мерките за ограничиување на јавниот превоз и тоа како тешко се одразија на луѓето кои живеат во Шуто Оризари, а кои се лекуваат од зависност, но тимот на ХОПС беше тука да се најде и во таквите моменти. Додека државната администратција „работеше од дома“ и земаше цела плата, нашиот тим во Шуто Оризари не престана со работа ниту еден ден, постојано на терен, делејќи хуманитарна помош обезбедена од нашите донатори и давајќи ги услугите, дури и по опасност за своето лично здравје. Кога започна мобилноста за вакцинирање, тимот на ХОПС ги демаскираше митовите за вакцината кои се ширеа со брзина на светлината, со цел што повеќе луѓе да се заштат од Ковид преку имунизација.
Нашиот тим беше со овие луѓе и во добро и во зло, заедно прославуваа убави моменти, како рожби или свадби, но и заедно тагуваа за изгубените животи во системот. Во овој центар мултикултурноста беше обележје, сите беа еднакви – иако толку различни.
ХОПС мораше да донесе премногу тешка одлука, и иако во 2017 година со транзицијата на финансирањето од Глобалниот фонд на Владата, споивме два други центри, само за да го задржиме центарот во Шуто Оризари, сега за жал пак бевме ставени во позиција да одлучуваме: дали да го затвориме најфрекфентниот и најпосетен центар во Кисела Вода, или да го затвориме многу потребниот центар во Шуто Оризари. Од денес, животот на луѓето кои употребуваат дроги во Шуто Оризари и околината нема да биде ист, но ХОПС ќе даде сè од себе во рамките на финансиските можности да продолжи со своите активности за превенција од ХИВ, други заразни болести, намалување на штети од употреба на дроги, социјална инклузија на нашите корисници преку теренски активности.
Три пати неделно, нашиот теренски тим составен од социјален работник и теренски работник, ќе ги посетува корисниците во нивните домови, живеалиште или привремени престојувалишта, каде нога на елитите не стапнува, два пати неделно со нашето возило ќе ги посетува и медицинско лице, а дел ќе опфатиме можеби и преку ДЦ Кисела Вода, но за жал во ваква ситуација многу е веројатно дека голем дел од луѓето кои инаку ќе дојдат во центарот сега нема да може да ги најдеме бидејќи немаат постојана адреса, немаат телефон, одат и доаѓаат… Но, тие секогаш знаеја каде да го најдат центарот во Шуто Оризари. ХОПС ќе даде сè од себе во следниот период да обезбеди средства за да отвориме нов, поубав дневен центар во кој ќе ги возобновиме сите услуги, а можеби и ќе додадеме нови. Но, од сè, загубата на здравјето, на човечките животи и губењето на човечките ресурси, за жал ќе биде недоместлива.
Со почит,
ХОПС
#ДомаќинскоРаботење #ЗаштедаОдЛуксузниКирии #ЗаштедаНаЛуксузниОбуки #НеЗаКратењеОдЗдравјетоНаЛуѓето