Овогодишното учество на ХОПС на Д-фестивалот ги надмина сите претходни“, вели Биљана Маџар од ХОПС, а нејзиното мислење го делат и нејзините колеги од организацијата кои беа дел од активностите од 12 до 14 јули во Дојран. И Биљана и нејзината колешка Благородна Коцева-Симјанов потенцираат дека во претходните две години ХОПС барал начин да им се приближи на младите и да ги информира и едуцира за злоупотребата на дроги и намалувањето на штетите од тоа.
Оваа година ХОПС им понуди повеќе едукативни настани под наслов „Дроги и музички фестивали“. Настаните вклучија: разговор со психолог; информации за намалување на штети од комбинирање на дроги; креативни изработки на тема (ре)употреби го умот; обраќање од психијатар на тема: „Канабис како потенцијал за лечење на анксиозност“, разговор со правник за правата при средба со полиција и сл. „Интересот на младите да зборуваат со психологот не изненади“, вели Биљана. „Не им пречеше да стојат пред шаторот и да чекаат дури и по еден час за да влезат и да поразговараат. Ова се нови генерации кои очигледно се поотворени за ваков тип активности“, додава таа. За два дена, помеѓу 30 и 40 млади биле на разговор со психологот, индивидуално или групно. На почетокот тие пополнуваат прашалник, а потоа разговараат со стручното лице.
„Кога ја закачивме таблата на која имаше табела со дроги и нивни комбинации, младите покажуваа интерес од дистанца“, раскажува Благородна. „На почетокот по некоја фотографија од далечина, а како поминуваше времето почнаа да се приближуваат за подобро да ги видат информациите за на крај да се опуштат и да разговараат за тоа со нас“. Таа вели дека ваквите контакти со младите за нив се особено корисни затоа што на тој начин и тие собираат информации кои потоа им помагаат да го прилагодат својот пристап.
Креативниот тим им помогнал на учесниците креативно да се изразат преку изработка на маски и други рачни изработки за кои користеле пластични шишиња и друг вид отпад од фестивалот. „Сметаме дека го најдовме вистинскиот начин да дојдеме до младите на фестивалите, да ги вклучиме во едукативни и информативни разговори и да помогнеме да се намалуваат штетите предизвикани од дроги“, вели Биљана.
Учеството на ХОПС на Д-фестивалот беше дел од проектот „Креативна акција за општествени промени: Граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик“, што финансиски го поддржува Цивика мобилитас.
На овој ЛИНК прочитајте го вториот број од списанието „Граѓаните за промена“.