Во мај 2018 година беа објавени резултатите од Глобалната анкета за дрогиза истата година. Ова беше седми циклус во кој се спроведува Глобалната анкета за дроги, а за нас е особено интересен затоа што овојпат беше направен посебен преглед за Балканот како регион, во голем дел благодарение на балканската група која се погрижи за поинтензивна промоција на анкетата. Вообичаено Глобалната анкета за дроги нема практика да прави анализи по држави или по региони. Сите досегашни детални извештаи се однесуваат на општата состојба во светот.
Седмиот циклус на Глобалната анкета за дроги почна да се спроведува во ноември 2017 година и продолжи во 2018 година. Оваа анкета ја пополниле повеќе од 130 000 испитаници од 44 држави, од кои околу 2 000 испитаници се од Балканот. Од овие 2 000 испитаници 38,2 % се жени, што е повеќе од глобалната застапеност каде што има 34,2 % испитанички. Според возрасна структура 58,8 % испитаници од Балканот се помлади од 25 години, додека во глобални рамки 53,3 % испитаници се под оваа возрасна граница. (Видете: Графикон 1)
Од резултатите на анкетата може да се забележи дека нема голема разлика во практиките за употреба на дроги на Балканот и во светот. Така, 45 % од испитаниците на Балканот и 43 % од испитаниците во светот изјавиле дека секој месец употребуваат нелегални дроги. По 2 % испитаници и од Балканот и од целиот свет изјавиле дека најмалку еднаш во својот живот инјектирале дроги.
Од податоците кои се однесуваат конкретно на Балканот може да се забележи дека луѓето од овие краишта најчесто искуство имаат со употреба на алкохол (98,7 % од испитаниците), а потоа со употреба на тутун (58,8 % од испитаниците). Искуствата со употреба на канабис се на трето место, со 53,8 %. Меѓу позастапените дроги се и: МДМА (31,8 %), кокаин (25,8 %), ЛСД (18,2 %), халуциногени печурки (17,6 %). Искуство со хероин имаат 4,2 % од испитаниците од Балканот опфатени со Глобалната анкета. (Видете: Графикон 2)
Анкетата покажува дека во текот на годината која му претходи на истражувањето 0,9 % од испитаниците од целиот свет побарале итна медицинска помош поради употреба на алкохол, додека поради употреба на канабис итна медицинска помош побарале 0,6 % од испитаниците, а исто толкав процент од испитаниците побарале помош и поради употреба на МДМА.
Интересно е да се забележи дека трендот на употреба на новите психоактивни супстанции на Балканот (4,3 %) е сѐ уште многу помал во споредба со трендовите во земјите од Западна и Средна Европа. Сепак, треба да се земе предвид и тоа дека поради рестриктивните политики за дроги трендовите за употреба на новите психоактивни супстанции лесно се шират, а политиките за дроги во балканските држави овозможуваат особено добра почва за тоа. (Видете: Графикон 3)
Овде се изнесени само мал дел од наодите од Глобалната анкета за дроги. За повеќе податоци за 2018 година или за претходните години посетете ја страницата на интернет: https://www.globaldrugsurvey.com.
Вања Димитриевски