Загрижени од растечките трендови на употреба на психоактивни супстанции меѓу малолетниците во Македонија и посветени да изнајдат соодветни решенија во интерес на децата, повеќе институции и организации на 22 септември 2017 година формираа Национално координативно тело за деца кои употребуваат дроги.
Координативното тело е составено од номинирани претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, Народниот правобранител, УНИЦЕФ, Црвениот крст на Република Македонија и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Преку формирањето на Координативното тело, членовите ја нагласија потребата за меѓусебна размена на информации и засилена соработка заради унапредување на механизмите за следење на состојбата со употреба на дроги меѓу малолетници, како и за превенција, за контактирање, за лекување и за ресоцијализација на децата кои употребуваат дроги.
По првата средба, Националното координативно тело ги генерираше следините препораки:
- Почнувајќи од 2018 година, унапредувањето на грижата за децата кои употребуваат дроги треба да биде меѓу приоритетите на сите засегнати институции и организации, во рамки на надлежностите, вклучувајќи и конкретни активности во годишните програми за работа.
- Засегнатите страни треба да го идентификуваат решавањето на ова прашање во своите препораки за приоритети на ИПА-2 механизмот.
- Министерството за здравство треба да го усвои протоколот за лекување на малолетници кои употребуваат дроги, како прв чекор врз чија основа би се развивала сеопфатна програма, вклучувајќи активности во надлежност на останатите институции и организации.
- Министерството за труд и социјална политика, при ревизијата на Законот за семејство да ги има предвид спецификите од оваа проблематика, пред сè поврзани со добивање на согласност за отпочнување на здравствена нега и социјална поддршка во интерес на овие деца.
Националното координативно тело за деца кои употребуваат дроги ќе продолжи со редовни средби и навремено ќе ја известува јавноста за тековните промени.