Во периодот од 18 до 22 мај, здруженијата на граѓани ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување организираа студиска посета во Република Хрватска, чија цел беше да се стекнат информации и знаење за механизмот на финансирање на програмите за превенција на ХИВ/СИДА. Учесници на посетата беа претставници од клучните институции и министерства што се надлежни за ова прашање во Македонија: Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Град Скопје, Одделението за имплементација на проектот за превенција на ХИВ/СИДА од Глобалниот фонд при Министерството за здравство, една пратеничка во македонскиот Парламент, како и по еден претставник од здруженијата на граѓани ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, „ХЕРА“ и „Заедно посилни“.
Беа посетени клучните институции и министерства што финансираат програми за превенција и за третман на ХИВ/СИДА во Република Хрватска: Министерството за здравство, Канцеларијата за дроги при Владата на Република Хрватска, Град Риека, како и четири здруженија на граѓани што спроведуваат програми за превенција на ХИВ/СИДА – Црвен крст на Република Хрватска, „HUHIV“ Загреб, „Искорак“ Загреб и „Тера“ Риека.
Домаќин на студиската посета и коорганизатор на состаноците во Загреб беше Црвениот крст на Хрватска.
Главни заклучоци
Финансирање од Буџетот на Владата на Република Хрватска
Република Хрватска беше корисник на само еден грант од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија во периодот 1.12.2003–30.11.2006 година. По завршувањето на тој грант во 2006 година, Министерството за здравство ги презеде обврските за финансирање на веќе воспоставените програми.
Во Хрватска постојат 10 програми за размена на стерилен прибор за инјектирање. Четири од нив ги спроведува Црвениот крст на Хрватска. Ние посетивме две програми – Програмата на Црвениот крст во Загреб и Програмата на „Тера“ во Риека. Сите програми се финансираат од страна на Министерството за здравство на Република Хрватска со можност за дополнително финансирање од локалните самоуправи. Процесот на финансирање се одвива на следниов начин. Министерството распишува повик до здруженијата на граѓани за реализирање на програми од областа на здравството чии содржини се однесуваат на спроведување национални стратегии, планови и програми во рамките на расположливите средства од државниот Буџет и од дел од приходите од игри на среќа. Во склоп на овој повик постојат пет видови на приоритетни активности, односно мерки што се финансираат.
Од нив, четири мерки се однесуваат на ХИВ, а две на превенција на ХИВ кај лицата кои употребуваат дроги, и тоа: Мерка 1.: исклучително наменета за финансирање на програми за намалување на штети, односно програми за размена на стерилен прибор за инјектирање и Мерка 2.: активности за превенција на ХИВ меѓу популацијата под најголем ризик (зависници од дроги, лица со ризично сексуално однесување).
Мерката 3. е превенција на ХИВ меѓу адолесцентите, а мерката 5. се програми за психосоцијална поддршка на лицата кои живеат со ХИВ, како и активности за дестигматизација на хомосексуалната популација во насока на превенција на ХИВ. Единствено мерката 4. не е поврзана со ХИВ и таа се однесува на финансирање на програми за психосоцијална помош на децата со малигни заболувања.
За секоја од овие мерки се предвидени посебни финансиски средства и здруженијата на граѓани можат да аплицираат за проекти чиј буџет треба да се движи меѓу 100.000,00 куни или 13.211,00 евра како најмал износ и 1.000.000,00 куни или 132.211,00 евра како максимален износ на годишно ниво. Ова се предвидените средства за 2013 година. Една организација може да се пријави најмногу во 2 програми, што значи дека за превенција на ХИВ меѓу лицата кои употребуваат дроги е можно да се добијат максимално 2.000.000,00 куни или 264.422,00 евра за една година. Посебна карактеристика на овој хрватски модел е што распишаниот конкурс се однесува за 3 години така што здруженијата на граѓани добиваат финансиска сигурност дека програмите ќе можат да ги спроведуваат континуирано 3 години неоптоварени со постојано аплицирање за проекти и барање на финансиски средства, иако технички тие потпишуваат договори секоја година посебно.
Основни критериуми за конкурирање на овој повик се:
- Здружението на граѓани мора да биде регистрирано во согласност со Законот за здруженија на Република Хрватска;
- Здружението на граѓани да биде регистрирано во Регистарот на здруженија и активно да спроведува проекти во областа на здравјето најмалку 3 години;
- Здружението треба води уредно и транспарентно финансиско работење во согласност со Законот за сметководство на непрофитни организации;
- Здружението во потполност и во редовен рок да ги исполнило сите преземени обврски за претходно доделените средства од Буџетот на Владата.
Во просек, 90% од Буџетот наменет за финансирање на овој повик се обезбедуваат од средствата добиени од игрите на среќа.
Надлежните во Министерството за здравство истакнаа дека постои партнерство и меѓусебна доверба меѓу нив и здруженијата на граѓани, и дека евентуалните проблеми во реализацијата на програмите ги решаваат партнерски преку телефон, а не преку бирократски методи на официјално барање на состаноци, нивно одобрување итн.
Од страна на посетените здруженија на граѓани беше истакнато дека не се целосно задоволни од висината на финансиските средства што ги добиваат од Министерството за здравство, а како клучен проблем го потенцираа тоа што средствата најчесто ги добиваат со задоцнување од 4 до 5 месеци.
Сепак, и покрај овој вид на проблеми, здруженијата исто така го потврдија постоењето на партнерски однос меѓу нив и Министерството за здравство.
Финансирање од локална самоуправа
Градот Риека е интересен пример затоа што иницијативата за финансирање на Програмата за размена на прибор за инјектирање дошла токму од локалната самоуправа, а не од некоја фондација. Имено, во 2000 година, по иницијатива на Градот, веќе етаблираното Здружение на граѓани „Тера“ ја започна првата Програма за размена на стерилен прибор за инјектирање и превенција на ХИВ меѓу лицата кои инјектираат дроги во Риека.
Оттогаш, па до денес, локалната самоуправа постојано одвојува финансиски средства за програми за зависности во чиј склоп се и програмите за намалување на штети, односно размена на стерилен прибор за инјектирање.
Специфично е што оваа Програма не се состои само од размена на прибор за инјектирање, туку и теренска работа, психосоцијална поддршка и едукација.
Начинот на финансирање е преку конкурирање на повикот кој го распишува Град Риека на почетокот на секоја година. Во повикот се наведени повеќе области, меѓу кои и областа на зависности. За тековната година, Град Риека за Програмата за намалување на штети на „Тера“ одвојува 120.000,00 куни или приближно 16.000,00 евра.
Поради проблеми со менаџирањето на Град Загреб и судската постапка против градоначалникот и некои негови соработници, македонската делегација не успеа да закаже посета со претставници на Град Загреб за да се информира за начините на финансирање на програмите за превенција на ХИВ.
Како и да е, посетените здруженија на граѓани спомнаа дека постои можност за аплицирање на проекти за превенција на ХИВ до Град Загреб. Вообичаено висината на овие финансиски средства е прилично помала од финансиската поддршка што ја дава Министерството за здравство, но сепак постои можност за дополнување на постоечките активности.
Влатко Деков